Децата со силна сопствена волја се вистински предизвик за дисциплинирање. Едноставните барања за кратко време преминуваат во вербална борба, во која не помага никакво вразумување. Во тие моменти може да изгледа дека нема казна која би влијаела врз вашето дете. Но, кога се работи за дисциплина – за да се пренесат суштинските вредности на децата, казната не е опција. Сепак, поставувањето на граници – е.

„Ако имате дете што се инаети и не слуша, не сака да биде ограничувано, признајте дека немате контрола над неговиот карактер, но имате контрола врз начинот на кој ќе научи“, вели едукаторката Шерон Силвер, автор на книгата „Престанете да реагирате и почнете да одговарате“. Накратко, не можете да го промените карактерот на детето, но можете да направите приспособувања за децата да имаат можност да научат какви се самите и да се обидуваат да бидат најдобрата верзија од себеси во рамките на границите што вие ќе ги поставите.

Како да ги креирате тие граници? Според Силвер, првото приспособување се состои од тоа да бидете целосно јасни дека нема да се откажете од својот авторитет.

– Повлекувате линија без разлика на емоциите, која не може да се премине. Кога вашето дете се лути и вика или се однесува агресивно, покажете му каде е таа линија. Бидете возрасниот кој ја презема контролата врз ситуацијата. Кажете: „Гледам дека си лут. Со која бројка од еден до десет можеш да ја означиш твојата лутина? Што можам да направам за да се чувствуваш подобро? Ти треба време да земеш воздух или да се прошеташ? Сакаш ли да зборуваме за тоа? Овој пристап му овозможува на детето да има чувство дека е сослушано – вели Шерон.

Следниот чекор е да се постават јасни правила. „Како семејство, треба да седнете – во нормално време, а не по конфликтот – и да креирате правила. Овие правила се три едноставни правила кои имаат улога на насочување и да ги поставите границите за однесувањето кое ќе се применува за сè: пријателства, училиште, домашен живот и однесување во јавност“, вели Силвер. Овие три правила се да се биде безбеден, љубезен и да се однесува со почит. Разјаснете му го ова на детето ако неговото однесување не е безбедно, љубезно и со почит, или пак несоодветно.

Постои и една забелешка: Со цел овие правила да бидат ефективни алатки за учење за вашите деца, морате и вие исто така да ги практикувате. Ги третираме другите на начинот на кој и нас нè третираат. „Добра е идејата во фокусот да бидат безбедноста, љубезноста и почитта, бидејќи тоа се однесува на секого“, објаснува Силвер.

– Ако детето вреска: „Не слушам“ или „Те мразам“ – и вие го прекинете, тогаш веднаш навлегувате во вербална борба. Не прекинувајте го. Не викајте. Не однесувајте се агресивно по нивното, исто така, агресивно однесување. Тоа креира непријатели во конфликт, а вие не сте му непријател на вашето дете. Како возрасна личност која научила што значи безбедност, љубезност и почит, не е ваша одговорност да навлезете во центарот на бурата и да излезете на другата страна со вашето дете – вели Силвер.

Уверете ги. Кажете: „Секогаш сум тука за тебе. Слушам. Јас сум твој родител и тоа ништо нема да го промени. Кога не можете да се контролирате себеси, а вие сте авторитетот во животот на вашето дете, тогаш како можете да очекувате тие да се контролираат самите?“

Клучот во тие моменти е да го третирате детето како индивидуа – личност со развиен карактер на која постојано ѝ влијаете, но не ја контролирате. Не се работи за форсирање во однос на тоа да го јадат зеленчукот на вечерата или да ги споделуваат играчките, или да ја напишат домашната работа. Запаметете дека ваша работа е следната: Да воспитате и да го научите детето, а и да го охрабрите да се развие во добар човек кој има способност да води добар живот.

Автор: Лорен Стил



912

X