Игротека

Како влијае читањето иста книга секоја вечер врз детето?

Ако сте родител на мало дете, веројатно ја знаете вечерната рутина наизуст: капење, пижами, миење заби и на крај, приказна за добра ноќ. Можеби имате цела полица со книги, но вашето дете инсистира само на една. И тоа секоја вечер. Недели. Понекогаш и месеци.

На родителите ова може да им биде заморно. Но за детето, повторувањата се од голема вредност бидејќи тие создаваат чувство на сигурност, градат самодоверба и го поттикнуваат раното развивање на читачките вештини.

– Децата почнуваат да ги поврзуваат сликите со зборови, развиваат чувство за рутина и доживуваат сигурност и поврзаност со вас – објаснува развојниот психолог Ализа Пресман, авторка на книгата „Твојот водич за одгледување добри луѓе“.

Децата ја сакаат рутината затоа што им дава сигурност

Малите деца напредуваат кога имаат структура. Систематска анализа на 170 истражувања спроведени од 1950 до 2020 година покажала дека рутините позитивно влијаат врз детскиот развој, од когнитивно и емоционално здравје до подобри социјални и физички способности. Освен тоа, рутините го штитат детето во стресни околности.

Иако научниците сè уште го истражуваат механизмот преку кој рутините го поттикнуваат развојот, јасно е дека им даваат на децата нешто што ретко го добиваат – чувство на контрола. Во свет каде што возрасните ги носат сите одлуки, рутината му дава на детето рамка во која може да се чувствува побезбедно и помоќно.

Секогаш кога детето бара утеха и сигурност, природно ќе посегне по нешто што му е познато и предвидливо. Ако го препознаете тоа и му го дозволите, станува збор за многу чувствителен и поддржувачки родителски пристап.

Повторувањето ги развива јазичните вештини

Рутините, вклучително и повторувањето приказни или песнички, му помагаат на детето во развојот на јазикот, истакнува професорката Дебора Велс Роу од Универзитетот „Вандербилт“.

– Тие предвидливи заеднички активности со текот на времето стануваат основа за учење различни вештини. И тоа не важи само за сложени книги. Дури и кај едноставните сликовници децата секојпат можат да забележат нешто ново – објаснува Роу.

Со текот на времето децата подобро ги разбираат приказната и ликовите, учат да препознаваат емоции и да предвидуваат смешни делови. Додека на родителот сè му изгледа веќе видено, за детето тоа е можност за подлабоко разбирање. На крајот, многу деца паметат цели делови од текстот и „го читаат“ со родителот, што им дава чувство на успех.

Како да го преживеете читањето иста книга повторно и повторно?

Пресман и Роу признаваат дека за родителите тоа може да биде напорно, но имаат неколку совети:

Активно вклучете го детето во читањето – Следете ги зборовите со прст додека читате, покажувајте ги сликите, поставувајте прашања. Замолете го детето да ви чита на ниво што му одговара.

Следете го напредокот – Иако книгата не се менува, детето расте. Можеби на почетокот ќе ја допира сликата од зајакот мислејќи дека е вистински, а подоцна ќе го покаже кога ќе го прашате. Еден ден можеби само ќе го покаже зборот „зајак“ затоа што знае да го прочита.

Ако ве нервира, направете пауза – Слободно тргнете ја книгата на некое време. Детето ќе си најде нова омилена. Не сте лош родител ако ви е доста.

И запомнете: колку и да трае оваа фаза, не е вечна. Наскоро вашето дете само ќе ги чита омилените книги, а вам можеби ќе ви недостигаат вечерните заеднички читања.

Извор

Поврзани написи

To top