Воспитување

Каде завршува забавата? Ниту најмалите деца не се поштедени од зависноста од видеоигри

На кинеските деца до 18 години ќе им биде дозволено да играат видеоигри на интернет по еден час во викенд и за време на празници. На државно ниво, тие го намалија времето што малолетниците можат да го поминат играјќи онлајн игри како одговор на растечката загриженост за проблемот со зависноста од таква содржина.

-Нивното искуство покажа дека родителите не препознаваат навреме оти нивните деца се зависни од играње видеоигри бидејќи тие главно не го доживуваат долгото седење пред екран како болест и аларм на кој треба да реагираат. Ова не е проблем само во Кина, туку и во целиот свет, вклучително и во Европа – изјавил д-р Ранко Рајовиќ, доцент на Педагошкиот факултет во Копер, каде што предава невронаука во образованието.

Тој објаснува дека децата брзо стануваат зависни, а дека не се поштедени ниту најмалите. Такво нешто, вели тој, не е природно или здраво, особено за развој на мозокот.

Како се создава зависност?

-Кога ќе се помине првото ниво, детето доживува одредена награда и е среќно. За минута ќе започне ново ниво на играта и чека нова доза среќа (ендорфин), а пред тоа има исчекување (допамин) дали ќе го премине новото ниво и ќе доживее успех. Овие чувства се менуваат повеќе пати во период од 10 минути, што е кратко и не е природна состојба. Токму така се создава зависноста – објаснува Рајовиќ.

Тој наведува дека помалите деца многу брзо и полесно можат да станат зависни од онлајн игрите.

-Потребна е околу една недела за шестгодишно дете да стане зависно. Знаат и да се затворат во тоалет или соба и да си играат половина час подолго од договореното со родителите. Тие лесно можат да бидат измамени. Не е ништо ново за родителите да имаат тeшкотии да ги контролираат – вели тој.

Наведува и дека во едно истражување со проф. М. Ружиќ, проверувал во кој период тинејџерите биле активни на интернет и на телефон.

-Инсталиравме програма на телефоните на децата за да видиме кога се активни. Излегува дека повеќето деца го користат телефонот од еден до три часот наутро, кога родителите спијат. Затоа е тешко да се контролираат – објаснува тој.

Рајовиќ додава дека друга глобална студија покажала оти пасивноста предизвикува мозокот да се развива побавно и дека тоа е тесно поврзано со часовите поминати во играње игри.

-Една американска студија покажа дека играњето видеоигри на долг временски период ги намалува длабоките региони на мозокот, кои се поврзани со когнитивните процеси. Ова го оштетува мозокот или го забавува неговиот развој, особено кај децата во развој. И не само тоа, туку и моториката на децата е послаба поради играњето игри, а им опаѓаат и вниманието и концентрацијата. Се појавува и нов когнитивен проблем, а тоа е хипервнимание и недостиг на длабоко внимание, што станува голем проблем – додава тој.

Д-р Рајовиќ понатаму вели дека родителите треба да бидат свесни оти тие ги воведуваат правилата, а не децата.

-Родителите треба да се едуцираат. Треба да бидеме свесни дека околината влијае врз развојот на мозокот, а не родителите тоа да го форсираат со тоа што сакаат што поскоро да ги описменат информатички децата, или со тоа што ги водат на низа активности. Мозокот најмногу се развива на возраст од пет, седум и 12 години, главно преку движење, а не со прекумерно образование. Ако нема движење, мозочните региони се помалку поврзани. Неопходно е да се носат децата во паркови, каде што има угорници, удолници и препреки.

Заедно со движењето важни се и игрите за развивање длабоко внимание („Не лути се, човеку“, шах), бидејќи така ги подобруваме нивните когнитивни способности – нагласил Рајовиќ.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top