На територијата на Република Македонија има вкупно пет регионални центри за лица-жртви на семејно насилство (до 1 година) и еден Центар за згрижување жртви на семејно насилство за 24, односно 48 часа. Што можат да преземат роднините, соседите, познајниците и сите други граѓани кога ќе посведочат семејно насилство?

Институциите потфрлиле кога најневино човечко битие, 14-месечно бебе, поради непоимливи дејства, завршило на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, вели професорот Емил Сулејмани, доктор по социјални науки. Каде потфрли системот за севкупна заштита кога малото девојче, со тешки физички повреди, скршеници на нозете и на главата, крвавење во мозокот, секој ден се соочува со нов здравствен проблем на Клиниката за детска хирургија во Скопје? Уште повеќе што и нејзината 20-годишна мајка му била позната на системот, како дете без родители и родителска грижа и до пред две години добивала финансиска помош токму од системот? Дали официјалните соопштенија на институциите дека таа никогаш не пријавила насилство може да се прифатат како изговор за сè што се случило?

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска деновиве неколкупати јавно потенцира дека во поранешната држава постоел силен систем за социјална заштита кој со децении се уривал. Таа вели дека со сите релевантни ресори се обидуваат да стават на шина систем кој ќе профункционира за сите граѓани. Според Царовска, институциите за социјална заштита немаат капацитет затоа што од 1.000 вработени само 500 се стручен кадар.

– Преостанатите се вработени што не знаат да работат со луѓе и не смеат да работат со луѓе. Има други соодветни места каде што треба да бидат ставени да работат. Но, тие се тука, во системот, за кој знаеме дека многу години наназад се уриваше. Ова што се случува сега само станува јавно. Константно се случува, постојано. Нашето општество има традиција на насилно воспитување и однесување. Токму на тоа работиме на различни нивоа, преку образовниот, здравствениот, социјалниот систем. Мајката му била претходно позната на системот, не како насилник, туку како дете без родители и родителска грижа и таа е растена низ системот, кој очигледно заглави на многу нивоа. Затоа се сите овие реформи – рече Царовска за медиумите.

Што преземаат социјалните служби?

Според професорот Сулејмани, ова што се случи е резултат на супстандардни услови во кои живеело семејството. Потфрлиле финансискиот, едукативниот, образовниот елемент.

– Нашето општество не е имуно на вакви појави. Станува збор за изолирани случаи, од кои не можеме да заклучиме дека општеството оди во надолна линија. Клучна улога во сè има семејството, дали е нуклеарно или конјугално. Образованието е главната спојка на сите овие несакани елементи и еден од клучните фактори за елиминирање на девијантните појави. Овие случаи се многу болни и секогаш на прво место е хуманоста. Како човек, не можам да бидам индиферентен. Но, од социолошки аспект, на нив мора да гледам како на исклучоци – вели тој.

Според Сулејмани, институциите мора да бидат поажурни кон оваа група граѓани. Постојат вакви случаи и во едно развиено општество, но со перманентна работа и ажурирање на податоците мора подетално да се врши контрола на сите што се дел од тој систем на социјална заштита.

– Институциите потфрлиле кога најневино човечко битие, 14-месечно бебе, поради непоимливи дејства, завршило на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – вели Сулејмани.

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) за Деца.мк објаснува какви конкретни мерки презема Центарот за социјална работа за да ги заштити жртвите во случаи на семејно насилство:

– Мајката и детето се сместуваат во Центар за лица-жртви на семејно насилство. Потоа се обезбедува соодветна здравствена заштита, психо-социјална интервенција и третман, правна помош и застапување, економско јакнење на жртвите, помош за редовно школување на детето. Во овој случај детето е веќе во надлежност на МТСП и ние ќе ги преземеме сите потребни мерки за да му помогнеме за здрав раст и развој. Истрагата што понатаму ќе ја водат МВР и другите институции ќе покаже како ќе се постапува со мајката – велат до службата за односи со јавност при Министерството.

Како да пријавите семејно насилство

На територијата на Република Македонија има вкупно пет регионални центри за лица-жртви на семејно насилство (до 1 година) и еден Центар за згрижување жртви на семејно насилство за 24, односно 48 часа. На прашањето што можат да преземат роднините, соседите, познајниците и сите други граѓани кога ќе посведочат семејно насилство, од Министерството велат дека во согласност со Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, секој граѓанин е должен да пријави до полициска станица, центар за социјална работа, здружение или на СОС-линија за семејно насилство.

– Пријавата може да биде и анонимна. Врз основа на пријавата, надлежната институција каде што е пријавено насилството е должна да постапи итно и со должно внимание. За жал, често се случува семејното насилство да остане непријавено, ниту од соседите ниту од жртвите. На ова интензивно работиме и минатата година донесовме неколку важни решенија за подобрување на состојбите – објаснуваат од Министерството.

Кога детето им се одзема на родителите?

На прашањето во кои случаи детето им се одзема на родителите и каква е неговата понатамошна судбина, од Министерството појаснуваат:

– Центарот за социјална работа е должен да преземе потребни мерки заради заштита на личноста, правата и интересите на детето.

– Секој граѓанин, орган и правно лице се должни да го известат Центарот ако дознаат дека родителот не го врши родителското право или дека од други причини е потребна заштита на самото дете.

– При пријава, Центарот за социјална работа ги предупредува родителите на недостатоците во воспитанието и развојот на детето и им помага правилно да го развиваат и воспитуваат, а може да ги упати тие сами или заедно со детето да посетат соодветно советувалиште или некоја друга установа која може да им даде потребен совет.

– Доколку Центарот утврди дека е потребно, може да донесе и решение за надзор на вршењето на родителското право врз детето од страна на родителите.

– Центарот за социјална работа со решение може да му го одземе детето на едниот и да му го довери на чување и воспитување на другиот родител, на некое друго лице или на соодветна установа. Оваа одлука се донесува кога родителите, односно родителот кај кого живее детето го запоставува во поглед на чувањето и воспитувањето или кога постои сериозна опасност за неговиот правилен развој и одгледување.

– Во интерес на децата што им се одземаат на родителите е тие да бидат сместени во згрижувачко семејство, нешто на што МТСП посветено работи. Наша цел е да нема деца во институциите, туку да бидат сместени во згрижувачки семејства каде што има семејна атмосфера и услови за здрав раст на детето.

Како жртвите навреме да го пријават насилството?

Кога веќе интервенираат службите на МВР и на Министерството за здравство, најчесто жртвите на семејно насилство се во тешка ситуација. Кој е најдобриот метод на заштита и како таа да стигне до тие на кои најмногу им е потребна? Од МТСП велат дека превенцијата од насилство е најдобрата алатка за надминување на ваквите состојби.

– Затоа преземаме активности за да се подигне свеста за препознавање на насилството и охрабрување на жртвите навреме да го пријавуваат. Тука се непосредното опкружување на жртвата, матичните доктори, воспитувачките и сите оние што имаат непосреден контакт со децата. Сите се должни секое сомневање за можно насилство да го пријават во соодветните служби на центрите за социјална работа. Клучната алка е мултисекторски одговор на образованието, здравството, социјалната заштита и Министерството за внатрешни работи за да се решат системските недостатоци во превенцијата и заштитата на децата од насилство, запоставување и злоупотреба – велат од МТСП.

Во меѓувреме, народниот правобранител деновиве реагираше и побара социјалните работници повеќе да бидат на терен со загрозените семејства отколку да седат во канцеларија. Во моментот на бебето му е назначен старател, а мајката е во згрижувачки центар. Наташа Станојевиќ, директорка на скопскиот Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, во емисија на телевизијата „Нова“ рече дека според законот, мајката може таму да престојува три месеци, рок кој може да се удвои.

– Во тој период стручните служби ќе работат со неа и ќе најдат соодветно место каде што таа ќе биде згрижена за да не се врати во семејството каде што бил насилникот. Мајката активно соработува, бара психо-социјална поддршка и сака да разговара. Бара да остане таму, не сака да се врати во семејството на вонбрачниот партнер, ниту кај своите браќа. Социјалните работници ја следеле, таа никогаш не пријавила дека е жртва на семејно насилство – рече Станојевиќ.



912

X