Неодамна излезе еден интересен напис за девојче што ја поседува најлуксузната игротека во светот, а која ја изградиле нејзините родители. Го читав текстот и се прашував: А зошто? Точниот одговор не можеме да го знаеме, тоа го знаат само нејзините родители. На прашањето зошто, одговорот го најдов во написот:

„Сон на секое дете е да има соба уредена според ликови од цртаните, книга или од филм. Момчињата сакаат море, морнари, гусари и истражувачи, а девојчињата принцези, самовили, сирени и неизбежната Барби. И додека повеќе деца ќе бидат презадоволни ако добијат соба во боја што ја сакаат, Мили Бели Дајмонд, 4-годишно девојче од Квинсленд во Австралија, всушност живее живот за кој многу девојчиња, а и жени, можат само да сонуваат“.

Написот ме поттикна на размислување и барање одговори на прашања што си ги поставуваме сите ние што имаме деца. Што и колку треба да му дадеме на детето? Најчесто под тоа се подразбираат материјални работи.

Во денешно време ситуацијата е таква што родителите сè подолго остануваат на работа и сè помалку време наоѓаат за децата и за семејството. И со материјалните работи да се обидуваат да го надоместат „изгубеното“. И што се случува потоа? Детето создава навики за добивање, а со тоа се зголемуваат и желбите и навиките.

Секако дека сите ние сакаме на детето да му го купиме тоа што го сака или му се допаѓа. Секако дека на детето треба да му задоволиме некои желби. Кои желби да му ги задоволиме? Колку да му дадеме и што да му дадеме? Или да му купиме? Треба ли да му купиме нешто или да му го подариме своето време? Каде се границите? Тука се испреплетуваат материјалните и духовните вредности на воспитувањето. Може ли материјалното да ги надомести љубовта, вниманието, моментот на заедништво? Универзален одговор нема, како ни рецепт за воспитување зашто секој родител и секое дете се индивидуални суштества. А родителот е тој што сноси одговорност за своето дете, му ги поставува вредностите, го учи за животот, развива животни вештини.

Берење грашок – пат до учење на одговорност

Ќе ви раскажам една случка од моето детство. Моето семејство има голема градина. Секој јуни почнуваат засилени работи во градината, а мене најомразена ми беше бербата на грашок. Месец јуни, тамам заврши учебната година и ми завршија обврските. Имам слобода колку што сакам. Другарките ме викаат да одиме на игралиште, а јас морам во градината да чистам грашок. Значи, мојата сестра, мојот брат и јас моравме да одиме во градината. Нагласувам моравме зашто немавме избор, зашто мама така рече.

Секако, можев да одам на игралиште, но откако ќе се завршеше работата. Во тоа време, како дете, секако дека и јас сакав голема розова соба само за мене, голем ТВ, куп играчки, најубавите фустанчиња и сл. баш како девојчето од написот. Но, јас морав да одам во градината. Толку бев револтирана, што еднаш ѝ реков на мајка ми дека ќе станам министер за земјоделство и ќе донесам закон во кој на децата ќе им биде забрането да работат во градина. А таа ми одговори: „Може, само ти стани министер. Јас те поддржувам“.

Тогаш ми беше грозно зашто моите желби не беа моментално исполнети и не добивав сè што сакав, а и имав обврски што тогаш ништо не ми значеа. Но ѝ значеа на мојата мајка во воспитувањето. Денес на тоа гледам поинаку. Тоа беа мали чекори кон одговорно однесување. А се сеќавам и на оние весели моменти. Разговаравме, се смеевме, пеевме „Грашкоград“, т.е. бевме заедно. Зошто е тоа важно? Мама нè учеше на заедништво, одговорност, извршување на должностите, оттргнување од моменталните желби, ни развиваше темелни животни вештини за кои знаеше дека ќе ни бидат потребни подоцна во животот. Не беше во прашање дали таа сама можеше да ја заврши бербата на грашокот. Суштината на сето тоа беше воспитувањето на децата.

Сетете се на оние ситуации кога детето сака нешто и прави сè, употребува различни стратегии за да го добие тоа што го сака. И јас се обидував да ја избегнам бербата на грашокот, но не успеав. Детето секогаш има некоја цел и се бори за себе и за остварувањето на своите цели. Тоа кај децата е многу јасно и едноставно. Детето до недоглед ги тестира границите на родителите и се бори за себе. А кои се должностите на родителите. Должност на родителот е да го заштити детето, да му даде нега, воспитување и образование, да најде граница меѓу детските права, желби и одговорности. Сржта на воспитувањето и работа на родителот е да го подготви своето дете за животот, да му ги всади животните вредности. Секој родител ќе одлучи кои се вредностите и вештините што треба да му ги всади на своето дете.

Вредности се работите што нè придвижуваат. Вредностите во одреден дел од животот ги викаме и критериуми. Така и при воспитувањето на детето. Затоа, поставете си го прашањето? „Што ми е најважно во воспитувањето на детето?“ Секој сам за себе ќе си формира скала на критериуми. Одговорното однесување на децата секако би требало да биде еден од критериумите во воспитувањето. Важно е да се знае дека одговорното однесување се учи во мали чекори уште на најрана возраст и така секој ден сè повеќе и со поголеми чекори. Сето тоа зависи од развојните способности на детето. Но, важно е да дејствувате денес зашто не можете да побегнете од одговорноста на утрешнината избегнувајќи ја денес, зарем не?

Автор: Лана Кихас



912

X