Истражувачите испитувале родители кои на своите деца им дозволувале да се искачуваат на дрвја и откриле дека најчестата повреда била гребеница. Само 2 проценти од родителите одговориле дека нивното дете скршило коска, а уште помал бил процентот на потрес на мозок

Пред неколку недели мајката Кристин Орган на социјалните мрежи сподели фотографија од својот најмлад син – кој штотуку наполнил девет години – како се искачил на врвот на високото стебло во дворот. Еве ја нејзината приказна.

„Некои се изненадија, но вистина е дека неколку недели се искачува на врвот на ова стебло. Одамна престанав да му велам да се „симне“ или „не качувај се толку високо“, а сега само го потсетувам дека треба да носи паметни одлуки. Искрено кажано, горда сум на него бидејќи се качува високо и прави некои навидум ризични работи.
Качувањето по дрвја е есенцијална активност на детството, токму како и другите популарни детски игри… Ова особено е вистинито за оние како мене, кои се идентификуваат како деца на 80-тите кога се забавувавме во соседството додека не се стемнеше.

Од неколку причини се чини дека сѐ помалку деца се качуваат по стеблата. Дури и родителите што растеле лулајќи се по гранките ги спречуваат своите деца да го прават тоа. Всушност, самата помисла на петгодишно дете кое се искачува до врвот на стеблото, без надзор, би можела да ги згрози повеќето родители. Некои дури во најдобар случај би можеле да кажат дека сум невнимателна, или во најлош случај дека сум небрежна бидејќи дозволувам такво однесување.
Претпоставувам дека ова има врска со стравот од она што ќе мислат другите за нас. Искрено кажано, не се грижам што ќе мислат другите родители за мојот став кон ризичната игра.

Но исто така мислам и дека е поврзано и со вродениот страв што го имаат сите родители – стравот кој предизвикува нашето срце да престане да чука и визиите за најлоши сценарија што поминуваат низ нашите глави.

Научив да управувам со тие стравови со развивање на „не се грижам што мислат другите“-однос кон родителството. Кога ќе ме обземе тој страв и ќе ми се згрчи утробата кога ќе го видам синот на врвот од стеблото, често се свртувам и гледам настрана.

Но, исто така, се потсетувам дека ризиците од сериозни повреди всушност се многу мали. Едно истражување од 2016 година наведува: ‘Истражувачите испитале 1.600 родители кои им дозволувале на своите деца да се качуваат по дрвја и откриле дека најчеста повреда била гребеница. Само 2 проценти од родителите одговориле дека нивното дете скршило коска, а уште помал бил процентот на потрес на мозокот. Од друга страна, повеќе од 3,5 милиони американски деца помали од 14 години секоја година се лекуваат поради спортски повреди’.
Така е. Организираните спортови, кои ги одобруваат многу родители, се многу поопасни од качувањето по дрвја.
И не зборуваме само за исчукани и оголени колена и скршени коски. Зборуваме за сериозни повреди во текот на целиот живот, особено кога се работи за спортови како фудбалот. Истражувањето на Институтот за здравје и безбедност на медицината при Медицинскиот факултет на Универзитетот ‘Вашингтон’ и Детскиот истражувачки институт во Сиетл покажале дека стапката на потрес на мозокот меѓу играчите на возраст од 5 до 14 години е повисока отколку што било претходно пријавено, а 5% од децата секоја сезона добиваат повреди поврзани со фудбалот.

Како родители, повлекуваме линија на секоја работа што ја сметаме за небезбедна, без оглед на тоа колку нашите деца се паметни при управувањето со тие ризици. Не им дозволуваме на малите деца да се движат покрај фреквентни улици. Не им дозволуваме да возат велосипед без шлем. Како што растат, ги учиме за опасностите од алкохолот и дрогите. Секој од нас мора да ја пронајде линијата до каде се чувствува пријатно. Но, како што ги носиме тие одлуки, важно е да се анализираат и фактите. Аргументирано говорејќи, побезбедно е качувањето по дрвја отколку занимавањето со спорт. Сепак, се чувствувам совршено добро додека моите деца играат екипни спортови, бејзбол и особено кошарка.

Но и покрај фактот дека качувањето по дрвја е сосема безбедно – и впуштањето во друга навидум ризична игра е добро за нашите деца. Тоа им помага да научат како безбедно да управуваат со опасностите и како одговорно да ризикуваат. Кога поттикнуваме ваков вид активности, им велиме – не само со зборови, туку и со дејствување – дека им веруваме и дека се способни. Тоа не е само мое мислење како родител; науката го вели тоа. Всушност, многу научници ја поддржуваат теоријата на игра, која всушност е само елегантен начин децата да научат како да ги регулираат своите емоции низ игра.

И затоа, смири се. И не гледај ги прекорно родителите кои им дозволиле на своите деца да го прават она што нас нѐ прави нервозни. Гризни го јазикот секојпат кога почнуваш да викаш „внимавај!“ или „не оди толку високо!“ Поттикни ги твоите деца да одат повисоко, подалеку и да го прават сето она што се плашат дека не можат да го направат – дури и ако тоа значи дека ќе престанеш да дишеш, и обиди се да не полудиш.
Не можеме своите деца да ги ставиме под стаклено ѕвоно, ниту го сакаме тоа. Тие ќе се чувствуваат добро ако се качат на дрво. Всушност, ним ќе им биде подобро“.



912

X