Ако застанеме и ги погледнеме децата додека си играат на отворено, брзо ќе уочиме дека качувањето по дрвја е инстинктивна потреба кај нив
Честопати се трудиме да смислиме забавни излети и едукативни игри за децата, а притоа забораваме на оние сосема обичните, едноставни игри што вообичаено се најзабавни – качување по дрвја, хранење животни, игра со балони, готвење со кал, скокање, вртење околу сопствената оска…
Наместо да трошиме енергија, време и пари на активности кои на нашите деца и не им се премногу забавни, секогаш можеме да ги прашаме малите шефови која активност би ја одбрале за тој ден. Не грижете се, од малите луѓе секогаш ќе добиеме искрен и спонтан одговор.
Качувањето по дрвја е инстинктивна потреба на децата. Многу родители во тоа ќе видат ризична активност која треба да се забрани, но можеби би требало да размислиме пред да ја спречиме таа корисна активност. Иако качувањето е со одреден ризик, предностите се повеќекратни и многу важни за развојот на детето. На децата што сакаат да се качуваат по дрвја треба да им се овозможи тоа. Родителите треба да бидат во близина и да внимаваат. Децата обично се качуваат до висина до која се чувствуваат сигурно.
Зошто качувањето е толку корисно за децата?
Во различни фази од развојот децата ќе се качуваат на различни висини, па вешто ќе се спуштат долу штом ќе ги запознаат своите граници. Таа лична процена на ризикот и самопроцената се витални вештини кои децата треба да ги развијат. Качувањето со родителски надзор е извонредна можност да ги развијат на безбеден начин. Освен тоа, качувањето е одлично за развој на мускулите, кои при одењето во училиште ќе станат поактивни. Често мислиме дека децата мора да поминат многу време во пишување букви и зборови, но всушност качувањето по дрвја е поуспешен и многу позабавен начин за јакнење на мускулите и за развивање на грубата и на фината моторика.
Качувањето по дрвја е и одлична вежба за решавање проблеми. Набљудувајте го детето како се качува по дрво и ќе видите како внимателно избира која гранка да ја дофати. Мора да го процени ризикот како со цела тежина да застане на една гранка и да процени која друга гранка му е на дофат. Дрвото всушност е вистински и тежок лавиринт кој треба да се помине.
Со качувањето се гради и самодовербата зашто децата доживуваат задоволство кога ќе видат колку високо се качиле или откако ќе поминат тежок дел и ќе ги совладаат своите стравови. Сами си ја задаваат целта и затоа се многу горди кога ќе ја постигнат.
Истовремено, со качувањето се развиваат флексибилноста, рамнотежата, координацијата и физичката издржливост.
Децата треба да имаат авантури во животот
„Во природата на децата, до седмата година, па и подоцна, е да скокаат, да се качуваат, провлекуваат, да се вртат и да се превртуваат, да ја испитуваат рамнотежата преку гранични позиции. Само што некогаш децата го правеа тоа во природа, а денес скокаат по фотелји и се качуваат по полици наместо по дрвја“, вели д-р Ранко Рајовиќ, автор на НТЦ-програмата.
На родителите не им е лесно да ги гледаат авантурите на своето дете додека се качува. Да стоиш на земја и да го гледаш малото дете како виси во воздух е една од најтешките психички работи.
Но, мора да дозволиме нашите деца да имаат авантури, а ние треба да им ја подариме својата доверба, но да бидеме тука некаде… на земјата, со раширени раце.