Данецот Јеспер Јул е семеен терапевт, предавач, автор и педагог. Во последните две децении формулира нов пристап за воспитувањето, развојот и социјализацијата на децата

Историски се наоѓаме на раскрсница. Основните вредности, кои биле длабоко вкоренети во семејниот живот, поминуваат низ период на дезинтеграција и трансформација, и тоа во многу различни општества трае повеќе од два века, вели Јеспер Јул во книгата „Вашето компетентно дете“.

На картата на светот има многу различни примери и видови семејства. Некои од нив и понатаму очајно се трудат да ги одржат стандардите на „доброто старо семејство“, додека други на големо експериментираат наоѓајќи нови начини за заеднички живот. Од гледиште на менталното здравје, овие промени треба да се поздрават. Јул пишува дека традиционалната структура на семејството и повеќето нејзини вредности биле деструктивни и за децата и за возрасните, а тоа ќе биде опишано во следните приказни:

Кафетерија во Шпанија

Татко, мајка и два сина од 3 и 5 години, тукушто го завршија својот десерт: сладолед и колачи. Мајката зема салфетка, плука во неа, цврсто го фаќа помалиот син за брадата и почнува да му ја брише устата. Детето се буни и ја врти главата. Таа го повлекува за косата, па луто, низ заби, му вели дека е немирен. Таткото раздразнето се врти кон жената, со непријатен израз на лицето: зошто не може да го научи детето на пристојно однесување? Зошто малиот секогаш мора да прави проблеми? Пред да излезат од кафетеријата, малиот се смири. Гледајќи попат во излозите, забележа нова играчка и воодушевено покажуваше кон неа. Бара и мајка му да ја погледне. Меѓутоа, таа продолжува да оди пред него, потоа се враќа, го грабнува за рака и го одвлекува, не ни погледнувајќи ја играчката. Детето почнува да плаче, молејќи ја да ја погледне играчката, но таа е неумолива во својата одлука да победи. „Биди пристоен!“ – постојано му повторува мајката.

Автобуска станица во Копенхаген

Баба и две внучиња, 4-годишно момче и 6-годишно девојче, чекаат автобус. Момчето ја влече баба си за капутот и ѝ вели: Бабо, ми се мочка!
– Не може сега – му одговара бабата – кога ќе стигнеме дома.
– Но, многу ми се мочка! Вели момчето.
– Види колку е голема и паметна твојата сестра – вели бабата.
– Да, но мене страшно многу ми се мочка!
– Ти слушаш што ти зборувам? Ќе мочкаш кога ќе дојдеме дома. Ако не си добар, се ќе ѝ кажам на мајка ти. А потоа никогаш веќе нема со мене да одиш во град!

Возрасните во овие примери не се лоши луѓе. Тие ги сакаат своите деца и внуци, среќни се кога децата убаво се однесуваат, па искрено уживаат во нивните забавни и слатки коментари. Но, овие возрасни се однесуваат грубо и бесчувствително затоа што научиле дека таквото однесување е израз на љубов, а постапките што ја покажуваат љубовта ги сметаат за неодговорни.

Неколку стотици години ние всушност ги учевме децата да почитуваат моќ, авторитет и насилство – а не ги учевме да почитуваат друго човечко суштество, вели Јул.

 



912

X