Истражувањата покажале дека близнаците/тројките се посклони кон забавен развој на говорот и говорно-јазички нарушувања од другите деца, особено ако близнаците се родиле предвреме и/или имале ниска родилна тежина. Родителите на близнаци или тројки со забавен говорно-јазичен развој често известуваат дека нивните деца зборуваат со сопствен јазик кој е разбирлив само за нив.
„Јазикот на близнаците“ таканаречен „idioglossia“, долго е во средиштето на вниманието на истражувачите. Се чини дека близнаците имаат сопствен јазик, дури и граматика која потсетува на странски јазик, а кој никој не го разбира освен нив. Истражувањата покажуваат дека „јазикот на близнаците“ всушност настанува така што еден од нив го моделира незрелиот нарушен говор на другиот, поради што и двајцата зборуваат неправилно, а притоа се разбираат меѓу себе.
Без оглед на тоа како напредува говорно-јазичкиот развој на близнаците, родителите треба да посветат внимание на тоа подрачје бидејќи имаат двократно или трикратно повеќе работа отколку другите родители! Најголемиот проблем, особено во презафатените семејства, е што родителите не успеваат да создадат доволно можности за индивидуална комуникација со секое дете, а тоа е пресудно за нивниот говорно-јазичен, но и за општиот развој.
Повеќе внимание на секое дете поединечно
Поради зголемената оптовареност со обврски и помалку можности да поминуваат време со секое дете насамо, родителите им се обраќаат на близнаците како на целина, им зборуваат со кратки и директни реченици наменети за двете деца заедно, поради што не останува можност за проширен, богат дијалог меѓу едното дете и родителот. Освен тоа, со оглед на тоа дека често се натпреваруваат за вниманието и времето на мајката или на таткото, близнаците се посклони кон забрзан говор бидејќи се обидуваат да кажат што повеќе. Затоа нивниот говор често е неразбирлив, не е течен и не е точен.
За да можат на најдобар начин да го поттикнуваат развојот на говорот и јазикот кај близнаците, родителите би требало да посветуваат што е можно поголемо внимание индивидуално на секое дете, односно да разговараат со секое дете поединечно.
На пример, при преслекувањето можеме на детето да му раскажеме кратка приказна, да му пееме песничка, да си играме со неговите прстиња, или едноставно да разговараме за што било. Кога со своите близнаци (или тројки) си играте или работите нешто заедно, обраќајте им се поединечно, а не заеднички, без оглед што за тоа ќе ви треба двојно или тројно повеќе време и зборови и што ќе мора да се повторувате. На пример: „Марко, стави ја твојата чинија во мијалникот. Браво!“, „Лука, и ти донеси ја твојата чинија. Сам ја стави во мијалникот, браво!“
Што е можно почесто создавајте ситуации за повеќе интеракции и подолги дијалози со секое дете. Таквите ситуации не се создаваат сами од себе во текот на презафатениот ден, туку треба вие да ги создадете. Неколку пати неделно можете да ги бањате децата одвоено (едното дете ќе го бања мама, другото – тато, третото – баба). Понекогаш, едното дете може да остане дома и да си игра со едниот родител, а за тоа време другиот да го поведе второто дете со себе до продавница. Многу е важно максимално да ги искористите ваквите ситуации за дружење со детето насамо, и тоа не само заради неговиот говор туку и заради емоционалните потреби на детето повремено да го добива целото внимание и време на родителот.
Вештина за двонасочна комуникација
Често разговарајте за сè што работите, но настојувајте тоа да не се претвори во монолог. Освен што е важно граматички правилно да зборувате пред детето за тоа да го збогатува својот речник со нови зборови, детето треба да развива и вештина на двонасочна комуникација, односно водење разговор во кој секој од соговорниците поставува прашање, размислува во паузите, одговара, се надоврзува на кажаното и така натаму.
Учете ги децата и на разговор во тројка, односно во четворка, каде што секој внимателно слуша што зборуваат другите, трпеливо чека на својот ред и учествува во разговорот. Читањето приказни за добра ноќ и разговор е идеална можност за смирено учење на повеќенасочна интеракција и комуникација.