Прочитајте го овој инспиративен текст на Јаспер Јул на тема „Ривалство меѓу сестри/браќа“.

Многу родители им се обраќаат на експерти во советувалишта, градинки и училишта со прашање кое е многу слично на прашањето на овие родители. Интересно е како Јул го објаснува и разбира она што родителите го нарекуваат агресивност и љубомора кај детето, укажувајќи на подлабоки процеси и интензивен внатрешен живот на детето. Ова е и пример со чија помош подобро можеме да разбереме како децата соработуваат со возрасните, најчесто на штета на својот интегритет.

Прашање на родителите

„Ние сме четворица во семејството, од кое две се прекрасни девојчиња. Постарата ќерка наполни 2 години оваа есен, а помладата е родена летоска. Проблемот, или подобро кажано предизвикот со кој се соочуваме е дека постарата ќерка ја удира помладата. Понекогаш тие удари се толку силни, што бебето почнува да плаче. Тоа се случува речиси секојдневно, а дополнително се влоши на едно патување пред еден месец. Откако младата ќерка наполни 5 месеци и стана поактивна, проблемот стана сè поголем. Удирањето често се случува додека ќерката цица, седи кај мајка си в скут или лежи на простирка на подот – тогаш постарата ќерка ја „напаѓа“ помладата.

Со оглед на тоа дека постарата ќерка е уште мало дете, ние ја разбираме нејзината љубомора, но не можеме да го прифатиме нејзиното однесување. Се обидовме да ѝ објасниме дека тоа ја боли помалата сестра и дека ја растажува. Не ја казнуваме. Кога сме строги кон неа, таа се расплакува или уште еднаш ја удира помладата сестра. Се обидов неколку пати да не обрнувам внимание на нејзиното однесување, но чувствувам дека тоа не е во ред. Во исто време, постарата ќерка ми кажува кога ја удрила сестра ѝ, иако јас тоа не го видов. Навикната е двајцата родители целото внимание да ѝ го посветуваат само нејзе и очигледно е дека има тешкотии со прифаќањето на фактот дека нашето внимание сега е насочено и кон помладата ќерка.

Се обидовме да се поделиме за на постарата ќерка да ѝ дадеме повеќе внимание и време. Пред овој проблем никогаш не сме морале да бидеме посебно строги родители. Што можеме да направиме поинаку за да ја спречиме? Дали се работи само за преодна фаза?

Одговор

Велите: „Навикната е двајцата родители целото свое време да го поминуваат со неа и очигледно има тешкотии во прифаќањето на фактот дека и помладата ќерка одзема дел од вниманието. Се обидовме да се поделиме за да ѝ дадеме на постарата ќерка повеќе внимание и време.

Тоа е убава замисла, но за жал не е изводлива. Во овој конфликт се работи за нешто што е многу повеќе од посветување доволно време и внимание на вашето дете. Она што се случува кога ќе станете брат или сестра е доживување на изненадувачки губиток. Вашата ќерка едноставно изгубила 50 проценти од сето она што ѝ било дозволено од вас целиот нејзин живот. Во светот на возрасните можеме да пронајдеме сличности со ситуацијата кога вашиот сопруг еден ден би дошол дома со нова жена и би побарал од вас тројца да живеете заедно, среќни во заедничка љубов и разбирање.

Реакцијата на вашата постара ќерка е агресија, или подобро кажано коктел од тага, жал, лутина и чувства дека веќе не е вредна, што го искажува преку агресивно однесување, физичко или вербално. Она што се чини како парадоксално – всушност е логично. Децата соработуваат со родителите така што го копираат нивното однесување и прават сè што можат за да се приспособат на нивните потреби и желби – свесни и несвесни.

Во текот на бременоста со помладата ќерка вашата постара ќерка била опкружена со родителите и другите возрасни лица кои изразувале радување, љубов и среќа во исчекувањето на новиот член на семејството. Таа се обидела, колку што можела, да ги чувствува тие емоции, иако нејзината можност да го сфати и да го замисли животот со помладата сестра е многу ограничена. Кога исчекувањата по раѓањето на сестрата преминале во отворено искажување радост, среќа и љубов, таа се обидела да соработува и со тие чувства. Веројатно во тоа била поттикната од страна на родителите, бабите, дедовците, пријателите и соседите што доаѓале во посета во текот на првите денови и недели. Единствената порака што тие ја искажувале со своето однесување е: ова е вистинска среќа и ние сите го сакаме бебето!

Колку и да е сета таа љубов и грижа подарок за новороденчето, истовремено таа го отежнува животот на постарото дете. Тоа чувствува голема потреба да го чувствува истото што и возрасните, но истовремено чувствува нешто што никој друг не го чувствува во тој момент – чувство на губиток.

Во својата прва година од животот ја чувствувала вашата присутност, емпатија, внимание и подготвеност да одговорите на нејзините потреби и желби, како и на нејзината љубов. Сега, одеднаш, таа добива сè помалку од тие работи и мора да ги дели и со бебето, па се прашува дали сè уште е сакана.

Нејзината сериозна дилема е во тоа што доживеала голем губиток, а и изгледа дека никој освен неа не го забележува тоа. Од таа причина, со својот губиток мора да се справи самата. Повеќето деца успеваат во тоа по неколку месеци, иако често се опоменуваат дека се љубоморни, додека нивните однесување се „исправуваат“ или прекоруваат.

Велите: „Се обидовме да ѝ кажеме – не или – тоа не е дозволено. Исто така, се обидовме да ѝ објасниме дека тоа ја боли помалата сестра и ја растажува. Ѝ се обраќавме со строг глас, но освен наведеното, нејзиното однесување немало други последици. Како и – Кога сме строги со неа, постарата ќерка се расплакува или уште еднаш ја удира сестра си.“

Кога родителите им велат на децата работи кои се или бесмислени или неповрзани со она што детето навистина го доживува и притоа се обидуваат да ја променат бојата на гласот во построга – тоа нема да помогне. Напротив, ќе се потврди идејата на детето дека родителите повеќе не го сакаат и дека нешто не е во ред со неговите/нејзините чувства. Тоа во мозокот на детето значи: „Нешто не е во ред со мене!“ Тоа е причина поради која се вознемирува и плаче и затоа ја повторува својата порака со надеж дека ќе ја сфатите.

Кога двегодишното дете одеднаш би било доволно елоквентно да ја изрази својата егзистенцијална ситуација со зборови, би ги повикало своите родители да седнат заедно со него и да обрнат внимание. Би рекло нешто слично на ова: „Знам дека мојата сестра сега ви е најважна и што се однесува до мене, помалку или повеќе – тоа е во ред. И мене ми изгледа дека таа е прекрасна и вредна за љубов и се радувам на денот кога ќе можеме заедно да си играме. Меѓутоа, мојата најголема грижа во моментов е дека јас не знам дали ме сакате исто како и претходно и се чувствувам лошо и бесна сум поради тоа. Може ли некој од вас, ве молам, да ми помогне со овој проблем бидејќи не сакам да бидам детето што не ви се допаѓа“.

За жал, двегодишните деца не се во можност да владеат со јазикот толку добро и затоа не можат да ги користат малите мускули од своите гласни жици. Уште година-две мораат да ги користат своите големи мускули за на другите да им ги покажат својата болка, фрустрации и желби. Не се потребни родителските исцрпувачки и невозможни обиди да го надоместат губитокот на детето. Потребно им е уважување.

Како алтернатива во коригирањето на однесувањето, обвинувањето и прекорувањето, често предлагам со ова прашање да се занимава таткото. Причината е следната: повеќето татковци поминуваат низ слично искуство кога се раѓа нивното прво дете – на топ-10 листата од нивната партнерка одеднаш спаѓаат од првата позиција, без никаква можност дека ќе се вратат на претходното место.

Возрасниот маж и татко во рамките на неколку месеци сфаќа дека постои значајна разлика помеѓу мајчинското чувство на љубов кон детето и љубовта што ја чувствува кон својот маж или партнер, така што чувството на љубомора обично исчезнува.

Она што е потребно е таткото да го земе детето со себе и да го одведе во прошетка и да му каже нешто слично на ова: „Разбирам дека се чувствуваш како да би сакала да ја удриш својата сестра, иако ти се допаѓа. И јас понекогаш се чувствувам исто така. Не чувствувам желба да ја удрам, но ми смета што таа зема толку многу од времето и енергијата на мама. Но, можеби е најдобро сите да се навикнеме на тоа. Дали тебе ти е тешко или само си тажна што немаме толку време за тебе како порано?“

Ова мора да дојде директно од срцето! Доколку не е искрено и автентично, а кажано е само како вид стратегија против агресивното однесување, нема да дејствува. Кога е навистина искрено и доаѓа од срцето, прави чуда – особено ако таткото неколку дена подоцна ѝ вели на својата жена: „Јас ќе се погрижам за бебето следните неколку часа за вие две да можете заедно да одите во шопинг. Гледам колку си недостигате една на друга“.

По приближно една недела, постарото дете обично престанува со агресивното однесување и наместо тоа, почнува да поставува лични граници. Со оваа помош научи дека личните дилеми се добредојдени во семејството и ќе се чувствува сигурно во обраќањето на родителите кога ќе чувствува каква било болка, физичка или емотивна. Кога вашето дете ќе се однесува лошо, обидете се тоа да го сфатите како начин на соработка со вас и така ќе научите не само нешто за вашето дете туку и за самите себе.

Автор: Јаспер Јул

Извор



912

X