Мајката ни раскажа за системската организираност, односот на воспитувачките и негувателките кон децата, како учат децата, што сè прават, кои се задачите на родителите…

Одат во два типа државни градинки, а за дваесетина деца се грижат по 4-5 воспитувачки, се посветува огромно внимание на физичката активност, на рачната работа, а кога јадат користат и нож… Ова е само дел од тоа како тече наставата во градинките во Германија, за што ни раскажа скопјанката Јасмина Узунова. Нејзината ќерка Ана одела во градинка во покраината Хесен.
– Eдни градинки се за дечиња од една до три години, а други за од три до шест години, но има флексибилност околу возраста. Децата се поделени во групи од по 22-23 деца и за секоја група се одговорни 4-5 воспитувачки и негувателки. Од нив три се во една смена, а вкупно четири се постојано вработени. Најчесто има дополнителен персонал од еден-двајца, кои студираат за воспитувачи и во градинките одат или на пракса или на обука – раскажува Узунова.
Праксата на студентите може да трае и до 12 месеци, а иако сè уште не се доволно обучени, одлично ги анимираат децата.
– Мојата ќерка ги обожуваше сите тие млади студенти што доаѓаа во нејзината градинка. Тие со децата цртаат, пишуваат, креираат разни работи, учат песнички, пеат заедно… – додава таа.

Во дворот на градинката

Во градинките има просторија за креативна работа со сетови мониста, боички, боенки, хартии, картони, лепила, разни прибори… И таму секое дете го прави тоа што сака, секое си го покажува својот интерес. Има сала за вежбање со детски справи, јажиња со алки, лизгалка…
Таа раскажува дека во германските градинки многу се посветува внимание и време на креативната работа. Од ништо прават нешто, или како што вели Јасмина, од кутија за јајца, на пример, прават продавница за сладолед.
– Има многу реквизити кои имаат навистина многу практична примена и се корисни за развојот на детето – вели Јасмина.

Државата мотивира

Градинките се организирани како установи и за воспитување и за чување, а максимално голем акцент е ставен на развивање на креативноста на децата.
– Нема разлика дали се работи за државна градинка во Франкфурт или во мало место како градинката каде што одеше нашата ќерка – раскажува Јасмина.
Одењето во градинка не е задолжително, но германските власти ги мотивираат семејствата да ги носат децата во градинка, па направиле последната година пред детето да тргне во училиште да биде за речиси половина цена.
– Онаму каде што ние живееме, мал град со околу 16.000 жители, оддалечен на околу еден час од Франкфурт, нема приватни градинки. Тие се во големите градови. Кога дојде време за запишување во градинка, немаше место во ниту една градинка во нашиот град, па добивме место во градинка во село, оддалечено седум километри од нас. По пет месеци откако почна да оди таму ни кажаа дека можеме да ја префрлиме во местото каде што живееме, на пет минути од нашиот дом, но одлучивме да си продолжи уште две години во истата градинка, без разлика што моравме секојдневно да возиме вкупно 28 километри. Условите во градинката беа одлични – вели Јасмина.
Детето можеш да го однесеш во градинка најрано во 7:15, а најдоцна до 9:00 (кога почнува појадокот). За земање на децата има две можности. Едната е да се земе пред ручекот до 12:00 часот, а втората околу 16-17 часот, објаснува таа.
– Во нашата градинка во петок детето можеше да остане најмногу до 14 часот. Ако задоцниш, те чекаат со детето надвор. Градинката е заклучена, а воспитувачка те чека на скали за да ти го даде. Ама и културно те опоменуваат – додава Јасмина.

 

На почеток мајката може и цел ден да остане во градинката

Не е строго утврдено правило, но кога детето ќе тргне во градинка, мајката може во првите денови, па и недели, доколку е потребно, да останува во таму со него. Родителот и вработените во градинката го набљудуваат однесувањето и приспособувањето на детето на новата средина и оценуваат дали и колку таа треба да престојува со него.
– Првиот ден јас останав еден и пол час. Тоа беше ден кога Ана само набљудуваше, но и знаеше да фати понекоја играчка и само кратко самата да поигра. Вториот ден, по еден час ме однесоа во соседна просторија во која немаше играчки, за да знае детето дека мама е тука ако затреба. И третиот ден поседов малку во соседната просторија, а повеќе надвор од градинката.  По 3 дена, кога се виде дека нема никаков проблем, не останав – раскажува нашата соговорничка.
Децата брзо се здружиле, но и мајките брзо се запознале.
– Децата одеа кај своите другарчиња, па така кога од некои причини немаше да стигнам да ја земам Ана навреме, некој од родителите ќе ја земеше кај себе, па јас подоцна ќе појдев по неа. Си помагавме меѓусебно. Ако, на пример, заедно одат на некоја дополнителна активност, се договаравме која ќе ги носи, а која ќе ги земе… – вели Јасмина.

Креации на децата

Мора да одат надвор

Во германските градинки задолжително се излегува во дворот по еден и пол час, па дури и ако е лошо времето. Физичката активност е важна уште од мали нозе.
– Така, кога родителот ќе го земе детето, олеснителна околност е што не мора да го „растрчa“ надвор зашто тоа веќе ја има потрошено енергијата на физичка активност. Играта надвор се практикува и кога е врнежливо, па секој родител за своето дете во градинката оставa гумени чизми, водоотпорни панталони и јакна – раскажува Јасмина.
Налето децата во ранчето носат крпа и костим за капење бидејќи им ставаат мало базенче во дворот во кое се ладат, се прскаат…
Градинката во која одела Ана не била класична зашто била во помало место, па во нејзината група имало деца со различна возраст, од три до шест години, што воопшто не било проблем. Напротив, тоа се сметало за предност бидејќи малите учат од поголемите.

Мал базен за кога прават пикник

И родителите да имаат време за себе

Престојот во германските градинки е претежно игра и сè што се учи е низ игра. На крајот од годината родителите ги добиваат материјалите, она што детето го работело – цртежи, боенки, вежбанки со линии, крукчиња…
– Кога прашав зошто не учат нешто повеќе, поразлично, ми објаснија дека децата не треба да го учат предвреме она што е предвидено за на училиште, бидејќи таму може да им биде здодевно – вели Јасмина.
Децата во градинка може да се занимаваат и во посебна соба со лего-коцки, или, пак, во дел од занималната каде што има удобни фотелји или едноставно душеци со перници на подот. Детето може да си земе сликовница, да си легне во тој дел и да си разгледува. Практично, да се одмори малку, бидејќи таму децата постари од 3 години не спијат за време на престојот во градинка.

– Целта е детето да се измори, во позитивна смисла, за вечерта дома, откако ќе си поигра со семејството, да си легне навреме, а родителите да имаат време и за себе – објаснува мајката.

Дел од дворот

Појадокот со шеќери не е дозволен

Инаку, појадокот за децата го подготвуваат родителите дома, а во градинка негувателките им организираат заеднички да го јадат. Не е дозволено појадокот да содржи шеќери. Ужината ја обезбедува градинката и се дели на многу интересен начин.
– Во една голема чинија се ставаат исечкани разни овошја и зеленчук. Таа голема чинија се врти во круг, од дете до дете, и секое си зема по едно парче кога чинијата ќе дојде пред него, сè додека не ја испразнат. Нема мамење, нема грабање по две-три парчиња одеднаш. Ручекот, на кој се посветува особено внимание да биде здрав и соодветен на потребите на децата, е организиран така што секогаш има одговорни деца кои помагаат во поставување на масата, па други одговорни деца кои помагаат при собирање на масата… – вели Јасмина, која се надева дека позитивните работи ќе се применат и во нашиот систем.



912

X