Во Дизниевиот анимиран филм „Златокоса“, мајката Готел ја држи Златокоса заробена во висока кула. Меѓутоа, Златокоса е и физички и психички затвореник, а песната „Мајката знае најдобро“ одлично ја илустрира емоционалната злоупотреба на која е постојано изложена:
„Јас, јас сум само мајка, што знам јас? Само те бањав, пресоблекував и се грижев за тебе. Ајде оди и остави ме, го заслужувам тоа, остави ме да умрам сама, повели! Кога ќе биде предоцна, ќе видиш, само почекај. Мајката знае најдобро“.

Ви звучи познато?

Мајката Готел е експерт за она што го нарекуваме родителска психолошка контрола (во овој случај екстремна) или обид на родителот да го контролира психолошкиот свет на детето преку тактики кои го прават зависно и испреплетено, па го губи своето „ЈАС“. Детето се однесува, мисли и чувствува на начин на кој родителот очекува.

Психолошката послушност се постигнува на три начини. Првиот е предизвикување вина, како што Готел ја потсетува Златокоса на сето она што ѝ го должи затоа што се грижела за неа, преку обвинување дека е одговорна за нејзините емоции. Во реалниот живот тоа се оние родителски реченици „И тоа ми е благодарам за сѐ“ или „Дали ти сакаш јас да се разболам…“ (ако не го направиш она што го замислив?).

Друг начин е давање условна љубов, поточно љубовта се дава или ускратува во зависност од тоа дали детето исполнило одредени стандарди и очекувања. Родителот го игнорира детето или е студен и непристапен кога тоа не се однесува според неговата желба.

Третиот начин на психолошка контрола е ограничување/поништување на детската експресија на емоции и мисли. Тоа се, да речеме, оние ситуации кога родителите инсистираат на тоа дека точно знаат што мислат и чувствуваат децата наместо да им дозволат самите да се изразат. Навидум безизлезен пример е воведувањето на цврстата храна во исхраната на бебето, па додека бебето џвака покажувајќи гадење, мајката го убедува „ммм… колку е ова убаво…“ Мајката не само што манипулира со искуството на бебето и ја брише разликата помеѓу своите и потребите на детето, туку и го збунува детето со тоа што погрешно ги именува емоциите што ги чувствува. Готел ја провоцира Златокоса, а кога таа ќе се растажи, ѝ вели да престане да ги сфаќа работите толку сериозно, со што ѝ го одзема правото да ја навредат нејзините злобни коментари.

Теориите што се занимаваат со родителската контрола го заклучуваат истото – таа ги фрустрира основните психолошки потреби на детето за сигурност, поврзаност, компетентност и автономија. Родителите што често се служат со психолошка манипулација ги доживуваат своите деца како продолжеток на себеси, а не како одвоени личности. Тоа многу му отежнува на детето да стане самостојно и да развие сопствен идентитет.

Истражувањата покажуваат дека децата што растеле во семејство со висока психолошка контрола се склони на интернализација (депресија, анксиозност, недостиг на самодоверба), но и екстернализација на проблемот (деликвенција, антисоцијално однесување). Исто така, се покажало дека децата што имаат контролирачки мајки често се срамежливи и повлечени.

Родителската контрола произлегува од фрустрираните потреби на самите родители, и тоа потреби за сигурност, блискост и поврзаност. Со фрустрациите се носат така што ја злоупотребуваат својата положба на авторитет и му ги пренесуваат на детето. Родителите-перфекционисти често проектираат високи стандарди и критички реагираат кога не им се исполнети очекувањата. Родителите со високо ниво на сепарациона анксиозност (страв од раздвојување) посегнуваат по контрола особено кога се ближи моментот на осамостојувањето на детето.

Обично се прави разлика помеѓу два вида контрола – онаа ориентирана на зависност (кога го притискаат детето да им биде физички и емоционално блиску) и ориентирани на постигнувања (родители кои го притискаат детето, на пример, да докторира на престижен факултет). Во својот текст за „Хафингтон пост“, Авидан Милевски наведува дека родителите што контролираат се оние што инсистираат на тоа децата никогаш да не прават работи поради кои тие ќе се грижат („немој за тоа после ние да треба да се грижиме“). Честа рамка на нашите простори е децата да носат таков товар, поради што премолчуваат и не се осудуваат да ја побараат родителската топлина и поддршка кога им е потребна.

Истражувањата покажуваат дека кога децата ги гледаат родителите како контролори, често покажуваат неприспособување, што е ефект кој се повторува низ различни земји и култури. Тоа значи дека контролирачкото родителство ги фрустрира универзалните потреби на детето за автономија, компетентност и поврзаност. Прашање е и што децата согледуваат како контрола. На пример, во Источна Азија ефектот на родителска контрола е помалку негативен отколку во Америка и Велика Британија, што се објаснува со тоа дека азиските деца ја интерпретираат контролата како родителска грижа и вклученост.

Така, родителската контрола е објективно лоша, но субјективното доживување влијае врз тоа каков ефект ќе има. Одредени автори сметаат, особено во азиските општества, дека чувството на вина е морална емоција која е индикатор за лојалност кон родителите и семејните вредности и која обезбедува да се исполнат одредени очекувања и семејни обврски. Златокоса од цртаниот филм, исто така, расте верувајќи дека однесувањето на мајката Готел е израз на нејзината љубов и приврзаност и во нејзините постапки не гледа ништо лошо (сѐ додека не си замине во тој страшен свет кој ѝ бил забранет).

Готел не е вистинската мајка на Златокоса, но психичката злоупотреба е реална и не ѝ се потребни магии и змејови за да биде застрашувачка. Во реалниот свет, факт е дека родителите не се секогаш свесно контролирачки и дека имаат зла намера. Тие се служат со одредени видови манипулација бидејќи не умеат поинаку, оти и самите пораснале според таков модел или едноставно го следат примерот на средината во која живеат. Меѓутоа, тоа не ги намалува негативните последици врз менталното здравје на децата.

За здраво воспитување на децата, потребно е да постојат одредени правила и граници, со присуство на емоционална топлина и разбирање. Децата воспитувани на ваков начин се поприспособени и емоционално и социјално, посигурни се во себе и поуспешни се во образованието. Меѓутоа, нормално е во одреден период границите да се кршат, како и децата да се однесуваат во согласност со поставените барања. Задачата на родителите е да ги научат да ги препознаат сопствените потреби, но не и да им ги наметнуваат своите. Така, за успешно родителство е потребен уште еден зачин – давање психолошка автономија. Бидејќи, сепак, мајката не знае баш секогаш што е најдобро.

Автор: Сања Дутина Драговиќ



912

X