Кај нас има голем отпор да се пристапи кон групна размена на искуства со луѓе што поминале низ истото трауматично искуство. Често постои чувство на срам и вина, но луѓето што имаат искуство во групи се луѓе кои преживеале слични работи и ја нагласуваат важноста од таквите разговори и поддршка. Споделувањето на искуството може да биде олеснување за родителите, вели Арнаудова

Термините „бебе-виножито“, „дете на надеж“ можеби не им се познати на луѓето што немале искуство со загуба. Меѓутоа, за многу родители, овие зборови имаат голема тежина и го носат искуството на болка. „Бебе-виножито“ е бебе родено по спонтан абортус, по раѓање мртво дете или по смрт на новороденче (од 0 до 27 дена). Се вика „бебе-виножито“ затоа што е како виножито што се појавува по бура – нешто прекрасно, потоа емотивно и прилично болно искуство.
По повод Светскиот ден на бебињата-виножита, Софија Арнаудова, професорка на Филозофскиот факултет и мајка на Стефан, во интервју за Деца.мк ја раскажува својата животна приказна, која буди емоции и не остава простор за рамнодушност.

Најпрво, зошто „бебе-виножито“?

Па, зарем кога се појавува виножито, не е тоа толку убаво и посебно? Секогаш следува по бура и дожд и е придружено со сонце. Детето-виножито не значи дека сè уште не се бориме со спомените што ги оставила бурата. Не значи дека сме ја заборавиле бурата. Тоа значи дека се појавило нешто прекрасно, среде облаци и темнина. Бурата никогаш нема да биде заборавена, нејзините траги се длабоко вкоренети, но виножитото ни помага полесно да се справиме со нив.

За една жена воопшто не е лесна бременоста со бебе-виножито, откако претходно доживеала траума. Како успеавте да се справите со предизвиците што се јавуваа во текот на бременоста со Стефан?

Не е лесно да се биде мајка по загубено бебе. Не постои безгрижна бременост по абортус или вообичаена кашлица кај бебето по загуба на дете. Но, сепак, драги мајки на дете-виножито – дозволете си да бидете нежни со себе. Прифатете помош кога ви се нуди и прашајте за помош кога ќе почувствувате дека ви е потребна.


Постојат различни начини да се справите со вознемиреноста за време на бременоста со бебе-виножито. Многу е важно постојано да се потсетувате дека бременоста напредува добро и дека сè е во ред за полесно да се справите со стравот. Избегнувајте луѓе кои ќе ви кажуваат клишеа како „барем повторно си бремена“ или „претпоставувам дека овој пат сè ќе биде добро“. Важно е да имате пријатели со кои можете да споделите и добри и лоши денови и да знаете дека ќе ве поддржат, без разлика како се чувствувате.
Се разбира, ќе има луѓе кои ќе мислат дека со доаѓањето на новото бебе сè ќе си дојде на свое место одеднаш. Нема да им биде јасно зошто сè уште сте тажни. Верувам дека ќе има и такви што ќе ве осудат затоа што се обидувате повторно да го поминете патот, дека сте заборавиле сè што се случило. Тоа се луѓе што никогаш нема да ве разберат. И најдобро – игнорирајте ги.

Како се чувствувавте кога дознавте дека сте повторно бремени?

Кога дознав дека сум повторно бремена, не ми беше воопшто лесно да преминам во состојба на среќа. Отпрвин чувствував вознемиреност и страв, не знаев што да правам. Бев оптоварена со прашањето: „Што ако?“ Ги броев деновите и почнав да го славам секој мал чекор, секоја недела и секој добар преглед. Си дозволив да уживам во моето тело и промените што се случуваа на него. И одеднаш ме разбуди сликата која не ми излегуваше од глава две години. Се тресев. Сестрата ми ме прегрна. Сакав да побегнам, да не видам никого, сите да ме напуштат. А не можев да ги мрднам нозете. Не ги чувствував сопствените колена. Не сакав повеќе да дишам. Се чувствував ужасно со денови. Се чувствував предадена од сопственото тело. Како може да ми се случи тоа кога сум силна и можам сè да направам!
И тогаш следуваа прашањата што треба да правам сега? Морам да одам на работа! Ќе ме прашуваат сите! Што ако никогаш повеќе не можам да ја повторам бременоста… И разни други прашања. Деновите беа сведени на фактот дека едвај ја чекав ноќта, бидејќи немав сета сила да размислувам за сето тоа. Најтешко ми беше кога некој ќе ме утешеше со зборовите: „Ајде ќе имаш друго бебе“ – ама јас не сакав друго бебе – јас сакав да го имам тоа бебе! И уште потешко ми беше кога слушав како ми велат: „Подобро е да го изгубиш порано отколку подоцна.“ Што е подобро тука? Единствено што е подобро е никогаш да не изгубиш бебе што сакаш да го имаш! Кога конечно по една недела ја измив косата, почувствував дека сè уште сум жива. Веднаш потоа се вратив на работа. Се обидов да се однесувам природно. Внатре – се распаѓав. На работа, дома, пријателите – сите прашуваа што се случи. Прераскажувањето ми ја отежнуваше состојбата одново и одново, а јас се обидував да се однесувам како ништо да не се случило. Никогаш не разговарав со мојот сопруг за тоа кога ќе се обидеме повторно да имаме бебе.

По две години останав бремена. На првиот преглед прашав дали е сè во ред. Добив одговор дека сè е во ред, но поради претходното искуство, потребно е да примам утрогестан и прогестерон. Се прашував зошто утрогестан ако сè е во ред? Го пиев во првата бременост, но сè тргна во погрешна насока. Ја погледнав таа кутија и помислив: „Не сакам негативно да размислувам за оваа бременост бидејќи нема никаква врска со претходното искуство. Ова е нова приказна. Не сакам да се плашам или да размислувам негативно, нема да дозволам кутијата утрогестан секој ден да ме потсетува дека изгубив едно бебе. Ова е нов живот“.
Кога по дождот доаѓа сонце и излегува виножито во пастелни бои, ни се јавуваат пријатни чувства и си замислуваме желба. Кога ќе го погледнам моето дете-виножито, чувството е исто, си замислувам желба секогаш да ги гледам прекрасната насмевка и сјајот во очињата на детето кое придонесува и јас секое утро да се будам насмеана и среќна.

Велите дека со раѓањето дете-виножито сте се чувствувале како воен ветеран што се враќа од бојното поле, но потоа чувствува опасност од секој агол. Зошто?

Јас сум мајка на три деца, а само едно спие до мене. Затоа, за жал, морам да признам дека имам повеќе искуство во ова отколку што би посакала за секоја мајка. Денот кога се роди Стефан ми беше еден од најубавите денови во мојот живот. Денот кога го донесовме дома – еден од најтешките. Моите емоции, дополнително поттикнати од хормони, беа хаотични и целосно ме совладаа. Моето срце чукаше забрзано не знам дали повеќе од возбуда или од страв/неизвесност. Беше момент кога се плашев да се радувам. Се прашував дали е природно да бидам среќна? Во тие моменти најважна е поддршката од некој на кого му верувате – мајка, сопруг, доктор, другарка – обратете им се, тие ќе ве фатат уште пред да сфатите дека сте почнале да паѓате.

Во изминатите 6,5 години научив дека животот може да биде убав дури и по загубите што оставаат неизбришлива трага и лузна на срцето. Како психолог, свесна сум дека родителите на дете-виножито имаат голема потреба од емоционална поддршка за време на бременоста и породувањето. Овие деца се прекрасен пример за тоа како женското тело и дух можат да заздрават по прекинување на бременоста или загуба на детето.
Да, ако треба да направам метафора, можам да кажам дека на почетокот, со раѓањето дете-виножито се чувствувате како воен ветеран што се враќа од бојното поле, а потоа чувствува опасност од секој агол. Жената што изгубила бебе со големина на зрно грашок најчесто веќе замислувала дете в раце што ѝ кажува „мама“. Празнината што останува по загубата на детето може да се ублажи со раѓање друго дете, разбирање од страна на партнерот и околината. Родителите што имале болно искуство несвесно може да му пренесат зголемен страв на другото дете и да развијат несигурност. Меѓутоа, несреќата може да ги зближи двојките и да ги зајакне, да создаде грижливи и зрели родители кои, кога ќе добијат дете-виножито, ќе изградат емоционално стабилно и силно семејство.

Како да си помогнат партнерите што поминале низ ваква животна бура?

Периодот на бременост и почетокот на родителската улога е сам по себе исполнет со емоции, но и стравови. Кај родителите што имале трауматични искуства ова е уште поизразено. Може да се случи идните родители да чувствуваат страв, вознемиреност. Често се случува во таква ситуација родителите да бараат информации од сите и да добијат контрадикторни одговори. Имајќи ги предвид претходните болни искуства, разбирливо е дека некои партнери, кога ќе станат родители, покрај среќата чувствуваат и тага и гнев.
Кога станува збор за вакви ситуации, кај нас има голем отпор да се пристапи кон групна размена на искуства со луѓе што поминале низ истото трауматично искуство. Често постои чувство на срам и вина, но луѓето што имаат искуство во групи се луѓе кои преживеале слични работи и ја нагласуваат важноста од таквите разговори и поддршка. Споделувањето на искуството може да биде олеснување за родителите. Исто така, важно е здравствениот систем, лекарите и педијатрите да знаат како да реагираат во такви ситуации. Важно е да се почитува секое болно искуство како единствено и специфично. Болните искуства не треба да се минимизираат со општи реченици: „Готово е. Уживај сега“, „На сите им се случува, тоа е живот“ и слично.

Колку е важна психолошката или психотерапевтската поддршка за овие двојки?

Психолошката поддршка е од исклучителна важност. Зајакнувањето на двојките може многу да придонесе за јакнење на нивните капацитети и намери да создадат здраво и силно семејство Многу е важно да се дефинираат сите чувства низ кои поминуваат родителите и самите да си објаснат зошто ја чувствуваат секоја од овие емоции. На пример, дали чувствуваат гнев затоа што животот бил неправеден кон нив, дали чувствуваат страв и се грижат за тековната бременост и раѓањето на новото бебе, без разлика дали таа бременост е во ред и дали се чувствуваат виновни што чувствуваат среќа и возбуда поради доаѓањето на нов член на семејството. Кога родителите си објаснуваат зошто се чувствуваат вака, важно е да се прифати дека во таква ситуација, со загуба, тоа е навистина нормално.
Многу родители што минуваат низ ова искуство, исто така, велат дека се многу поблаги кон бебето-виножито отколку што планирале. Причини за тоа се стравот, вината и вознемиреноста поради претходно искуство.
Родителите што доживеале загуба можат многу понежно да ја покажат својата љубов кон детето, со силен акцент на поврзување со детето и докажување безусловна љубов, што е добро. Меѓутоа, во одредени ситуации стравот од губењето на друго дете може да се обликува. На пример, тие се посклони кон вознемиреност, особено во ситуации на разделба со детето. Дел од овие родители во ситуации на разделба може да се грижат дали нешто ќе се случи со детето. Оваа ситуација е неповолна за развојот на независноста кај детето и го попречува нормалниот процес на одвојување на детето од родителите.

Што никогаш не треба да им се каже на родителите што изгубиле дете?

Важно е да не се намалува нивната болка со реченици: „Издржи, ќе биде подобро, остани силна, не плачи“ или „ајде, ќе биде подобро, ќе се роди ново бебе “ затоа што никој не може да остане силен во такви ситуации. Не е возможно да имате само позитивни чувства за нова бременост, бидејќи губењето бременост или бебе е болка и тага што трае цел живот. Ако родителите не сакаат да зборуваат за тоа, тоа е во ред, но важно е да им кажете дека иако можеби не ги разбирате целосно нивните чувства, вие сте таму за да ги слушате кога сакаат или треба да разговараат.
Важно е родителите во таква ситуација да побараат помош за да го поминат тој период побезболно. Исто така, за нив е важно да бидат подготвени за фактот дека нивната тага ќе трае долго време и дека е во ред.



912

X