Никој не знае повеќе за пресвртниците на детето и социјалните проблеми од детски психолог. Франсис Зелцер сака да им помогне на родителите помалку да се грижат и повеќе да уживаат во родителството.

– Како детски психолог, разговарам со многу родители кои се загрижени за развојот или однесувањето на нивното дете. Главно, моите клиенти не се сигурни кое однесување треба да подигне црвено знаме. „Дали треба да се грижам кога моето дете го прави ова“ или „Дали е чудно што моето дете рече дека..“ Сум слушнала многу работи во речиси една деценија работење со семејства.

Дури и ги имав истите мисли. Кога станав мајка на две момчиња, Хантер и Пакстон, мојата работа ги потенцира грижите што и јас ги имав како сите родители. На крајот на краиштата, бев сведок како родителството може да влијае врз децата. Родителите имаат еден куп работи за кои треба да се грижат, но едноставно не можеме да се грижиме за сè. Сè додека ги сакаме нашите деца и се трудиме да им овозможиме среќно детство, ние го правиме најдоброто што можеме.

Затоа, ги споделувам работите за кои не сум загрижена кога станува збор за моите деца, а и на кои грижи им давам приоритет. Секако дека не постои вистински начин да се биде родител, возможно е да се чувствувате сигурни дека донесувате најдобри родителски одлуки за вашите деца.

Не се грижам…

Дали сум позитивен пример за нив – Како мајка што работи, не поминувам цел ден со децата. Но, уште поважно од количеството време што го поминувате со децата е колку е квалитетно тоа време. Важно е децата да се приспособливи и цврсти, да научат автономија и независност.

Дали нивниот развој е во рамките на просекот – Постојат многу истражувања што различно сметаат што е соодветно, а што одложено. Секое дете учи и расте со свое темпо. Фокусирајте се на тоа како вашите деца напредуваат споредувајќи ги со нив самите, а не со друго дете. Ако имате одредени грижи, споделете ги со педијатарот, а не со групи на „Фејсбук“.

Ако има промена во нашата рутина – Ќе ви признаам нешто: во текот на празници и одмори децата легнуваат подоцна; понекогаш не ги легнувам за нивната попладневна дремка за да правиме нешто забавно. Дури и им дозволувам да спијат со нас и да гледаат цртани кога сме на одмор.

Не постои сомнеж дека децата напредуваат поради рутините и имаат корист од јасните очекувања. Но, повремената промена на распоредот или рутината нема да ги уништи.

Ако моите деца пребираат во јадењето – Сè додека педијатарот не е загрижен за нивната тежина или здравје, јас не се борам со моите деца за јадењето. Обично нудам два избори: што јадеме ние како семејство и што моментално е достапно во фрижидерот. Ако се гладни – јадат, ако не се гладни – не јадат.

Ако моите деца поминуваат време пред екран – Како и сè друго, изложеноста на екраните и технологијата може да биде корисна, ако е внимателно следена и регулирана. Ангажирајте го детето додека гледате телевизија и разговарајте за ликовите и темите за време на рекламите. Повеќето уреди имаат родителска контрола, искористете ја!

Се грижам…

За тоа кои се пријатели на моите деца – Фокусирајте ја вашата енергија кон запознавање на другарчињата на вашите деца и едукација на вашите деца за тоа како да стекнат добри пријатели. Поставете термини за игра и запишете ги во воннаставни активности. Разговарајте со вашето дете по играњето за тоа како поминало.

Дали моето дете е љубезно и добро – Понекогаш ги набљудувам децата кои постапуваат злобно, не затоа што се злобни, туку затоа што слушнале или биле сведоци на други што биле злобни. Децата се како сунѓери, впиваат сè, дури и кога мислите дека не обрнуваат внимание. Секогаш се обидувам да ги учам моите деца да користат љубезен јазик како: „Сите се вклучени“ и „Љубезноста е важна“. Исто така, искрено разговарам со нив кога ќе забележат дека другите се нељубезни. Учете ги на емпатија: не мора да ги сакаат сите, но треба да бидат љубезни кон сите.

Дали донесувам правилни образовни одлуки за моите деца – Како што се менуваат образовните стандарди, така се менуваат и општествените очекувања. Толку многу што честопати се чувствува дека нашите градинки повеќе ги подготвуваат за факултет отколку за социјално приспособување. Како родители, постојано се прашуваме дали донесуваме правилно одлуки за нашите деца. Иако не можам да кажам што не е во ред за вашите деца, со сигурност можам да кажам дека ниту една одлука што ќе ја донесете за вашите деца не треба да е неотповиклива. Aко не сте задоволни со училиштето, часот или воннаставната програма, свикајте состанок или направете промена.

Дали моето дете е среќно – Секако, знам дека моето дете е посреќно кога игра отколку кога пишува домашна, но дали е навистина среќно длабоко во себе? Ова е нешто што е надвор од мојата контрола како родител. Наместо да се грижите за тоа, прашајте го вашето дете како се чувствува, и правете го тоа секојдневно. Важно е да ги потврдите чувствата на вашето дете и да покажете дека сте тука за да го сослушате.

Извор

Подготвил: Тамара Гроздановски



912

X