Како се чувствува мајка која не е во можност да биде она што нејзиното дете најмногу би сакало? Ви претставуваме една исповед на мајка која поминува низ тешки предизвици во животот, но на своето дете му дава најмногу што може.

Некогаш мојата ќерка ми зборува каква мајка би сакала да има.
Таа мајка има многу пари и секогаш ѝ купува играчки.
Таа мајка ѝ дозволува да остане будна до доцна и да јаде колачи за вечера.
Таа мајка никогаш не е нерасположена. Секогаш е среќна и насмеана.
Таа мајка никогаш не е болна. Има многу енергија и трча да си игра и да прави забавни работи.
Некогаш, таа мајка има и прекрасен партнер.

Ова е многу необично искуство. Го слушам детето како прави слика на светот што никогаш нема да го запознае. Ја гледам убавината на тоа, но чувствувам и вина.

„Би сакала и ние да го имаме сето тоа, мила. Навистина би ни било убаво“, ѝ велам.

Наместо тоа, таа е заглавена со мене. А животот не ѝ бил отсекогаш ваков.
Пред шест години, таа беше новороденче опкружено со нежност и со љубов. Имаше семејство. Татко, мајка, полусестра и мачка. Таа не се сеќава на тоа, но јас се сеќавам.
Се сеќавам кога се грижев дали воопшто ќе можам да бидам мајка. Што ако на своето дете му ја пренесам својата автоимуна состојба? Тоа не би му го посакала ни на најлошиот непријател: постојани болки, замагленост во мозокот, исцрпеност.
Сепак, мојот партнер ме тераше да мислам позитивно. „Покрај сѐ“, велеше тој, „сум чул за случаи кога по некое чудо, жената сосема закрепнува по породувањето“.
„Дали имале исто заболување како мене?“
„Не сум сигурен, но претпоставувам“.

Отидовме кај специјалист и научив што треба да правам за да забременам. Морав да престанам да ја земам терапијата што отсекогаш ја пијам. Морав да се префрлам на нешто друго, а состојбата на бебето ќе мора постојано да се следи.
Го погледнав партнерот, кој само кимаше со главата. Бевме подготвени да го направиме тоа.
Новите лекови не беа толку добри, но барем нешто можев да користам. Познавам жени што мораа сосема да се откажат од терапијата. Тие девет месеци буквално ги уништија.
Пребарувајќи по форумите, читав за мајки кои се бореа околу негата на своите бебиња. Двојките со нежно здравје и со недоволно сон, заедно со претешките барања на новороденчето, се наоѓаа во вистински оган.

Разговарав со партнерот. Бев преплашена. Не можев сама да го постигнам тоа. Што ако се влоши моето прилично слабо здравје кога ќе дојде бебето? „А што ако се поправи?“, постојано ме испитуваше.

Потоа дојде време кога не морав веќе да се грижам, бидејќи дојде бебето.
Мојата ќерка.
Моето синооко џуџе со црна косичка.
Не е родена како зависник од лекови. Беше силна, здрава и имаше многу барања. Токму како да ја родила најздравата мајка на планетата.
Помошта што ја очекував не се материјализира. Мојот партнер правеше колку што можеше кога ќе дојдеше дома, но повеќето време ние двете бевме сами. Беше прифатливо. Најдобри беа нејзините дремки, но ноќите беа навистина тешки.
Ќе се разболам ако не спијам доволно. А никој не спие кога има новороденче. Ако само се накашлаше, скокав во истиот момент. Развив некој вид инсомнија за да се изборам со недостигот на сон.
Се случи она од што најмногу се плашев. Стана полошо. Секогаш кога ја бањав или си играв со неа на подот, ми се матеше во главата. Бев исплашена да не се онесвестам и да ја испуштам.
Лекарите ми велеа дека можеби се работи за низок притисок. Ми предложија да пијам многу вода. И пиев, но не помогна.

Потоа сѐ се распадна. По два месеца од третиот роденден, патував кон куќата на моите родители. Мојот поранешен партнер ми прати студени, прецизни детали како да побарам социјална помош кога ќе стигнам таму.
Останавме само јас и таа.
Сами против светот.

Можеби сте ја гледале Прасето Пепа. Ако сте гледале, знаете дека Мајката Прасе и Таткото Прасе се совршени родители. Тие се весели и среќни. Сакаат да скокаат во калта колку и нивните деца.
Гледајќи го Прасето Пепа покрај својата ќерка во првите неколку осамени години, ми беше срам. Ова треба да ѝ го дадам на мојата ќерка. Ова треба да го проживеат сите деца.
Среќна мајка. Радосен татко. Куќа, браќа и сестри, одмор во камп-куќичка.

Каква мајка сум јас воопшто? Мајка која нема поим како да биде самохран родител. Цел живот се колнев дека такво нешто нема да му направам на своето дете. Подобро е да немаш деца отколку да им ја скратиш можноста да бидат дел од вистинско семејство.
Ха-ха. Погледнете како испадна тоа кај мене.

Сега јас сум болна, целосно под стрес и осамена мајка која се бори да преживее.
Се обидував својот стрес да го скријам од ќерка ми, но не бев среќна мајка. Бев мајка што се смее, се забавува и игра игри, но во моментот кога таа ќе заспиеше, завршував со претставата.
Што ако не можам сѐ сама да совладам? Што ако не можам доволно да направам за неа? Што ако здравјето целосно ми „откаже“ и ако го изгубам и она малку што го имам?
Како што растеше, таа сѐ забележуваше.
Забележа дека понекогаш по подолго седење не можам да се исправам. Некогаш мора да биде многу нежна со мене кога си играме. Кога ќе се скокоткаме, понекогаш морам да се одморам.
Тоа ја фрустрира, а понекогаш и ја лути.
Во други моменти се случува навечер да дојде кај мене, откако ќе ги измие забите. Ползи и ме фаќа за нозете. „Треба да ги одмориш своите нозе, мамо.“ Потоа ми ги масира стапалата.
Нејзиниот допир навистина е нежен. „Нема да те повредам, мамо.“
„Нема да ме повредиш, не грижи се“, ѝ велам.

Можеби мојата ќерка ќе порасне и ќе открие лек за автоимуни болести. Можеби ќе стане активист кој ќе се бори за правата на самохраните мајки. Во секој случај, постои поширока слика која на сето ова ќе му даде некаква смисла.

Во меѓувреме, не сум мајка каква што посакува. Јас сум мајката што ја има. И тоа е единствено што можам.



912

X