Тоа што не дава резултати, мора да биде променето. Одредени аспекти на Концепцијата за основно образование ќе претрпат измени затоа што ниту наставниците ниту учениците и родителите не се задоволни од имплементацијата и постигнатите ефекти. Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на средба со директорот на Бирото за развој на образованието, Абдулфета Фетаи, на која се дискутираше за актуелните состојби во образованието и заложбите за нивно подобрување, во интерес на создавање поквалитетни ученички генерации.

– Планираме историја, географија, граѓанско образование и други предмети повторно да се изучуваат како одделни предмети, а не како во моментов да бидат фузирани и да се создава конфузија кај наставниците и учениците кои навистина секојдневно се прашуваат по кој предмет имаат час. Материјата мора јасно да биде разграничена, како што е практика и во најголем дел од земјите во Европа и пошироко – рече Јаневска.

На средбата се дискутираше и за состојбата со учебниците, особено во основното образование каде што недостигаат по голем дел од предметите. Јаневска рече дека се прават напори да се обезбедат за сите одделенија пред почетокот на новата учебна година, додека за средното образование тоа ќе се случува етапно во следните неколку години.

Министерката посочи дека во овој преоден период од дигитализацијата на образованието, преку е-анкета ќе се слушне мислењето на наставниците за тоа дали во оваа фаза е потребно целосно укинување на хартиениот дневник или пак од корист би било пополнувањето на модифицирана верзија во која ќе се внесуваат само оценки и изостаноци.



912

X