Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам син на возраст од две години и четири месеци. Од минатата година посетува градинка, т.е. јасли, а од годинава е во друга група. Проблем се јави која ги смени групата и воспитувачката, па плаче и се плаши да оди во градинка. Штом се споменат градинката и новата учителка, добива напади на бес со гризење, тркалање по под, дури и ја треска главата од под, ѕид, маса, што и да се најде пред него. Не зборува добро, но на мое прашање зошто не сака да оди кај децата, тој со рачето се плеска по лицето. На прашање кој го удрил, почнува нападот на бес. Ве молам за помош.

ОДГОВОР: Промените сами по себе се стресни и за возрасните и за децата. Особено деца од рана предучилишна возраст тешко ги прифаќаат и не успеваат да се носат со емоциите во нив.

Затоа од примарно значење е предучилишните установи да се грижат во обезбедувањето на чувството на сигурност и безбедност кај децата, како и нормализирањето на стресот кај децата при таквите трансфери од група во група или при промена на воспитувач во групата.

Тоа значи дека најпрвин се работи на планот на постепена подготовка на децата, каде што еден месец пред да ги преземе новата учителка, таа би влегувала по еден час да поминува време во групата што ќе ја преземе потоа. На тој начин, покрај претходната учителка која веќе обезбедила чувство на сигурност, децата полесно ќе го прифатат новиот лик за кој ќе научат дека е безбеден и сигурен. Во моментот емоциите го инхибираат вашето дете, тоа се плаши и бега, се повлекува од таквата социјална средина. Затоа, без многу притисок, дајте му малку време и постепено со адаптивен период понудете му ги новите услови на новата група и новиот воспитувач.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X