За многумина првото искуство со коцкањето се лотариите на локалните прослави – училишни или народни. Сме оставале понекоја паричка и сме се надевале дека ќе ни „се падне“ нешто кое ќе вреди барем за парите што сме ги вложиле.

Сега, во поново време, ваквите лотарии се трансформирани во играчки со изненадувања. Обично се работи за мала колекционерска играчка со изненадување, во поголемо, украсено пакување.

Постојат повеќе вакви играчки кои во себе содржат некакви „изненадувања“.

Иако не се достапни статистики за глобалната продажба на ваквите видови играчки, податоците од САД покажуваат индикации дека бројот на ваквите играчки е во огромен пораст, во изминативе години.

Помеѓу 2017 и 2018 година се проценува дека пазарот за ваков вид играчки во САД бележи пораст од околу 60 отсто, додека продажбата на играчки воопшто паднала за 2 отсто.

Елементот на изненадување

Не е изненадувачки што Американската асоцијација за играчки тврди дека играчките со изненадувања се топ-тренд во 2018 година. 2019 и не беше толку различна од претходната година. По сè изгледа дека желбата за ваквите играчки непрестајно расте. Факторите што ја поттикнуваат продажбата на ваквите играчки се социјалните медиуми, каде што „отворањето кутии“ стана забава сама по себе – како и пазарот за играчки за возрасни. Но, трите најмоќни елементи се комбинацијата од цена, креирањето колекции и психолошкиот ефект од изненадувањето. Но, овие три фактори се исто така и моментите што ги прават ваквите играчки етички проблематични.

Собери ги сите!

Во споредба со другите играчки, овие со изненадување изгледа дека се поевтини. Затоа се привлечни и за децата и за возрасните, особено за празничните периоди. Но, проблемот во тој случај е дека никогаш не е доволно, бидејќи речиси секогаш ваквите играчки се креирани како колекции кои потрошувачите треба да ги собираат. Па така, иако не се многу скапи поединечно, трошоците сепак се зголемуваат бидејќи потрошувачите постојано купуваат нова играчка за да ја соберат целата колекција.

Љубопитноста како оружје

Се проценува дека 30 отсто од возрасните собираат колекции, а кај децата процентот е искачен на 90 отсто. За децата правењето колекции е дел од нивната природна љубопитност, како и начин за разбирање на светот преку собирање и категоризирање. Но, бизнисот на играчките со изненадувања го вооружува импулсот за колекционирање преку вклучување на елементот „коцкање“ во играчката во смисла на лотарија. Го комбинира задоволството од добивање награда со елементот на изненадување, што е истовремено и привлечно и создава зависност. Во овие случаи се користи истиот психолошки механизам како кај класичното коцкање.

Наизменично засилување

Манипулативната моќ на наизменичното засилување била покажана во експерименти со гулаби во 50-тите години, предводени од американскиот психолог Б.Ф. Скинер. Неговиот тим тренирал гулаби да клукаат мал лост што ќе ги доведе до награда во форма на храна. Кога постојано биле наградувани, гулабите го клукале лостот само кога биле гладни. Но, кога биле наградувани наизменично, тие станале компулсивни во активноста. Ваквиот ефект бил докажан и во клинички тестови со деца. Оттука се објаснува огромниот раст и профитабилноста на компаниите што произведуваат играчки со изненадувања.

Кутии со изненадувања и гејмерство

Виртуелната форма на кутија со изненадување им носи уште поголем профит на компаниите што создаваат видеоигри. Играчите може да ги купат со вистински пари, со надеж дека ќе имаат доволно „опрема“ за да го подобрат нивниот гејмерски аватар. Многу често тие кутии не го содржат она што му е потребно на играчот, па затоа играчите продолжуваат да купуваат. Според податоци од студија, во видеоиндустријата се заработуваат 30 милијарди долари од купувањето кутии со изненадувања во виртуелниот гејмерски свет.

Сето ова довело до загриженост на глобално ниво, па така некои земји вовеле строги регулативи. На пример, во Белгија ваквата продажба е забранета. Во Велика Британија владата има намера да воведе закон со кој компаниите за видеоигри ќе се обврзат да имаат лиценци за коцкање. Во Австралија федералната влада смета дека се потребни поголеми анализи и истражувања пред да се регулира оваа област.

Колку е поразлична играчката со изненадување?

Можеби секогаш ви е обезбедена играчка, но релативниот недостиг на различни играчки во една серија значи дека некои од нив вредат многу повеќе од другите, а желбата за нив ќе доведе до понатамошни набавки. Ова е бизнис-модел кој функционира на истите принципи на кои функционираат и покер-машините и другите форми на машини за коцкање. Па така, иако овие играчки може да бидат забавни, сепак, нивното постојано користење и манипулација за зголемување на продажбата треба да се сметаат за етички проблематични, особено ако се наменети за деца.

На крајот на краиштата, свесноста и умереноста се клучот.

Автор: Луис Гример



912

X