Децата што создаваат имагинарни паралелни светови, сами или со пријателите, ги има во поголем број отколку што претходно се мислело, покажува ново истражување.
Во проект дизајниран да ја испита динамиката на ваквото однесување кај децата на возраст од 8 до 12 години истражувачите откриле дека околу 17 отсто од нив, во две одделни истражувања, ги опишале имагинарните светови со чести длабоки комплексности. За разлика од претходните истражувања, истражувачите се фокусирале на децата од старосна група најчесто поврзана со овој малку истражуван феномен во детството.
Создавањето на таквите имагинарни светови првпат било забележано во истражување од 1976 година. Според главната авторка на проектот, Маџори Тејлор, професорка по психологија на Универзитетот во Орегон, овие имагинарни светови не треба да предизвикуваат никакви грижи.
Имагинарните пријатели се јавуваат кај мали деца, а имагинарните светови доаѓаат подоцна
– Тие се позитивна работа поврзана со креативноста и раскажувањето приказни, и не се ретки. Ова се деца што измислуваат многу сложени приказни во кои уживаат и кои сакаат да ги споделат со другите – вели Тејлор.
Петчлениот истражувачки тим детално ги откри наодите во списанието „Детски развој“.
Во книгата од 1992 година, „Развој на имагинацијата: приватните светови на детството“, авторите Дејвид Коен и Стивен Мекит идентификувале 57 имагинарни света, но сметале дека се ретки.
Со текот на времето Тејлор го доведува во прашање ова тврдење бидејќи собрала повеќе докази за голем број деца што измислуваат имагинарни пријатели и паралелни светови. Имагинарните пријатели, според Тејлор, се појавуваат кај мали деца, додека имагинарните светови доаѓаат подоцна.
Новото истражување пронајде значајна врска помеѓу создавањето на имагинарните пријатели и развојот на имагинарните светови, но не секогаш значело дека имагинарните пријатели ќе бидат дел од подоцнежните имагинарни светови.
Во двете истражувања децата-учесници, од среден до висок социоекономски статус, првенствено евро-американски, биле испрашувани за создавањето на нивните имагинарни пријатели и имагинарни светови. Кога нивните описи достигнале дефинирано ниво, децата биле поттикнати да обезбедат повеќе детали за паралелните светови што ги создавале.
Во првото истражување, во кое биле вклучени 37 момчиња и 40 девојчиња, учесниците направиле пет креативни задачи поврзани со социјалните вештини, како и процена на нивните стратегии за справување и вербално разбирање. 16 момчиња и 20 девојчиња пријавиле имагинарни пријатели, како што се невидливи предмети или персонализирани предмети.
Помеѓу 77 деца, 44 изјавиле дека размислуваат за измислено место и дале опис на тоа место. Од овие, целосно развиени имагинарни светови биле идентификувани во деталите кај 6 од момчињата и 7 од девојчињата.
Овие паралелни светови варираат во содржината, но сите содржеле детали за природната средина (шуми, езера, пештери и слично), жители (бандити, гоблини, животни итн.) и мистични компоненти.
Да им дадеме слободно време на децата за да создаваат
Второто, покомплексно истражување се обидело да го реплицира првото, но и да оди подлабоко. Вклучувало две мерки на инхибиторна контрола, една од работната меморија и компонента за социјална креативност што ја избегнувала улогата на фантазијата.
Во второто истражување имагинарните светови биле идентификувани кај 16 од 92 деца – 12 девојчиња и 4 момчиња. Имагинарните пријатели биле присутни кај 51 учесник. Повеќето од оние што развиле имагинарни светови рекле дека имаат имагинарни пријатели.
Децата што развиле имагинарни светови не се разликувале од другите деца во вербалното разбирање и работната меморија, но имале повеќе тешкотии со инхибиторните контролни задачи, што укажува на врската помеѓу креативноста и пониските инхибиции. Како и во првото истражување, децата со имагинарни светови можеле да создадат покреативни завршетоци во нивните приказни од оние што не пријавиле имагинарни светови.
– Мислевме дека имагинарните светови ќе бидат приватна работа. Изненадувачки, тоа не беше секогаш така. Може да биде многу социјална активност. Честопати голем дел од децата се инволвирани заедно во градењето имагинарни светови – вели Тејлор.
Според неа, најкреативните деца можеби се оние што се способни да се префрлат помеѓу фокусот на нивното внимание и поотворениот ум.
– За ова се потребни повеќе истражувања, за подобро да разбереме како генерираме идеи и како измислуваме нови работи, отворајќи ја креативноста. Можеме да бидеме навистина импресионирани од креативноста на децата. Важно е да им дадеме слободно време бидејќи тие ќе создадат нешта во кои ќе уживаат – завршува Тејлор.
912