Сериозна е состојбата со феноменот наречен екранизација. Изложувањето на децата на екран од најмала возраст, односно прекумерната употреба на електронски уреди како телефон, таблет, компјутер, телевизор има сериозни импликации врз здравјето на најмалите.

Како психолог кој работи на промоција на грижата за менталното здравје, здравиот психофизички раст и развој, сметам дека е неопходно да се истакнат секојдневните предизвици што се јавуваат и да се промовираат позитивни практики и начини за промена на однесувањето кај возрасните, па потоа кај децата.

Важно е да се има на ум дека родителот е одговорен за детето да обезбеди услови за правилен физички, когнитивен, јазичен и социо-емоционален развој. Првите години од животот се клучни за развојот на детето и во текот на овој период детскиот мозок е осетлив на позитивни стимулации, но и ранлив на негативни влијанија. Екраните можат негативно да влијаат и да го забават детскиот развој бидејќи не вклучуваат истражување, игра и заемна интеракција со родителите и околината, што всушност поттикнува учење и здрав физички и психосоцијален развој.

Брзото темпо на живеење и родителската презафатеност поради обезбедување материјална егзистенција, фокусираноста на работите што носат финансии, за жал, сѐ почесто се причина родителите да го стават своето дете пред екран и така несвесно да обезбедат краткотраен „мир“, несвесни дека предизвикуваат долготрајни последици врз психофизичкиот развој на детето!

Родителите најчесто бараат помош и совет кога забележуваат дека нивното дете има оскуден говор или, пак, воопшто нема развиено говор. Меѓутоа, и други аспекти од развојот се нарушени. Па така, детето станува лесно раздразливо, со ниска толеранција на фрустрација, отсутно и со слаба концентрација, со дефицитарно внимание, има отсуство на реакција при повик на име, присутни се повторувачки фрази на англиски јазик, стереотипни движења, несоодветни емоционални реакции… Ова е само дел од комплексната проблематика која се јавува како резултат на долгочасовната фиксираност пред каков било екран. Доброто во целата ситуација е што родителите бараат помош и насоки како понатаму. Често дел од нив се свесни од каде и од кога настапила промената во однесувањето на нивното дете и тоа го изнесуваат.

Заклучокот е јасен, современиот начин на живот и развиената модерна технологија, од една страна, го олеснуваат начинот на живот, а од друга страна, се предизвик и неопходно е да се усвои пристап кој минимизира ризик, а дава оптимална корист и обезбедува зачувување на здравјето со цел одржување квалитетен живот, а со тоа и здрава иднина. Родителството е улога која носи огромна одговорност, добро е да се биде свесен дека секој човек се соочува со тешкотии и недоумици кои добро е да се адресираат, да се побара совет и насока пред да биде доцна.

Автор: м-р Ирена Христова Манева, лиценциран психолог

*Психоедукативен текст подготвен во рамките на Денови на психологија 2024
– Национална платформа на психолози за Унапредување на ментално здравје при Комора на психолози на РСМ

*Деца.мк е поддржувач на Денови на психологија 2024, организирани од Комора на психолози



912

X