Како професор по македонски јазик и литература и добар познавач на образовниот менаџмент, сите овие години ја црпев инспирацијата за својата работа токму од децата. Несебично ја користев секоја минута посветена на нивниот образовен развој. Од сето тоа сфатив само едно, дека децата на која било возраст се само деца, битија во кои царува исконската природа, сè до моментот кога ги расипуваат зрелоста и борбата за живот. Правило за нивно снаоѓање нема, но насоки секако дека постојат, советува д-р Наташа Лазарева

Во моментот ситуацијата е таква каква што е. Вирус кој веќе е насекаде околу нас. Многу родители деновиве се чудат што да прават со себе и со своите деца. Впрочем, тоа е еден вид хендикеп кој во нормалниот тек на живеење го прекривала токму наставата. Мора итно да сфатиме дека оваа ситуација е најдобар начин за заштита на нашето и на секое друго дете. Реалниот наставен процес е прекинат, но тоа не значи дека децата треба да останат на ниво на кое ги затекнала оваа ситуација. Тие се најмалку виновни за сè што им се случува. Учењето од дома треба да се претвори во предизвик и сите заедно да сфатиме дека напредувањето на децата не смее да запре.

На еден ден овластете ги да бидат родител со тоа што ќе им дозволите тие да ви задаваат задачи. Токму тогаш ќе си ги препознаете личните грешки бидејќи тие несвесно преку наредбите ќе манифестираат сè што сте згрешиле

Деновиве се изнаслушавме многу коментари од типот: детето не ме слуша, дома збудалевме, детето не сака да гледа ТВ-училница и сл. Верувам дека сето ова е точно. Но, родители, ова е моментот да го согледате своето лично влијание врз децата, кое сега почнува, а цел живот ќе се провлекува. Најдете интересен начин да му го наметнете на детето задолжението што треба да го изврши. Обидете се да му објаснете дека приказната сигурно има многу убав крај и мора да ја дочитате. Кажете му дека мора да легне навреме бидејќи утредента ќе му поставите многу смешни обврски. Креирајте му задачи на испечатен лист во боја и со тоа ќе му ја обоите и развеселите монотонијата, пуштајте му редовно ТВ-училница и направете ја ваше рутинско секојдневие.

Д-р Наташа Лазарева

Постојат илјадници начини на кои може да се влијае врз детската свест. Верувајте дека тие прифаќаат сè што е добро. Ако никако не може да ги натерате да ви ги прифатат предлозите и начините на учење, тогаш преиспитајте се себеси. Грешката е некаде длабоко во вашиот пристап. Скратете ги коментарите дека по дома мора да глумите и да бидете наставници. Реално вие никогаш не можете да бидете тоа, па дури и да го имате соодветното образование. Детето многу добро ја знае разликата помеѓу родителот и учителот. Токму затоа потрудете се дома да го нацртате ликот на учителот, под него запишете му ги задолженијата што ви ги испратил наставникот. Така му ја оживувате сликата за училиштето и наставата, му потенцирате дека наставата продолжува, дека соработката со наставничката продолжува сè додека детето не ги изврши задачите. Патем, ова се моменти и кога на децата треба да им дозволите слободно да се изразуваат.

Издржете храбро, ова се мигови што нема да се повторат, а ќе причинуваат вечна носталгија за семејството. По неколку месеци и години очајно ќе сакате да поседите дома на една седмица или барем на еден ден со вашето дете, но тоа нема да ви биде дозволено

Ќе бидете изненадени од нивната креативност и способност. Некои ќе се обидат како готвачи, други како уметници, трети ќе почнат да играат балет иако тоа никогаш претходно го немаат правено.

Ставете акцент на креативните, чудните начини на доделување на задолженијата, а секој возрасен тоа може да го искреира. Со тоа ја будите свеста, но и креативното размислување кај детето. На еден ден овластете ги да бидат родител со тоа што ќе им дозволите тие да ви задаваат задачи. Токму тогаш ќе си ги препознаете личните грешки бидејќи тие несвесно преку наредбите ќе манифестираат сè што сте згрешиле.

Издржете храбро, родители, ова се мигови што нема да се повторат, а ќе причинуваат вечна носталгија за семејството. По неколку месеци и години очајно ќе сакате да поседите дома на една седмица или барем на еден ден со вашето дете, но тоа нема да ви биде дозволено.
Променете ја својата свест за да може детето да ги усвои наставните и педагошките промени во овој период.
Не заборавајте крајот на оваа пандемија да го одбележите со една диплома доделена на вашите деца!

Автор: д-р Наташа Лазарева, професор по македонски јазик и литература



912

X