На секои 5 години владината организација „Водич за исхрана за Американците“ креира листа за соодветна исхрана – и првпат во својата програма и препораки ги вклучува бебињата и малите деца. Благодарение на новиот извештај, луѓето добиваат информации и за исхраната на најмладите.

Извештајот е напишан од комитет формиран од истражувачи и експерти за јавно здравје. Тие го испраќаат извештајот до Одделот за здравје и човечки услуги, кој ги креира финалните водичи. Во тие водичи не само што има соодветни совети за исхрана, туку се влијае и врз политиките и програмите за храна што влијаат врз милиони луѓе. Во најновиот водич има совети за децата од нивното раѓање додека да наполнат 24 месеци. Ова се некои од заклучоците:

Доењето има свои придобивки: Во новиот водич се охрабрува доењето, кое е идеално во првите 6 месеци. Но, експертите забележуваат дека има некои докази оти целосното доење може да го намали ризикот од дебелеење и покачена телесна маса, дијабетес тип 1, како и астма, што не е случај со децата што не биле доени.

Првата внесена храна има големо значење: Она што му го давате на детето во првите 1.000 дена од неговиот живот е навистина важно, бидејќи тоа влијае врз идното здравје, како и во обликување на вкусовите на детето. Таа храна треба да биде богата со цинк и железо (месо, јајца, житарици), како и да се користат различни видови овошје и зеленчук (особено на оние со калиум, витамин А и витамин Ц) во периодот помеѓу 6 и 10 месеци. Не започнувајте со цврста храна пред детето да наполни 4 месеци.

Нема простор за шеќер: Во извештајот стои дека нема простор за додавање шеќер во исхраната на овие деца. Тоа особено важи за засладените сокови, кои треба да се избегнуваат во првите две години од животот на децата. Некои истражувања покажуваат дека и додадениот шеќер претставува поголем ризик за зголемена телесна тежина кај децата.

Кикиритки и јајца: Во извештајот стои дека започнувањето со консумација на кикиритки и јајца во првата година од животот може да го намали ризикот од јавување на алергии од оваа храна. Иако доказите не се доволно силни дека раната консумација на риба и соја, на пример, може да го стори истото во однос на алергиите, сепак, нема причина тие да се избегнуваат, со надеж дека тој потег ќе биде превенција за појавата на алергии. Секако, можете да разговарате со педијатар за да се консултирате.

Начинот на хранење е исто така важен: Иако од Комитетот изјавиле дека начинот на кој се хранат децата и бебињата не бил дел од нивната агенда, сепак ја зеле оваа тема предвид. Тие велат дека треба да се применува „респонзивното“ хранење, односно треба да се препознаваат знаците кои детето ги дава за да знаете дали е гладно или сито. Со тоа ќе се воведе ред во исхраната, а се советува и да не се предавате доколку детето одбива одредени видови храна, па бидете конзистентни, особено во врска со овошјето и зеленчукот.

Автор: Сали Куземчак

Извор



912

X