Децата не треба да имаат страв од своите родители, туку почит, а таа никогаш и никаде не се постигнува со насилство

Процесот на растење и воспитување на децата, иако можеби изгледа многу убав и едноставен, истовремено е и една од најтешките задачи во светот. Голем број родители се чувствуваат неподготвени за оваа важна задача, пред сè, затоа што се плашат од грешки кои неретко самите ги прават при воспитниот процес, а и од грешки што може да ги направат нивните деца.

Родителите имаат право да користат начин на воспитување каков што знаат и умеат со цел да ги насочат децата да се движат по вистинскиот пат. Во нашето општество, за жал, сè уште се смета дека ќотекот излегол од рајот, па родителите често употребуваат најразлични физички казни кога детето ќе погреши (удирање шлаканици, тегнење за коса, тепање со каиш или стап и сл.), но не се ни обидуваат да зборуваат со тоа дете за причината на неговото однесување, да прашаат, да слушнат и да објаснат, бидејќи за тоа треба време, па себеси се оправдуваат дека денешниот брз начин на живот не им го дозволува тоа.

Верувам дека многу родители можеби ќе помислат дека користењето на вакви методи при воспитниот процес често вродува со плод и детето го подобрува своето однесување, но треба да знаат дека ефектот од физичките казнувања, иако е најбрз и моментално ефикасен, не е долготраен. Пред сè, децата не треба да имаат страв од своите родители, туку почит, а таа никогаш и никаде не се постигнува со насилство.

Ивана Блажевска

Во минатото можеби било оправдано воспитувањето на децата со физички казни, но како што минува времето, се менуваат многу работи, и време е родителите да дознаат дека ако сакаат да променат нешто кај своите деца, треба да проверат дали нешто треба да променат кај себе (на пример, да поминуваат повеќе време со децата, да се забавуваат со нив, да разговараат, учат и сл.).

Покрај физичките казни што го манифестираат видливото насилство, во голем број семејства родителите применуваат невидливо насилство врз своите деца кое има психолошки карактер. Овде спаѓаат омаловажувањата и критиките упатени кон детето („не си ја напишал добро задачата, за ништо не те бидува“, „многу си мрзлив и глупав“), недавање поддршка на детето за да постигне успех („не си ти за овој спорт, имаш две леви нозе“, „нема да успееш да го завршиш тој факултет“, „има премногу за учење, а ти не си многу способен за тоа“), и негативните етикетирања („големо ѓубре си, идиот, говедо, овца“…)

Во последните години сè повеќе се зголемува бројот на родители што вршат насилство врз своите деца, без притоа да знаат дека тоа остава трајни последици врз нивното ментално здравје и врз нивната психолошка состојба. Ваквите деца подоцна стануваат агресивни и развиваат деликвентно однесување, мислат дека со тепачки и насилство ќе го решат секој проблем и ќе ја надминат секоја пречка. Многу од нив стануваат автоагресивни и во иднина стануваат зависници или се впуштаат во врски со насилни партнери, девојчињата често започнуваат партнерски релации со повозрасни мажи, несвесно барајќи татковска фигура која во детството не ја добиле во посакуваниот облик.

Покрај физичките казни што го манифестираат видливото насилство, во голем број семејства родителите применуваат невидливо насилство врз своите деца кое има психолошки карактер. Овде спаѓаат омаловажувањата и критиките упатени кон детето („не си ја напишал добро задачата, за ништо не те бидува“, „многу си мрзлив и глупав“), недавање поддршка на детето за да постигне успех („не си ти за овој спорт, имаш две леви нозе“, „нема да успееш да го завршиш тој факултет“, „има премногу за учење, а ти не си многу способен за тоа“), и негативните етикетирања („големо ѓубре си, идиот, говедо, овца“…).

За една од најистакнатите форми на психолошко насилство се смета занемарувањето на децата, односно необрнувањето доволно внимание од страна на родителите. Често се случува детето секојдневно да се расплакува за банални работи, на што родителот неретко одговара со фрустрации или, пак, му се обраќа на детето со зборовите „плачко, лигле, разгалено детиште…” без да размисли дека таквото плачење можеби има друга заднина, дека можеби детето има некој проблем за чие решение му е потребен разумен и свесен родител, кој ќе го сослуша, ќе му даде поддршка и нема да го осудува.

Користењето на невидливото, односно психолошкото насилство придонесува децата да развијат одредени симптоми. Во детството тоа може да бидат ноќни кошмари, секундарно мокрење кое е несоодветно за возраста, нарушувања во исхраната (анорексија и булимија), чести стомачни болки или главоболки.

Децата што биле растени со употреба на психолошко малтретирање стануваат личности кои не се почитуваат себеси, имаат ниска самодоверба, чувствуваат преголем страв и вина и развиваат многу комплекси. Неретко се случува да го напуштат примарното семејство впуштајќи се прерано во сериозни љубовни врски, а најстрашно од сè е што поради ниската самопочит, може да имаат и суицидни мисли.

Во минатото можеби било оправдано воспитувањето на децата со физички казни, но како што минува времето, се менуваат многу работи, и време е родителите да дознаат дека ако сакаат да променат нешто кај своите деца, треба да проверат дали нешто треба да променат и кај себе (на пример, да поминуваат повеќе време со децата, да се забавуваат со нив, да разговараат, учат и сл.)

Родителите треба да знаат дека децата не се боенки за тие да ги бојат како што сакаат. Родителот треба да го научи детето како да ја држи боичката, да ја одбере вистинската боја и да му покаже во кој правец да бои, односно да го извлече најдоброто од своите деца со пофалби и позитивни критики.

На секое дете му е потребен родител кој знае дека децата грешат, а успешните родители го дозволуваат тоа бидејќи знаат дека на туѓите грешки учат, а на своите дипломираат, секако, со соодветна помош од родителите.

Карл Густав Јунг некогаш кажал: „До петтата година детето е твој роб, до десеттата твој слуга, до петнаесеттата твој таен сојузник, а потоа станува твој пријател или твој непријател“.
РОДИТЕЛИ, ИЗБОРОТ Е ВАШ!!!

Автор: Ивана Блажевска, лиценциран психолог при Комора на психолози

Текстот е подготвен во рамките на програмата на Денови на психологија 2019: Ајде да зборуваме за видливото и НЕвидливото насилство.

Деца.мк е поддржувач на Денови на психологијата 2019, организирани од Комора на психолози.



912

X