Првпат во Македонија децата добија можност да научат како да дизајнираат и програмираат игри. „Ај-Тинк“ (IThink Academy) за информациски технологии, наменетa за деца од 8 до 14 години, ја збогати својата програма со нова насока – 3Д-дизајн на видеоигри. По тој повод разговараме со Танер Селим, тренер на „IThink“ и одговорен креативец за воведување на новата насока, кој зборува за идејата и потребата од оваа програма наменета за најмладите

Новиот начин на едукација треба да поттикнува креативност и логичко размислување. Како е тоа овозможено со дизајнот на видеоигри?

– Денешното време и ерата на технолошкиот бум секојдневно нè потсетуваат за алармантно бавната фреквенција со која се воведуваат иновации во школството и генерално во начинот на учење нови работи. Ова е најевидентно кај нашите деца, преку кои лесно можеме да ја видиме разликата помеѓу нивниот огромен интерес да бидат во чекор со онлајн-трендовите и малиот интерес за стекнување знаење и вложување труд за да се развијат ваквите технологии. Проблемот не е во поттикнување на креативноста и логичното размислување, туку во изнаоѓање механизми и полиња за пренасочување на истите да бидат во синхронизација со иновациите, со кои секојдневно се среќаваме и од кои сме повеќе или помалку зависни. Дизајнот на видеоигри мислам дека е совршеното решение затоа што најубаво ја нагласува и спојува потребата за учење и напорна работа, со активноста која е фундаментално врежана во интересот и љубопитноста на секое дете – играта! Резултатот на оваа спојка се фокусирани и поактивни деца, спремни за истражување секакви апстрактни полиња, а тоа е модерната дефиниција на креативноста и логичкото размислување.

Танер Селим

Несомнено, децата се љубители на видеоигрите, но дали не е прерано на возраст од 8 до 14 години да се дизајнираат игри?

– Напротив, играњето е основна карактеристика на секој човек. Кај децата играта е дури на ниво на примарен инстинкт. Човекот учи преку опсервација и повторување. Нашите мозоци се природно испрограмирани репетитивните работи да ги претвораат во некаков вид игра, со што се поттикнуваат имагинацијата, независноста и креативноста. Би рекол дека видеоигрите се природната еволуција на традиционалните детски игри.

Во првата година на академијата „IThink“ децата учат како да програмираат игри во програмата „Scratch“ и тоа се покажа успешно на натпреварите за програмирање. Што следува во 3Д-дизајнот на игри?

– Унапредување на тоа знаење. Како прво, воведувањето на таа трета оска од 3Д ги отвора вратите за нови идеи и имагинација, како и потикнување интерес кај децата за фундаментални математички концепти, како волумен итн. Во денешно време има многу софтвери што ваквите концепти ги воведуваат токму преку игра.

Интересно е тоа што индустријата на видеоигрите е во голема експанзија. Но, акцентот на индустријата е вештачката интелигенција. Има ли поврзаност меѓу нив и кои се идните перспективи на оваа професија?

– Секако дека има. Темата на вештачката интелигенција е многу опширна, комплексна и во моментов е фокус на многу истражувања. Во контекст на видеоигрите може да се каже следново, кога играте видеоигри против компјутер, особено кај поновите игри, вашиот противник работи и игра со помош на рудиментарна вештачка интелигенција. Имено, знае да ве следи, да се крие од вас и слични активности што секако зависат од играта, а перспективите на оваа област се неограничени. Доколку денеска патувате некаде со авион, шансите се дека 50 отсто вашиот живот во текот на летот е во рацете на некој компјутерски систем кој имплементира или користи вештачка интелигенција. Како што еволуираат процесорските системи и компјутерите генерално, така расте и побарувањето за покомплексни видеоигри со „попаметни“ противници. Вештачката интелигенција е делот од компјутерската наука што ги адресира и решава овие потреби.

Дали постојат одредени критериуми што треба да ги исполнуваат децата за да можат да ја следат оваа нова програма?

– Делот за дизајнот не бара специфично знаење освен основна писменост, читање и пишување. Имплементацијата на 3Д-игра бара основно познавање на аритметика, односно собирање, одземање, множење и картезиска оска. Другите потребни концепти се учат преку самиот курс и се усовршуваат со вежби и искуство.

Кога почнува академијата IThink и каде можат заинтересираните да добијат информации за новите уписи?

– Стартот на академијата е закажан за 17 септември и трае една школска година. Групата е ограничена на 15 деца, а динамиката на предавањата е двапати неделно по два школски часа, од 17:30 до 19:00 часот. Повеќе информации заинтересираните можат да добијат на нашата веб-страница http://www.sedc.mk/academy/ithink-academy/

Родителите секогаш се грижат за влијанието на игрите и штетноста врз здравјето на децата. Што би одговориле како родител?

– Како родител на две деца, можам да кажам дека сè што е претерано не е добро за едно дете. Видеоигрите не се никаков исклучок. Меѓутоа, нивната класификација како штетни за здравјето е исто така погрешна. Мислам дека со добро насочување и идеја, игрите и нивната имплементација можат да се претворат во многу моќна алатка за учење и отвораат врати кон поголема креативност и иновативни решенија.



912

X