Ако внимателно гледате дете кое зачудено зјапа во свеќата со форма на бројот еден, поставена на тортата, можете да забележите дека нешто неверојатно се случува зад тој невин поглед.

Но, не било така од првиот ден. Ако го премотате филмот наназад, до љубопитното бебе кое ползи, а потоа и до новороденчето и на крајот до оплодената јајце-клетка, тогаш сè што вашето дете може да направи сега станува уште поневеројатно.

Освен филозофскиот предизвик за дефинирање на свеста, научниците исто така се обидувале да разберат во кој точен момент нервните врски се развиваат доволно за поединецот не само да ја почувствува, туку и да ја знае својата околина.

Некои велат дека свеста се развива неколку месеци по раѓањето, непосредно пред првиот роденден. Други, пак, тврдат дека тоа се случува веднаш по раѓањето.

„Се разбира дека не се сеќаваме на периодот кога сме биле бебиња, но тоа не значи дека не сме биле свесни за нашата околина“, вели Тим Бејн, филозоф од Универзитетот „Монаш“ во Австралија, додавајќи дека со својот мал тим невронаучници и филозофи од Австралија, Германија, САД и Ирска, спровеле истражување.

Според нивните сознанија, постојат многу докази дека бебињата всушност стануваат свесни за својата околина многу порано. Дури и пред раѓањето.

Свеста е (и сѐ уште е) црна дупка на неврологијата, скриена зад широк опсег на субјективни искуства до кои никој нема пристап – освен самата личност. Можеме само да претпоставиме како мозокот на друго суштество ги трансформира акустичните вибрации во радосни или тажни тонови на песната и како мирисот на мајчината кожа магично го отстранува немирот и го смирува плачењето.
Ако сакаме да бидеме искрени, науката сè уште знае многу малку за тоа како функционира свеста на возрасен човек, а камоли мозокот на новороденото или нероденото бебе.

Не толку одамна се веруваше дека бебињата дури и не чувствуваат болка, а камоли свест. Всушност, во поголемиот дел од историјата, дури и делумно во 20 век, медицинските интервенции на бебињата се изведувале со минимум анестезија, а често и без неа, сето тоа затоа што науката тогаш верувала дека на бебињата им недостига свеста потребна за да почувствуваат болка!

Авторите на оваа нова студија претставиле четири категории на докази кои јасно покажуваат дека свеста се развива многу блиску до моментот на раѓање.

„Нашите наоди сугерираат дека доенчињата можат да интегрираат сензорни и развојни когнитивни влезови во поврзани искуства за да ги разберат туѓите постапки и да ги приспособат нивните сопствени одговори“, вели Лорина Наци, психолог од „Тринити“ колеџот во Лондон.

Ова не мора да значи дека свеста е целосно формирана веднаш по раѓањето, но кристално е јасно дека ова „будење“ започнува многу порано отколку што сме мислеле.

Прашањата како што се оние дали фетусите сонуваат или како можеме да навлеземе во свеста на новороденчето сѐ уште се далеку од сигурен одговор. Но, како што се подобруваат техниките за скенирање на мозокот и расте способноста за набљудување на сложената мапа на невролошките врски и нивниот раст и развој, така се зголемуваат и надежите дека еден ден ќе можеме да ја разбереме свеста како континуум.

Извор



912

X