Уште од раното детство знаеме колку ни се чинат важни училишните оценки. Дел од ова мислење си го наметнуваме, но желбата за подобри оценки и подобар успех ни е всушност всадена од нашите родители. Исто како што и ние најверојатно ќе им ја всадиме таа мисла на нашите деца, без разлика колку се трудиме да не го сториме истото. Околината ни наметнува одредени стандарди кои свесно или несвесно сакаме да ги постигнеме. Сè на сè, ни се чини дека успехот во училиште, запишувањето во одредено средно училиште или завршувањето факултет е патот до животната среќа и подобар живот.

Сето ова може да биде многу стресно – и за детето и за родителот. Но, што ако кажеме дека тоа не е најважното нешто во животот уште од мали нозе? Не дека откривме топла вода, но лесно забораваме на тоа. Едно истражување покажало дека на рана возраст е важно детето да научи ефективно да комуницира со своите врсници и да ги контролира своите емоции. Ова може да има огромно влијание врз тоа како ќе изгледа неговиот живот во зрелоста. Покрај тоа, оваа студија покажала дека децата треба да поминуваат повеќе време фокусирајќи се токму на овие вештини во училиштето. И не, ова не се измислици. Науката го покажала тоа.

Во првата фаза, воспитувачите во градинка ги оценувале децата со помош на нешто што се нарекува „скала на социјална компетентност“ и ги оценувале изјавите како: „Детето е добро во разбирањето на туѓите чувства – Воопшто/Малку/Умерено добро/Добро/ Многу добро“.

Овие одговори биле искористени за да му се даде на секое дете „оцена за социјална компетентност“. Истите овие деца биле оценувани по 19 години, кога имале 25 години. Потоа беа собрани некои основни информации за тогашните возрасни лица, кои служеле за статистички процени, кои покажале дали нивните рани социјални вештини имале некакво влијание врз нивниот успех подоцна. Еве што пронашле:

Добрите резултати на тестовите се важни, но не поради причините поради кои сме сакале да бидат.

Традиционалното размислување вели дека ако детето добие добри оценки и резултати на тестовите, мора да значи дека е многу паметно, нели? На крајот на краиштата, постои докажана врска помеѓу подобриот успех во средно училиште и заработувањето повеќе пари подоцна во животот. Но, она што резултатот од тестот не ни го кажува е колку пати детето работело со некого за да реши некој проблем, или побарало помош од наставник или се спротивставило на нагонот да гледа телевизија наместо да учи за тест.

Она што истражувачите го откриле било следново: „Успехот во училиштето вклучува и социјално-емоционални и когнитивни вештини, бидејќи социјалните интеракции, вниманието и самоконтролата влијаат врз подготвеноста за учење“.

Едноставно кажано, тоа би значело нешто слично на ова: додека некои деца се едноставно брилијантни, на повеќето од нив им треба повеќе од ум за да успеат.

Вештините како споделување и соработка се исплатат подоцна во животот.

Знаеме дека резултатите од училишните тестови не се најдобриот и единствениот показател оти децата се на вистинскиот пат. Затоа истражувачите се фокусирале на процената на социјалната компетентност. Она што го откриле не е премногу изненадувачко: децата што имале добри односи со своите врсници, подобро се справувале со своите емоции и биле подобри во решавањето на проблемите, а и имале поуспешни животи. И тоа било речиси правило без исклучок! Дете со еден поен повисока социјална компетентност имало 54% ​​поголема веројатност да заработи диплома за средно образование, двојно поголема веројатност да дипломира и 46% поголема веројатност да има стабилна работа со полно работно време на 25 години.

Социјалните однесувања може да се научат, но исто така може и да се одучат – што значи дека никогаш не е доцна за промена.

Некои од позитивните и општествено прифатливите однесувања како што се споделувањето и соработката, експертите ги нарекуваат променливи. Факт е дека некои деца едноставно никогаш нема да бидат врвни научници. Имено, постојат физички разлики во нашиот мозок кои на некои повеќе им го олеснуваат учењето отколку на други. Но, решавање расправии и конфликти со врсниците? Ова е нешто што децата (и возрасните) секогаш можат да го поправат. Освен тоа, особините како топлина и емпатија доаѓаат од родителите, па колку повеќе им ги покажувате, толку подобри ќе бидат вашите деца во таа област.

Но, што значи сето тоа?

Сепак, оваа студија не можела да ги покаже сите влијанија и сè што би можело да се случи. Но, оваа 19-годишна студија дава прилично јасна слика: просоцијалното однесување е важно, дури и на многу рана возраст. Тоа значи и дека е многу добро, поради фактот што на него може да се влијае. Сè на сè – треба да направиме повеќе отколку само децата да учат информации. Треба да инвестираме во тоа – да ги научиме како да се однесуваат со другите и како да се справуваат со работите што ги чувствуваат во себеси. Тоа би можело позитивно да влијае врз она што го посакуваме – добар успех во училиштето.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X