Во десет години активна работа „црвените носеви“ им донеле радост и насмевки на лицата на повеќе од 160 илјади деца и постари лица. По тој повод следува разговор со „главниот виновник“ – првиот кловн-лекар во Хрватска – Зоран Вукиќ.
„На одделот за интензивна нега во клиниката „Ребро“ во Загреб гледам момче во завој од глава до петици. Во еден момент ми изгледаше дека гледам мало движење со прстите, како да нè довикува. Бев со колегата и ние двајца тргнавме кон него мислејќи дека на вратата ќе отсвириме некоја песничка, но тој нè повикува поблиску, поблиску и поблиску. Бевме на 20 сантиметри од него, а тој целиот замотан во завој, тивко прозборува: ‘Свирете уште!’ Тоа е доказ дека и во најтешките моменти од животот музиката и смеата го враќаат чувството на радост и оптимизам“.
Ова е само една од приказните на „Црвените носеви“, здружението на лекари-кловнови, кое веќе 10 години со помош на универзалниот јазик – уметноста, хуморот и смеата – им помага на луѓето во кризни ситуации да почувствуваат трошка надеж. Основач на здружението е лекарот Зоран Вукиќ.
– Работејќи како кловн и циркуски уметник од 1994 година и соработувајќи со колегите на меѓународно ниво, отсекогаш постоеја стремеж и желба за ваква благородна надградба на нашата уметничка работа. Визијата и целта на нашата приказна почнаа да се наѕираат на почетокот на овој век, кога се реализира првата континуирана програма на лекари-кловнови во Хрватска, но таа програма ја спроведував во соработка со една автокуќа, за која тоа беше интересна маркетиншка програма, а за мене беше учење и запознавање на можностите што кловнот ги има соочен со болното дете. Две години интензивно ги посетував децата во болниците, но поради недостиг на структура и постојана финансиска поддршка, проектот премина во состојба на хибернација, со повремено гостување на детските болнички оддели, знаејќи дека посеаното семе порано или подоцна ќе ‘рти. Конечно, во 2009 година, дојде до поврзување со меѓународната организација на лекари-кловнови „Црвени носеви лекари-кловнови интернационал“, со чии иницијални средства почнавме да имплементираме структура и да реализираме услови за развој на организацијата во Хрватска, која конечно ја регистриравме во 2010 година – раскажува Зоран Вукиќ, напоменувајќи дека првите посети биле на Одделот за педијатрија во Клиничкиот болнички центар во Загреб.
Коронавирусот може да го пренесуваат луѓето и пред да знаат дека се болни, кога немаат симптоми
Без предзнаење и со раното искуство на Зоран, четири ентузијасти се пријавиле на повикот на клиниката „Ребро“, но веќе при првата посета сфатиле дека за оваа работа е потребна голема едукација, и уметничка и комуникациска, како и дека треба да бидат во добра кондиција за „со тие костими да се движат низ непрегледните ходници на детскиот оддел“.
– Јавноста нè поддржува од првиот ден и со радост го следи нашиот развој. Сите увиделе со каков жар му пристапуваме на секое болно дете, а кога почнавме да одиме и во домови за стари лица, уште повеќе нè поддржуваа бидејќи, следејќи нè, пронајдоа трошка надеж која во тоа време беше прилично скромна во јавноста. Кога почнавме со јавна работа, бевме дочекани како светла точка, а кога покажавме дека може да се вложува во развој на луѓе и програми, а сето тоа да биде многу транспарентно, едноставно бевме препознаени како ретка позитивна приказна, а и денес е така – вели Зоран.
На својствен начин, лекарите-кловнови пригодно ги украсиле одбраните скулптури во Сплит, Осиек, Загреб („Кожариќев Матош“, Загреб) / Фотоизвор: roditelji.hr
На луѓето што се во безизлезна ситуација им е потребно чувство дека се корисни и вклучени, за да бараат излез. Важно е на луѓето да им покажеме дека светот не е против нив и дека на сите им се случуваат неочекувани препреки. Треба да се обидеме да им го прикажеме животот како помалку сериозен, бидејќи кога ќе успееме да се насмееме на сопствена сметка или неволја, едноставно сè е полесно, раскажува Вукиќ.
– Кловновите имаат принцип често да играат игри на неуспех, кои ги смеат малите болни деца, а со самото тоа и ја зголемуваат нивната самодоверба. Мали етиди од доменот на театарот на апсурдот, импровизирани театри и кловновски точки – болниот човек кој ги гледа добива сила со сознанието дека не му е најтешко нему, односно дека има уште некој на кој и тој може да му помогне, а во нашиот случај тоа е кловнот. Децата, а и возрасните, сакаат да бидат видени и слушнати, така што кловнот мора да ги има отворено сите радари за да може да ги препознае потребите, а потоа на вистински начин да изрази почит кон личноста на која ѝ е потребна помош, па да ѝ даде сила за борба со неизвесното секојдневие – вели Зоран Вукиќ.
Со новиот слоган „Потпора“, симболично сакаат да испратат порака дека во новата деценија сакаат да помогнат со помош на потпора, на оние што ги следат од првиот ден, но и на некои нови што ќе продолжат да ја шират радоста и во најтешките моменти и тоа на јазикот кој сите го разбираат – уметничкиот.
Автор: Даниела Петров