На прашањето како успеа да го совлада толку добро македонскиот јазик за сега да го користи за поетско и прозно творење, Исмаил веднаш одговори дека обожава да ги гледа македонските народни приказни
Иако неговите врсници најчесто го поминуваат слободното време играјќи игри на мобилен телефон, шестоодделенецот Исмаил Шасивари од тетовско Голема Речица сака да одвои неколку часа за пишување поезија и проза. Тоа успешно го прави и на мајчиниот албански и на македонски јазик.
Уште од нижите одделенија ги пишува стихотворбите на двата јазика и веќе е на пат да пополни голема тетратка со песнички и раскази.
Предметните наставници по македонски и по албански јазик во тамошното училиште „Прпарими“, за четири месеци од првото полугодие откако првпат се сретнале со Исмаил, веднаш ја препознале неговата креативност и талент.
Иако македонскиот го учи само три одделенија, од четврто досега, Исмаил многу добро се изразува и твори за разлика од другите ученици на негова возраст, вели неговата предметна наставничка Виолета Томеска. Веќе во октомври кога била и првата писмена вежба таа забележала одлични способности за пишување и изразување преку темата „Татковино, во срце те носам“.
– Разговарајќи за писмената вежба, го прашав Исмаил дали сака да учествува на награден конкурс од еден тетовски литературен клуб. Тој ми одговори дека сака и дека има тетратка со стихотворби кои биле напишани досега. Ми ја покажа тетратката, па се договоривме да се пријавиме на неколку конкурси, каде што потоа доби награда. Тој се истакнува со своето творештво, со креативноста, пишувањето. Неговите теми се поразлични и побогати – вели наставничката Виолета.
Прва песничка во второ одделение
Резултат на тоа се три награди за 11-годишниот ученик.
– На конкурс на литературниот клуб „Кирил Пејчиновиќ“ во ноември 2019 освоив второ место за творбата „Снешко“ на мајчин јазик, додека за македонски јазик добив пофалница за песната „Мојот роден крај“. Во декември на републичкиот детски литературен натпревар „Ракатки“ освоив трето место за песничката „Бајрам“ – вели срамежливиот млад поет, споменувајќи дека првата песничка ја напишал уште во второ одделение.
Со наставничката Виолета Томеска
На прашањето како успеа да го совлада толку добро македонскиот јазик за сега да го користи за поетско и прозно творење, Исмаил веднаш одговори дека обожава да ги гледа македонските народни приказни. Гледајќи ги тие приказни, го научил и јазикот и се запознал со многу работи за кои се раскажува во нив.
– Омилена ми е епизодата „Рани душа да те слуша“. Двајца чорбаџии разговараат како тоа на едниот од нив нивата била со голем род и за брзо време ожнеана. Тогаш чорбаџијата објаснува дека го послушал измеќарот кој прво побарал да му даде да јаде оти со празен стомак не се работело. Кога бил сит работникот, за брзо време ја ожнеал нивата, па рекол: Рани душа да те слуша. Тоа ми остана во сеќавање и кога еднаш со мајка ми и тетка ми бевме на прошетка во Косово, по возењето, тие прашаа што ќе правиме. Јас веднаш се сетив и реков: „Рани душа да те слуша“. Прво да јадеме, па да имаме сила да шетаме – раскажува Исмаил.
„Не смеј се на туѓата несреќа“
Вели дека инспирација за стихотворбите наоѓа во секојдневието. Во она што дома се случува или се прави, работите што ги запознава во своето место, училиште, па и на телевизија. Во тетратката пишува за животните што ги сака, особено за црните коњи, за Дедо Мраз, пеперутките.
– Во расказот „Не смеј се на туѓата несреќа“ дури и одработува еден комплексна област, како што се емоциите и однесувањето кај децата на негова возраст кога станува збор за распознавање на доброто и лошото. Има и неколку прозни и поетски дела за неговата мајка, што ни кажува за неговата приврзаност кон мајката и воопшто кон семејството – вели Виолета.
Дека навистина наоѓа инспирација во секојдневието, Исмаил ни покажа и со стихови за неговата прва средба со новинар.
– Веднаш по вашата посета Исмаил дома напишал нова стихотворба инспириран од заинтересираноста на еден новинар да пишува за него. Самата постапка ја карактеризирал како споделена љубов – ни јави наставничката Виолета по еден ден од средбата во ОУ „Праприми“.
Љубов, а не омраза
Со љубов се дели радост,
со омраза нема милост.
Со љубов има светлина
со омраза нема иднина
Со љубов светот има сјај
со омраза има лош крај
Со љубов добиваш љубов,
а омразата е отров.
Во разговор со наставничките дознавме дека Исмаил во комуникацијата со учениците и наставниците ја манифестира и неговата чувствителност и емотивност како лична карактеристика, што воедно успева да го преточи и во стихови и на тој начин да зборува за одредена тема или проблем кој го засега или имал одредени чувства. Желбата за комуникација, исто така, претставува мост кој му помага да премине од индивидуалноста кон заедништвото, како што се другарувањето и соработката со наставниците кога станува збор за поминување на наставниот материјал.
– Лесно е да се работи со ваков ученик, успехот е сè повидлив, пред сè, во полето на пишувањето, творештвото и секако зборувањето и изразувањето. Тој е ученик што многу чита, се изразува убаво и е многу друштвен. Секогаш со неговите постапки ни овозможува добра атмосфера на работа – истакнува неговата наставничка по албански јазик, Емине Муареми.
Исмаил вели дека е рано да каже што сака да биде кога ќе порасне. Знае дека сака да пишува и да твори. Сепак е дете како и сите други, па сака понекогаш да шутира топка и да игра фудбал, а сака и да одвои малку време за видеоигра. Се дружи со сите, но најмногу со Алмир, Ерион и Ваљон од VI-1 одделение. На разделување од училишната библиотека, каде што разговаравме, замина со новиот предизвик за читање – една од најпознатите лектири на македонски јазик – „Белото Циганче“ од Видое Подгорец.
Мајко моја миличке
Мајко моја миличке
те сакам без крај,
ти си моја душичке,
прво цвеќе во мај.
Кога бев многу мал
ти песни ми пееше,
многу љубов и радост
во срце ми сееше.Во мое срце те носам,
мила мамо, ти ветувам
ќе учам, ќе работам
тебе да те радувам.
912