Од мала возраст децата развиваат слика за телото, а каква ќе биде таа слика, многу зависи од родителите. Се разбира, во игра се и други општествени фактори, но родителите се важен извор на пораки од мали нозе.

Затоа, за родителите е многу важно нивните пораки да бидат такви што ќе развиваат позитивна слика за телото кај детето, затоа што искривената перцепција може да има штетни последици. Да видиме што велат стручните лица на оваа тема.
Како да му помогнете на своето дете да развие задоволувачка слика за телото, што да направите ако изразува незадоволство од изгледот, кои се последиците од искривената перцепција? Одговорите на овие прашања ги даваат психолозите Мирна Чагаљ Фаркас и Антонија Стрле.

Што е слика за телото?

Слика за телото е репрезентација за сопствениот телесен изглед. Се однесува на тоа што мисли личноста за своето тело, како се чувствува кога станува збор за телото, како го вреднува и прифаќа. Може да се однесува на телесната тежина, висината, изгледот на некој дел од телото или можноста за извршување некои активности.

Задоволувачка слика за телото значи дека детето или тинејџерот се чувствува добро во своето тело, задоволен е со својот изглед и со сето она што неговото тело може да го направи. Сликата за телото е дел од целокупната слика за себе, односно идејата на личноста за тоа кои особини ги има, кои се нејзините вредности, интереси и вештини.
Сликата за телото често се нарекува и перцепција на телото, а и самото име наведува на заклучок дека станува збор за субјективен концепт. Тоа значи дека сликата за телото на некоја личност не можеме да ја процениме однадвор, туку треба да се земе предвид нејзиното внатрешно доживување. На пример, детето што има индекс на телесна тежина во просечни рамки и понатаму може да има перцепција за себе како личност која треба да ослабне или да се здебели и да биде незадоволна со изгледот на телото.

Проблем и кај девојчињата и кај момчињата

Повеќето досегашни истражувања покажуваат дека девојките се посклони кон поголемо незадоволство од телото. Сепак, поновите истражувања укажуваат на сè поголеми нивоа на загриженост и незадоволство поради телесниот изглед и кај момчињата и адолесцентите.
Важно е да се има на ум дека и момчињата и девојчињата во детството развиваат слика за телото, а незадоволството и искривената перцепција за телото може да имаат еднакво штетни последици и за едните и за другите, независно од полот.

Незадоволство од телото

Незадоволството од телото е еден од аспектите на сликата за телото и претставува негативна процена на изгледот на сопственото тело. Во основата на незадоволството од телото лежи разликата помеѓу тоа како личноста се гледа себеси и како мисли дека треба да изгледа. Колку е повисока таа разлика, толку личноста е понезадоволна од телото, што може да доведе до низа различни однесувања кај децата, особено кај тинејџерите.
Покрај тоа што различните облици на изгладнување или промени во исхраната што ги практикуваат може штетно да влијаат врз нивното телесно здравје, кај тинејџерите може да се појават и знаци на депресивност, анксиозност, ниска самодоверба, повлекување или избегнување на некои активности.

 

Што влијае врз развојот на сликата за телото?

Сликата за телото се развива во најрана возраст врз основа на информации кои детето ги добива од околината. Информациите што ги собира примарно доаѓаат од луѓето со кои живее и комуницира, а со развојот децата сè повеќе ги вреднуваат и информациите што ги добиваат од врсниците.
Понекогаш тоа се информации кои директно им се упатуваат на децата, а понекогаш ги добиваат набљудувајќи ја комуникацијата на другите луѓе и нивниот однос кон телото. Со оглед на тоа, важно е да се има на ум дека општествениот контекст има големо влијание врз тоа какви чувства ќе имаат децата кон своето тело.
Преку популарната култура, филмовите, а и социјалните мрежи, децата се изложени на луѓе чии тела се поставени како идеал кој е важно да се достигне, што често може да биде штетно.

Улогата на родителите

Улогата на родителите во создавањето на сликата за себе е исклучително важна и иако можеби не можат директно да го менуваат општествениот контекст, родителите можат да се погрижат за тоа како им се обраќаат на децата и какви пораки им испраќаат преку своето однесување.
Со оглед на тоа што сликата за себе почнува да се создава во најраната возраст, а со тоа и сликата за телото, односот што родителите го градат со детето, коментарите што му ги упатуваат, начинот на кој се однесуваат кон него, кога и како го фалат или укажуваат на некои отстапувања од посакуваното однесување, значително влијае врз начинот на кој детето ќе изгради однос кон себе.

Сликата за себе што детето ја формира ќе влијае врз неговите очекувања од себеси, па оттаму и успешноста во многу подоцнежни активности.

Како да му се покаже на детето дека е вредна и важна личност?

За да научи како да се сака себеси, важно е детето да се чувствува сакано од своите најблиски. Секој знак на грижа и топлина насочен кон детето, како прегратката, пофалбата или бакнежот, како и уважувањето на неговото мислење и слушањето на тоа што го зборува, му покажуваат на детето дека е вредна и важна личност.
Исто така, важно е да го пофалите детето за неговите успеси и да го охрабрувате за секој нареден, да избегнувате казни и истакнување на она „лошото“ што детето го направило.
Пофалбата не се однесува на зачестено фалење за секојдневните рутини, туку за конкретно однесување во кое се истакнуваат трудот на детето, упорноста и конечниот успех, за пофалбата да биде реална, а со самото тоа да му биде и важна на детето.

Од најрана возраст се важни здравите навики

Со оглед на тоа што здравите навики во живеењето влијаат врз квалитетот на животот, па со самото тоа и врз сликата за телото на детето, важно е тие да се стекнат и да се имплементираат во најраните години.
Пожелно е уште во најраната возраст на детето да имате заеднички активности кои вклучуваат развивање на моторичките способности и престој во природа. На тој начин детето ги поврзува тие активности со пријатни емоции и се зголемува веројатноста дека и самото ќе продолжи да ги применува во подоцнежните години.
Пожелно е во текот на развојот детето да ги прима пораките од родителите дека е важно да се грижи за своето тело, но и дека притоа е важно да се чувствува здраво, подвижно и пријатно во своето тело.

Што ако детето изразува незадоволство од изгледот?

Ако родителите забележат дека детето често изразува незадоволство од својот изглед, се затвора во себе, изненадувачки ги менува прехранбените навики, односно одбива да јаде или да внесува претерана количина храна, нервозно е, чувствата на тага и лутина ги изразува преку агресивно однесување, важно е што поскоро да се реагира.
Во таквите ситуации родителите можат со топол и поддржувачки тон да разговараат со детето и да му кажат дека се загрижени, и да го поттикнат на отворен разговор за грижите што го измачуваат.
Родителите што се загрижени за своето дете може да се јават кај стручни лица за да добијат помош и поддршка за дете што изразува одредени тегоби.



912

X