Топлината може да предизвика различни реакции во нашето тело, додека кај бебињата може да се појави и исип од топлина, кој е специфичен за летниот период од годината. Нивната кожа е многу почувствителна отколку кожата на возрасните, па овој исип е доста чест. Меѓутоа, доколку е соодветно третиран и се смирува, не претставува никаква опасност за здравјето на бебето.
Сепак, многу е важно бебето да не остане надвор во најтоплиот дел од денот и да не се прегрее. Ако бебето е топло долго време, доаѓа до дехидрација или дури и топлотен удар.
Многу е важно да се препознае оваа промена на кожата и да се исклучат некои други причини за реакција, како што се алергија, каснување од инсект или нешто слично.
Како изгледа исипот од топлина кај бебето?
Ваквиот исип кај бебињата е многу лесно да се препознае. Тоа се мали црвени мозолчиња или плускавци кои се чувствуваат под раката. Најчесто се појавува на делови од телото кои се покриени со облека и пелени, поради претерано загревање.
Многу лесно се шират, а најчесто прво се појавуваат на деловите од телото каде што бебето најмногу се поти:
-на местото на свиткување на рацете и нозете
-под пазувите
-на вратот
-на горниот дел од грбот
-во пределот на половината
-под пелената
-зад ушите.
Како да се спречи појавата на овој исип?
Најдобар начин да се спречи исип кај бебињата е да не се изложуваат на високи температури или директна сончева светлина, особено не во најтоплиот дел од денот, односно помеѓу 10 и 17 часот.
Сепак, дури и бебињата што не остануваат надвор кога е топло може да добијат ваков исип.
Друг начин да спречите појава на исип е редовно да го пресоблекувате вашето бебе (во сува пелена и сува облека ако се поти), но и да не го прегревате, туку да го облечете соодветно и во облека од природни материјали што ѝ овозможуваат на кожата да дише. На овој начин ќе ги намалите шансите за топлотен исип кај бебињата.
Секако, редовната хигиена на бебето и разладувањето се придружен дел од топлите летни денови кога се зголемува потењето, особено на местата покриени со пелени и облека.
Како се третира топлотниот исип кај бебињата и дали е неопходно да се оди на лекар?
За третман на исипот, најважниот чекор е да направите на бебето да му биде удобно и да биде подалеку од сонце, ако е можно во разладена просторија или барем во сенка. Се препорачува и капење со млака вода за да се излади и освежи кожата. Ако е можно – оставете ја кожата да се исуши природно, бидејќи така ќе се хидрира и ќе се олади на најдобар начин.
Доколку сте забележале дека исипот на кожата е предизвикан од топлината – не користете кремови, лосиони или пудра, бидејќи на тој начин дополнително се оптоварува кожата која треба да дише.
Исто така, важно е да се знае дека топлотниот исип не е опасен и дека е многу чест кај бебињата, бидејќи нивната кожа е исклучително чувствителна.
За исип во пределот на пелените, најмногу ќе помогне редовната хигиена и сувото место – редовно менување на пелените и соодветна хигиена.
Топлотниот исип кај бебињата исчезнува за неколку дена, па важно е само да се следат препораките. Ако исипот се интензивира, почне да чеша, станува поцрвен итн., консултирајте се со доктор за совет и помош.
912