Стомачните проблеми проследени со дијареја и повраќање се честа и непријатна појава кај децата. Што би требало да јадат и да пијат за да не се влоши ситуацијата, дознајте во овој текст.

Децата различно реагираат на стомачните проблеми. Некое дете ќе поврати еднаш и тоа ќе заврши, додека друго дете може да добие покачена температура и со денови да чувствува болки во стомакот или да има дијареја.
Во однос на општата состојба на детето, родителот треба да процени каква исхрана му е потребна, но постојат некои универзални здравствени совети кои можат да помогнат во секој случај.

Дали треба да се храни детето кога има стомачни проблеми?

Ако стомачните проблеми предизвикуваат повраќање кај вашето дете, храната ќе биде последното нешто што го посакува. Но, кога ќе помине „бурата“ и кога детето ќе добие барем малку апетит, почнете да му нудите храна, но умерено.
Препорачливо е на детето да му понудите банана, компот, ориз или тост. Сувиот кекс исто така е добар.
Важно е да се одлучите за еден прехранбен продукт и да му дадете на детето мала количина за да видите како ќе реагира и како ќе го поднесе системот за варење. Во случај детето да почне да ја „враќа“ храната и да чувствува нагон за повраќање, почекајте уште малку.

Како моето дете да остане хидрирано?

Поради честите повраќања и/или дијареја, детето ќе загуби доста течности, па затоа е важно да добива доста чисти течности, како вода и сокови (природни, цедени, разблажени со вода), пијалак кој содржи ѓумбир и електролити. Треба да се избегнуваат засладени и газирани пијалаци или пијалаци што содржат кофеин бидејќи го стимулираат уринирањето што може да ја забрза дехидратацијата.

За деца помали од осум години, педијатарот веројатно ќе ви советува и орална дехидратација. Доколку детето сè уште цица, се советува зачестено доење, но во помали количини. Исто така, доколку детето добива млечна прихрана, пожелно е да му се дава да пие помала количина вода повеќе пати во текот на денот.
Помали количини течности почесто во текот на денот се советуваат и за постари деца.

Како да знам дека детето е дехидрирано?

Прво што ќе ве праша секој лекар е – колку течности испило детето.

Кога станува збор за помали деца, лекарот ќе ве праша и колку „мокри“ пелени имало детето. На истиот начин може да знаете и вие како родители.
Кога се работи за постари деца, потребно е да водите сметка колку пати детето било во тоалет. Ако помалите деца немале доволно полни пелени, а постарите не одат често во тоалет, тоа е еден од првите знаци дека не внесуваат доволно течности.
Втор знак за сериозна дехидрираност е сувата уста, односно кога престанува производството на плунка и усните стануваат лепливи. Ако детето плаче без да произведува солзи, тоа е исто така знак дека во организмот нема доволно течности.

Дали на детето треба да му се даваат чаеви и пробиотици?

Со чаевите треба внимателно да се постапува бидејќи повеќето содржат билки и траги од билки кои не се погодни за децата дури и кога немаат стомачни проблеми и потребно е претходно да се консултирате со педијатар, особено ако се работи за дете помладо од 12 години.

Чајот од камилица е безбеден, но секако дека не треба да биде единствениот извор на хидратација.
Што се однесува до други суплементи, како што се витамин Д (многу добар зајакнувач на имунитетот) и пробиотиците, не е докажано дека тие можат да превенираат или да помогнат во лекувањето на стомачните проблеми, но и не се штетни.

Доколку кризниот период поминал и на детето му се вратил апетитот, може да му понудите малку јогурт со активни култури кои ќе им помогнат на добрите бактерии што живеат во цревата да се обноват.

 



912

X