– Душо, многу си строга кон себе. На сите ни се случува да му викаме на детето, но само малкумина размислуваат за тоа. А уште поретко да се изедат од вина. Не добиваш ништо од тоа да се „изедеш“ кога му викаш. Само обиди се да го промениш твојот пристап, ако тоа ти пречи толку многу и ако нема ефект, бидејќи веројатно нема – така ме учеше мојата наставничка.

Излегов од нејзината училница пред многу години, но таа не престана да биде моја наставничка. Често комуницираме преку социјалните мрежи. Таа и понатаму ме учи на различни работи. На 35 години учам педагошки трикови.

– Дали си слушнала за Љубица Продановиќ? Таа беше одличен педагог и сето она што го имам научено е од неа, а најмногу се сеќавам на нејзината приказна за малото огледало – ми рече мојата наставничка.

– За малото огледало? – прашувам јас.

– Да, Љубица зборуваше за огледалото. Кога наставниците им се лутат на учениците и викаат, треба да имаат огледало пред себе за да се видат како изгледаат кога викаат. Кога ќе се видат, никогаш повеќе нема да викаат.

– Ви благодарам многу, сега воопшто не се чувствувам подобро – ѝ реков јас, бидејќи веќе можам да замислам како изгледам кога викам.

– Јас пак ќе ти речам, тоа би било добро за тебе. Следниот пат, огледалцето в раце и сина кацига на главата.

Таа лекција остана со мене неколку дена, морам да признаам. Но, како и дејството на секој лек, по некое време престана. Потребна е нова доза, бидејќи сè уште не сте ја совладале целосно идејата. Сè уште не го живеете тој принцип, само се обидувате да дадете сè од себе. Секој родител го сака своето дете безусловно, но како ќе го покаже тоа, како ќе го направи тоа, е друга работа. Мајка која вика, мајка нежна, татко кој забранува, татко кој дозволува – зад секоја постапка стои љубовта.

Зад секој крик стои беспомошноста.

Огледалцето в рака, ми вели нејзиниот глас.

Неколку дена подоцна следуваше разговор со сопругот.

– Се плашам дека малку се изгуби. Имаш нереални очекувања – ми вели сопругот.

– Од кого? Од себе или од децата? – прашувам јас.

– Од себе, од децата, од општественото уредување. Дали навистина мислиш дека целото општество ќе стане подобро ако родителите престанат да им викаат на своите деца? Или дека нашето дете ќе доживее сериозна траума секогаш кога ќе викнеш? Дека ќе го оштетиш трајно?

– Но, Јаспер Јул вели…

– Што и да вели, кој гарантира дека е во право?

– Ти само го браниш „старомодното родителство“ – велам изнервирана.

– Ништо не бранам. Само велам дека не е сè така црно и бело. Дека нема гаранција за „правилниот начин на воспитување“. Едноставно треба да правиш како што чувствуваш. Не дека дозволуваш сè да тече и потоа сфаќаш дека нешто не е во ред или дека не ти се допаѓа некое однесување, па се жалиш, па се јадеш, затоа што така пишува во некоја книга за родителството. Само треба добро да размислиш, да го следиш детето, да го почувствуваш – ако има нешто што не ти одговара, барем малку чкрипи, знаеш дека подоцна ќе биде „големо“, или барем „доволно големо“ за да изгубиш контрола и да викаш. Затоа што си ја изгубила контролата, па не знаеш што друго да правиш.

– Па тогаш што е решението?

– Претпоставувам нема универзално решение. Но, како што вели твојата наставничка, сината кацига на главата, огледалцето в раце и прави го најдоброто што знаеш да го направиш.

– Дали тоа ќе биде добро за нашите деца или за мене?

– Зарем не е исто?

Извор



912

X