Мултисензорни методи се образовни стратегии кои вклучуваат активирање на повеќе сетила во процесот на учење. Овие методи се базираат на користење различни сетила – како што се видот, слухот, допирот, вкусот и мирисот – со цел да се подобри способноста на учениците со попреченост да разберат, запаметат и да применат нови информации. Преку интеграција на различни сетила во процесот на учење, наставниците можат да обезбедат поддршка која ги исполнува специфичните потреби на секој ученик, поттикнувајќи го нивниот академски и личен развој.

Мултисензорното учење се базира на три основни принципи

Првиот принцип е активирање на повеќе сетила. Овој принцип се заснова на идејата дека кога информации се пренесуваат преку различни сетила, тие се обработуваат на повеќе начини, што води до подобро разбирање и памтење. Вториот принцип претставува искуствено учење. Ова се однесува на активно учество во процесот на учење преку физичка интеракција со материјалот. Третиот, но не помалку важен е приспособливоста, односно тие да бидат приспособени на индивидуалните потреби на учениците. Овој пристап овозможува флексибилност во наставата, што е особено важно за ученици со различни стилови на учење или попречености.

Видови мултисензорни методи

Визуелни методи

Слики, дијаграми, графикони, мапи за визуелно претставување на информации, видеоматеријали, како и користење фотографии за да се прикажат реални примери или ситуации кои се поврзани со наставната содржина.

Аудитивни методи

Користење аудиозаписи од книги, говори или лекции кои учениците можат да ги слушаат. Музика и звуци, користење говорни и гласовни инструкции кои го водат ученикот низ задачите или активностите.

Тактилни методи

Манипулативи, материјали кои учениците можат да ги допрат и манипулираат, како што се коцки, пластелин, модели или 3Д-објекти. Сензорни табли, со различни текстури и материјали, како и користење тактилни картички.

Кинестетички методи

Движење и вклучување на физички активности, како што се ритмички игри, танцување, јога или гимнастика. Учење преку игри со физички активности, како што се скокање, фрлање или ракување со најразлични предмети. Изведување експерименти или други активности кои бараат физичка интеракција со материјалите.

Мирисни методи

Користење мирисни картички и други манипулативи со различни мириси кои учениците можат да ги мирисаат за изучување различни мириси и нивните извори.

Методи за вкус

Кулинарски активности, како готвење или дегустација на различни видови храна за изучување различни култури и вкусови.

Технологија

Интерактивни апликации, односно користење компјутерски програми и мобилни апликации кои овозможуваат интерактивно учење преку повеќе сетила. Виртуелна реалност (VR) со користење VR очила. Користење интерактивни смарт-табли кои реагираат на допир и можат да прикажуваат визуелни и аудитивни содржини.

Комбинирани методи

Сите овие методи може да се комбинираат како: визуелно-вербални методи, aудио-визуелни методи, тактилно-кинестетички методи, визуелно-тактилни методи, аудио-кинестетички методи, орално-моторни методи и интерактивни мултимедијални методи.

Марија Давчевска

Mои препораки и стратегии што можат да помогнат во успешното интегрирање на овие методи во наставата:

Оценка на индивидуалните потреби на учениците. Прво, важно е да се разбере како секое дете најдобро учи. Направете процена на способностите и предизвиците, како и кои сетила се најсензитивни или на кои може да се фокусира учењето.

Развивање мултисензорни наставни планови. Создавајте активности кои вклучуваат повеќе сетила истовремено, како што се гледање и слушање, или допирање и движење.

Обезбедување соодветни материјали и ресурси. Обезбедете различни материјали, како што се сензорни табли, технолошки алатки, адаптивни уреди и асистивна технологија и др.

Интеграција на активности кои вклучуваат движење. Учење преку игра, активности кои вклучуваат физичка интеракција, како што се играње игри на отворено или користење реквизити.

Интеграција на мирис и вкус во наставата. Вклучете активности како готвење или дегустација на различни видови храна за да ги истражите или да ги стимулирате сетилата.

Социјална интеракција и соработка. Организирајте активности каде што децата работат заедно, споделувајќи ги своите сетилни искуства и учејќи едни од други, да ги разберат социјалните ситуации.

Постепено воведување и адаптација. Почнете со една или две мултисензорни активности и постепено воведувајте нови, притоа набљудувајте како реагираат децата. Бидете подготвени да ги приспособите активностите во согласност со реакциите и потребите на учениците. Некои деца може да бидат преоптоварени со премногу стимулации, па затоа е важно да се балансира.

Постојана процена и повратни информации. Постојано набљудувајте го напредокот на учениците и нивната реакција на различните мултисензорни методи. Собирајте повратни информации од учениците и родителите за тоа кои методи се најкорисни и кои треба да се изменат.

Тимска работа, обука на наставниците и поддршка од родителите. Наставниците треба да имаат пристап до обуки за мултисензорни методи, а информирајте ги родителите за мултисензорните методи и како тие можат да ги поддржат дома.

Автор: Марија Давчевска, специјален едукатор и рехабилитатор/наставник ментор



912

X