Воспитување

Имитирањето на другите: Ако врсниците имаат проблематично однесување, голема е веројатноста и вашето дете така да се однесува

Живееме во време во кое многу луѓе – и млади и возрасни – се трудат да им се претстават на другите како оригинални, посебни, единствени, различни. Особено тинејџерите се обидуваат да се истакнат, да бидат различни од врсниците и да остават впечаток на интересни, а со самото тоа и привлечни личности. Колку и да е тој копнеж изразен, човечкиот ум функционира на различен начин: како машина за имитација на другите.

Голем дел од оваа имитација се одвива на несвесно ниво. Децата ги имитираат своите родители, но и другите деца. Тинејџерите ги имитираат своите врсници, но и избраните „идоли“. Возрасните луѓе ги имитираат другите за да бидат прифатени или да зафатат одреден општествен статус. Голем дел од социјалното учење се одвива преку несвесно имитирање на другите луѓе.

Влијание на групата

Кога некоја возрасна личност ќе се пресели од една средина во друга, поинаква средина, таа несвесно усвојува обрасци на однесување, облекување, истражување и говор кои постојат во новата средина. За неколку години личноста се „претопува“ во новата средина, така што тешко е да се разликува од „староседелците“. Причина за тоа е човековата потреба да се биде прифатен, да се припаѓа, да не се биде различен во дадено општествено опкружување. Тоа е во согласност со латинската поговорка – кога си во Рим, прави го она што го прават Римјаните.

Постојат повеќе називи за психичкиот механизам кој е во основа имитација, како што се поистоветувањето или идентификацијата, имитација – учење по модел, пример, копирање итн. Во основа на овој механизам е сетилото за вид: луѓето го имитираат она што го гледаат, но не сè, туку само она што им се допаѓа. На важноста на сетилото за вид укажуваат зборовите „свиѓа“ – допаѓа, каде што коренот е видот – врз основа на она што се гледа се создава желба да се има она што другите го имаат, да се биде како другите, да се однесува како другите.

Сето тоа прави и групата врсници во која се движи некој тинејџер да биде важен фактор во развојот на неговата личност. Тинејџерите имаат нагласена потреба да бидат прифатени и да ѝ припаѓаат на група, така што ако припадниците на групата имаат проблематично однесување, голема е веројатноста дека и дадениот тинејџер ќе почне така да се однесува. Истиот овој механизам што важи за лошото друштво важи и за доброто друштво. Ако групата е составена од млади кои се однесуваат на пожелен и позитивен начин, тинејџерот ќе ги имитира.

Кога учителот и професорите со раскошноста на своето знаење и личност ќе постигнат да им станат примери на учениците и студентите, тогаш тие несвесно ќе го „впиваат“ не само знаењето, туку и начинот на однесување и ќе се трудат да личат на нив. А кога во некое училиште или факултет има поголем број такви наставници, тогаш тоа станува најдобро училиште. Многу луѓе интуитивно знаат дека кога се во контакт со луѓе кои им се примери, се развиваат како личности бидејќи чувствуваат дека на тој начин се обогатуваат „преземајќи“ некои позитивни начини на размислување и однесување.

Појавата на масовните медиуми, особено оние визуелните, доведе до еден нов проблем. Додека порано луѓето имитирале други луѓе од реалниот живот, медиумите понудија нереални, илузорни ликови за примери. Тоа се, од една од страна, реални личности, филмски и музички „ѕвезди“ кои на публиката ѝ нудат внимателно обликувани имиџи и персони, криејќи ги многубројните аспекти на својата вистинска личност и реални животи.

Примери од филм

Од друга страна, тоа се потполно измислени ликови од филмови и серии. Многубројни се оние што неуспешно се обидуваат да ги имитираат филмските ликови и да ги пренесат филмските сценарија во реалниот живот. Имитирањето на другите може да стане и свесен начин на личен раст и развој. Кога некој е успешен во нешто, луѓето често му завидуваат. Кога гледаат дека некој со кој се споредуваат е поуспешен од нив, заклучуваат дека тие во иста мера се неуспешни. Наместо во туѓиот успех да го видат сопствениот неуспех, можат успешната личност да ја претворат во пример. Тоа едноставно значи дека гледаат што правела таа личност за да постигне успех и да почнат да го прават истото за да остварат ист таков успех. Во таа смисла, можеби колективната свест би се променила кога наместо често користениот израз „завиден успех“, би го користеле „успех за пример“.

Интересно е што иако луѓето свесно и несвесно ги имитираат другите, не сакаат другите да ги имитираат нив. Повремено слушаме од некоја женска личност жалба дека некоја друга ѝ ја „краде личноста“ бидејќи ја имитира во облекувањето, шминкањето и фризурата. Тоа е само знак дека станала пример, а имитирањето е облик на ласкање.

Автор: Зоран Миливојевиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top