Има една интересна анегдота што се поврзува со името Вигор Маиќ, директор на Истражувачката станица Петница, Србија, кој на родителите кои го прашувале во врска со воспитувањето на талентираните претшколски деца им кажал: „Ви честитам и ве жалам. Нема да ви биде лесно“. И навистина не е лесно – предизвикот на талентираноста и надареноста е вистинска авантура која е пред родителите и воспитувачите.

Пред родителите чии деца се талентирани стои голема обврска, односно прашање како да се воспитува детето и како да му се овозможи да го негува и развива добиениот дар, а притоа да не се заборави дека тоа е само дете кое минува низ севкупниот развој како и сите други деца на таа возраст.

Како дарот од природата да му стане задоволство на детето, а не товар?

Родителите, а заедно со нив и професионалните воспитувачи на детето се наоѓаат пред голема задача: Што да правиме со него?
Талентираноста како појава кај децата и луѓето била уочена одамна, во старите цивилизации. Научните проучувања во областа на феноменот талентираност датираат од втората половина на дваесеттиот век. Истражувањата се базираат на проучувањето на биографиите на возрасни лица кои во текот на животот покажале висока надареност манифестирана низ талентот. Излегло дека претшколската возраст, односно периодот на рано детство имал големо значење кај некои од нив. Големиот композитор Моцарт компонирал во петтата година, но истовремено бил роден во семејство на музичари и многу рано бил опкружен со разни инструменти. Анализата на биографијата укажува дека во манифестирањето на талентот се здружуваат наследството, односно предиспозициите кои детето ги има во своите биолошки структури, средината во која расте во поглед на воспитните и образовните поттици и предметите кои се значајни за негувањето на надареноста.

Значи, родители и воспитувачи, внимание!

Не можете да знаете колку ќе се развие надареното дете. Вие треба да го поттикнувате, да создавате услови, да давате понуди и да го следите развојот. Важно е да го препознаете оптоварувањето на детето, падот на мотивацијата, преголемата амбиција, пресилната компетитивност, заостанувањата кај другите детски квалитети. Некои истражувања на фудбалери покажуваат дека кај поединечни случаи, поради преоптовареноста што ги надминувала детските способности, дошло до крвавење во коските, па нозете им се искривиле. Дали тоа го посакувате за вашето дете? Некои талентирани деца, поради преголемите амбиции на возрасните и соништата за популарност, завршиле на психијатриски клиники, а некои, поради нестручното водење, ги прекинале кариерите. Едно талентирано девојче, атлетичарка, било поттикнувано од страна на својот тренер да вежба трчање, но не и да го развива капацитетот на белите дробови и градниот кош, така што дишењето не можело да го следи понатамошното тренирање атлетика. Овие примери треба да помогнат да не се прават грешки, што значи дека е важно да:

* се уочи специфичниот талент како можен потенцијал;
* се поттикне детето да го развива талентот;
* се обезбеди стручна помош од тренер/наставник кој ги познава областа и возраста на детето;
* се грижиме за развојот и на другите потенцијали на детето за да обезбедиме хармоничен развој;
* се грижиме за исхраната и дневниот, неделниот и годишниот одмор на детето;
* ги уочуваме детските кризи и падот на мотивацијата.

Една важна порака до сите оние што ќе одлучат да се занимаваат со талентирани деца: талентираноста е голема тајна што ни ја дава природата и бавно ни ја открива. Не можеме да ја создадеме или да ја предизвикаме. Показателите за надареност во раното детство не можат да се сметаат за сигурен знак дека детето ќе биде талентирано и во текот на натамошниот живот, како што и непостоењето на знаци на надареност во детството не значи дека таа не може да се појави во подоцнежните години.

Автор на текст: Живкица Ѓорѓевиќ, педагог



912

X