Воспитување

Имам свој живот, дијагноза, способности. Горда сум на тоа што сум жена, мајка

Да се биде лице со телесен недостаток, не е лесно. Се соочувате со осуда, жалење, отфрлање и слично. Уште потешко е да се биде родител кога сте лице со телесен недостаток. Сите во најмала рака се изненадени што сте бремени или сте родиле, што одгледувате дете. Се разбира, тоа подразбира и да бидете во брак, што е уште едно изненадување. Но, од што има да се срамите? Фактот дека не сте виновни за вашата телесна состојба (доколку навистина не сте)? Или што всушност и покрај својот телесен недостаток сте способни за некои работи за кои е потребна телесна способност? Меѓу таквите работи се и занимавањето со спорт и бременоста/породувањето и уште „мал милион“ работи.

Двапати природно се породив. И покрај мојата дијагноза и покрај епизиотомијата кај двете породувања, и покрај стравот што и како ќе се случува потоа, сè помина добро. Треба ли да се срамам што „имав среќа“, да го кажеме тоа така, дека сè помина добро? Не верувам јас во чиста среќа. Мислам дека тоа беше нешто друго, но не сакам да пишувам за своите лични уверувања, туку за своите искуства како родител со дијагноза. Намерно го избегнувам зборот „инвалид“ бидејќи тоа е грд, деградирачки, исмејувачки збор. Со него некој се става во супериорна положба во однос на друг човек, еднаков на него, еднакво достоинствен и еднакво вреден. Мислам дека тој збор го измислил некој искомплексиран лик на кој тоа му бил единствениот начин да се чувствува добро во својата кожа.

Јас го немам тој проблем. Имам свој живот, свој карактер, свое достоинство. Своја дијагноза и свои способности. Горда сум на тоа што сум жена, мајка (и сè што носи со себе таа титула, од мајка и домаќинка до вработена жена). Горда сум и на тоа што пред добри 15-ина години, 3 години по ред учествував во Игрите на параплегичарите во 3 дисциплини и секојпат се враќав со по 3 медали. Ништо не може да ми го одземе она чувство на непријатност кога морав да седнам во инвалидска количка (повторно тој збор) за да фрлам копје/диск/кугла, како и она восхитување кога на свечена вечера/доделување на награди, ги слушнав резултатите. И сега во глава ми е сликата како тоа морало да изгледа кога брзав да станам од онаа количка бидејќи се плашев дека некои невидливи раце ќе ме врзат за неа. Беше огромно изненадување да го слушнам моето име во сите 3 категории.

За гордоста и да не зборувам, бидејќи конкуренцијата беше на ниво. И на тие свечени вечери беше преубаво да се видат толку луѓе, така еднакви во различноста во однос на дијагнозите и степенот на оштетување, така средени, убаво облечени… Свечена вечера, водители, претставници на власта доделуваа медали и дипломи за најдобрите, а подоцна и сувенири за сите учесници.

Сè уште ги имам сите тие сувенири. Тие ме потсетуваат дека ЈАС МОЖАМ СÈ: Зарем да се срамам што сум покажала и докажала и себеси и на мојата околина и оние што потајно или наглас ме сожалуваа – дека можам да бидам вредна, достоинствена, успешна? До таа мера успешна што својата постара ќерка од 6 години ја научив да размислува за другите и да има емпатија за нив. Тоа ми го докажа неодамна, кога за задача во писмото на Дедо Мраз нацрта еднорог, со моја мала помош правилно напиша како на англиски се нарекува играчката, а потоа дека сака сите „болни да оздрават“. Не ја наговорив да го напише тоа. Дури и се изненадив кога ми кажа дека сака да го напише тоа.

Ѝ помогнав да го доврши писмото, кое го заврши со зборовите „Те сака, твоја…“ и го потпиша своето име, а потоа не ми преостана ништо друго освен силно да ја прегрнам, да ја бакнам и да ја пофалам. Не можеше да го дочека тој понеделник кога на учителката ќе ѝ го покаже сработеното бидејќи беше сигурна дека никој нема да има нешто слично и никој не го напишал она што го напишала таа.

Еднаш и на двајцата ќе им зборувам за сето тоа. За моите медали. За нивните задачи. За тешењето на расплаканата мајка, која не може понатаму бидејќи е болна на стотина различни начини и за зборовите: „Не грижи се мамо, ние ќе ти помогнеме“. И ќе бидам најгордата мајка. Заради нив. И заради себе. Ветувам.

Автор: Марина Крешо Матиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top