Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моите близначиња имаат 10 месеци. Многу се темпераментни, брзо им здосaдуваат играчките, хистерично плачат по бањање (имаат чувство дека им ја прекинувам играта со водата) и многу е тешко да им сменам пелена бидејќи се многу активни. Сето ова е многу исцрпувачко за мене и за сопругот, па сакаме да се консултираме дали е во ред и како да постапуваме во понатамошниот развој.

ОДГОВОР: Да се биде родител на близначиња носи многу радости, но секако и многу предизвици. Истовремено имате две бебиња за хранење, заспивање, капење, менување пелени, играње, гушкање, грижа и, се разбира, љубов.
Набројувајќи ги сите овие работи, а уште и кога се дуплирани, можам да замислам колку сте уморни и исцрпени. Со еден збор, секако дека е многу напорно. Родителството на близначиња е прекрасно, но е и физички и емоционално исцрпувачко. Тие брзо растат и се менуваат со брзо темпо, стануваат независни и сакаат да ги прават работите на свој начин. Во периодот од 9 до 12 месеци вашите деца почнуваат да бидат се поподвижни, ќе лазат, ќе се исправуваат, ќе се бркаат, а можеби некој од нив ќе почне да ги прави и првите чекори.


Оваа нова подвижност им дава нова перспектива за сѐ што е околу нив, а и нивното внимание е многу кратко, трае само минута или две. Кога се борат со менувањето на пелените, за нив тоа време и не е толку вредно и важно како нивното истражување, играње, бегање од вас, тие тоа го доживуваат како игра. Ова се однесува и за капењето, во време кога им е многу убаво, забавата треба да се прекине, а единствениот начин да реагираат е плачењето и тргањето со нозете или фрлањето наназад. Со плачењето тие комуницираат со вас, а и меѓусебно.

Тие уште се мали и немаат други начини да покажат што не им се допаѓа. Во овој период тие уживаат во игрите и во интеракцијата со вас, затоа се толку активни. Кога се бањаат, не мора таа активност да биде многу долга. И покрај тоа што веројатно имаат играчка в рака со која се зафатени, можете да пробате да пеете песни и да одржувате контакт со очите. Важно е во моментите на врескање, шутирање и неред да бидете смирени и покрај тоа што е тешко, но кога вие сте смирени и кога тие чувствуваат дека имате контрола над ситуацијата, и тие ќе се смират. Смејте се, гестикулирајте, зборувајте, направете мала забава во овие ситуации, покривајте го лицето со рацете играјќи криенка наместо да ги бркате или смирувате.

Како што ќе растат нема да станува полесно, па и вие ќе се развивате и ќе поминувате развојно низ сите нивни фази. Ова значи дека постепено ќе учите и ќе се приспособувате на сите нивни промени и потреби. Во секој случај ќе станете подобри, поискусни и посилни родители. Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашите дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X