Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработката помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 35 години, а мојот син има 10. Се соочувам со анксиозност и веќе неколку месеци за тоа примам терапија, дадена од психијатар. Меѓутоа, паничните напади не ми се целосно исчезнати. Дали мислите дека треба да разговарам со детето за мојата состојба? Мислам дека забележува дека не сум истата. Дали е доволно голем за да сфати, да разговарам сама или да побарам помош од детски психолог?
Прашува: Ане

ОДГОВОР: Драга Ане, децата имаат неверојатна способност да забележат сè што се случува со нивните родители, но не секогаш имаат доволно капацитет за да го разберат тоа. Доколку детето забележува дека нешто невообичаено се случува, но притоа нема јасност и не може да го разбере тоа што се случува, природно е да се исплаши, загрижи или да се вознемири. Ваквите ситуации во кои детето забележува дека нешто не е во ред, но нема јасна претстава што всушност се случува, можат да предизвикаат и појава на катастрофични очекувања и силни стравови бидејќи нејаснотијата станува платно за проекција на најсилните потиснати стравови. Токму затоа разговорот и објаснувањето се многу важни. Детето не мора да ги знае сите детали околу ситуацијата, но важно е да знае дека тоа што се случува не е страшно, дека е минливо, дека не се случува поради него и не е негова вина, и дека вие имате лекар кој ќе се грижи за вас сè додека не се почувствувате подобро. Доколку сметате дека ви е потребна поддршка и разговор како најдобро да го направите овој разговор со вашето дете, размислете да побарате поддршка од училишниот психолог на вашето дете. Училишниот психолог го познава вашето дете и ја познава средината во кое вашето дете поминува голем дел од своето време, а исто така може и да го мониторира неговото однесување во рамките на училишниот сетинг и со вас како родител да сподели значајни увиди.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com
тел. 078445224

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X