„Овие денешни деца“ е фраза која пречесто ја слушаме и секогаш е во негативен контекст. „Овие денешни деца немаат почит кон постарите“. „Овие денешни деца сакаат сè веднаш и без вложен труд“. „Овие денешни деца се неблагодарни, а имаат многу повеќе отколку што ние имавме. Во нашето време“.
Имаат ли, навистина?
Имаат ли семеен ручек во недела кој го држи семејството секогаш заедно? Имаат ли родителите кои од работа доаѓаат доволно рано за да стигнат да ја подготват заедно вечерата, да ги разменат впечатоците од денот, да вечераат? Имаат ли доволно слободно време по училиште или трчаат како избезумени на спорт, од спорт на англиски, од англиски во музичко училиште?
Имаат ли со кого да поразговараат, а тој некој да не го прекине итен повик, е-пошта или порака на „Вибер“? Имаат ли, конечно, на кого да се угледаат кога се работи за односот кон родителите, за гледањето во екран, за квалитетна меѓусебна комуникација, семејни односи, почит?
Уште не сум сретнала невоспитано дете на кое родителите му се посветени. Кога ќе кажам посветени, не мислам – оние што ги купуваат најскапите патики и двапати годишно го носат на одмор во хотел со 5 ѕвездички. Мислам на оние што секоја вечер одвојуваат половина час за разговор со детето, очи в очи, без осуда, само – разговор. Мислам на оние што повеќе пати помислуваат на детето додека се на работа отколку што помислуваат на работа додека се со детето. Ако во меѓувреме, додека вашето дете растело, сте умееле да го сослушате секојпат, ако не сте ги прекинувале неговите зборови за да чуете нешто поважно, од некој возрасен, ако сте го третирале како лице вредно за почит, не постои баш ниту една причина тоа да не ви се врати.
Воспоставете ги правилата од најрани денови и држете се до нив. Да, и вие. Нема екран на масата? Нема ни за детето ниту за вас! Ручекот во викенд е секогаш во 14 часот и сите мора да бидат тука? Тогаш нема одење на шопинг или на натпревар ниту за вас во тоа време. Додека му се обраќате на детето, не сакате да гледа во екран? Не правете го тоа ни вие. Ниту тогаш кога детето има 2, ниту 12, ниту 20 години.
Родителството е многу тежок пат. Особено ако не дозволите да ве водат срцето и љубовта кон детето, туку очекувањата на другите луѓе, наметнатите вредности и желби преку детето да се докажете себеси. Тогаш станува ѓаволски тешко.
Автор: А. Цвјетиќ