Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Родители сме на две мали деца, на возраст од 3 години и бебенце 6 месеци. Се ближи периодот за одење во детска градинка, а поголемото дете сѐ уште е зависно од пелени. Имавме повеќе обиди за одвикнување, но неуспешно. Се случува да не кака по неколку денови кога е без пелени, па кога ќе му ги ставиме, си ја завршува работата. Морам да споделам и еден момент кој е битен во нашиот случај, пред една година детето имаше запек кој беше проследен со крв во столицата. Од тој момент како да има некој страв кога ќе дојде време за тој чин, бидејќи го гледаме како се стега целиот и ги стега и ножињата едно со друго. Секогаш си наоѓа некое место да се затскрие да не го видиме и мислам дека се плаши и од нас бидејќи му укажуваме дека таа работа се прави во тоалетот и дека сите другарчиња и ние, повозрасните, одиме во тоалет за таа работа. Ве молам за совет.

ОДГОВОР: Одвикнувањето од пелени е процес кој детето го почнува во моментот кога е биолошки спремно и истовремено му е дозволено да греши и да стекнува хигиенски навики. За да успеете во совладување на оваа развојна задача, детето мора да е развојно спремно. Поголемиот број деца помеѓу 15 и 18 месеци се спремни да ги препознаат телесните сигнали за мокрење и вршење голема нужда. Во просек очекуваното време за усвојување на контролата за мокрење и голема нужда е помеѓу 18 и 36 месеци. Девојчињата ги усвојуваат овие хигиенски навики порано, околу 29. месец, а момчињата во просек околу 31. месец.


Детето ја покажува спремноста за одвикнување ако покажува интерес како возрасните – родителите го користат тоалетот, моторичките вештини му се добро развиени, ја покажува потребата за мокрење и голема нужда и ако пелената е сува повеќе од неколку часа. Нормално е децата да се осамуваат кога вршат нужда во пелената. Тоа е интимна активност.

Во процесот на одвикнување од пелена одберете пофалување наместо казни и споредување. Пофалувањето ги зголемува самодовербата и чувството за способност за извршената задача, а вашето синче ќе биде мотивирано. Преголемата критика и споредување создаваат лутина и отпор.
Седењето на нокшир или тоалетна шолја не треба да го направите да биде игра за да не го збуните вашето дете. Времето кое седи на нокширот треба да биде кратко, по неколку минути, и да го потсетувате повремено за да не се направи отпор кај него.
Одвикнувањето е процес, трае и во тоа време има успеси и грешки. Не очекувајте на детето да му биде сува пелената и преку ноќ. Контролата на ноќното мокрење се усвојува подоцна и се толерира до шестата година.

Потсетете се дека во периодот на одвикнување од пелени вие и вашето дете имате и многу други заеднички активности и радости и не дозволувајте овој процес да биде најважен за вас. Уживајте во заедничките игри и обрнете внимание на другите успеси што ги постигнува вашето дете и нови развојни успеси.

Одговара: Наташа Маџевска, гешталт психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X