Неразвојните кризи се последица на подолготрајната напнатост во меѓусебните односи, кои можат да се манифестираат и со физичко насилство врз партнерот или децата, што претставува психопатолошко и социопатолошко нарушување
Кризите во семејството се резултат на стрес, а се предизвикани внатре во семејството или од надворешната средина. Семејните кризи може да бидат: развојни и неразвојни.
Развојни кризи се потенцијалните брачни кризи кои ги опишуваме како дел од рамките на животните циклуси во семејството. Тоа се таканаречени нормални, развојни кризи. Повеќето од семејствата ги надминуваат со сопствени сили и напори или со помош на стручните лица во советувалиштата.
Доц. д-р Слаѓана Анѓелковска, психолог
Неразвојните кризи се резултат на промените надвор од семејниот систем. Тие влијаат врз него посредно или непосредно. Тоа се оние кризи што се јавуваат во одреден животен циклус, но не се предизвикани со развојни задачи и промени во семејството. Тие се предизвикани со одредени случки, непредвидени ситуации или со долготрајно нарушување во односите меѓу членовите на семејството, најчесто помеѓу брачните партнери.
Неразвојните кризи се јавуваат кога е нарушена семејната рамнотежа. Доколку кризата не се разреши, семејството станува дисфункционално. Кризата се разрешува и со одлука на еден или двајцата брачни партнери да се разведат.
Неразвојните кризи се последица на подолготрајната напнатост во меѓусебните односи, кои можат да се манифестираат и со физичко насилство врз партнерот или децата, што претставува психопатолошко и социопатолошко нарушување.
Семејно насилство
Семејното насилство е најдобро чувана семејна тајна. Честопати партнерите надвор од семејството добро функционираат и надворешната средина не забележува траги на насилничко однесување.
Семејното насилство може да биде условено од личноста на партнерот, од психолошките нарушувања, а и од моделите пренесени од примарните семејства. Насилничкиот однос трансгенерациски може да се пренесува како модел на однесување и решавање на проблемите.
Во стресни ситуации, што може да бидат и најбанални, партнерите влегуваат во отворен судир со навреди, со физичко насилство, па дури и со напуштање на семејството. Тоа може да биде насочено и кон децата, што претставува еден од најлошите облици на злоупотребување.
Насилството во семејството мора да се сфати многу сериозно. Секогаш треба да се побара адекватна помош од компетентни институции за спречување, односно прекинување на насилничкиот однос. Во некои семејства насилството се спречува со разделување на партнерите, односно со покренување постапка за развод на брак.
Автор: Доц. д-р Слаѓана Анѓелковска, психолог
912