Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам 7-годишно дете кое е втораче. Во школо не пишува ако другите деца прават врева, тоа му пречи и ги затнува ушите. Има проблем со броевите, наставничката вели дека редовно носи домашна и кога ќе му каже да отвори на некоја страница од учебникот, тој прв отвора, но ако го праша потоа кој број е, не го знае. Решава задачи и кога ќе се замори, почнува да греши и се нервира. И ако нешто не знае се нервира и си ја удира главата. Што да правам?
ОДГОВОР: Некои деца по природа се позатворени, потивки, посрамежливи.
Од вашето прашање добив заклучок дека вашето дете не се снаоѓа многу добро со училишните обврски и дека повремено има послабо внимание, но исто така имам чувство дека како да очекувате тоа само да почне да брои или да кажува и да вежба.
Би било добро да почнете да разговарате со вашето дете за училиштето и што се случува таму, а и вашето внимание повеќе да го фокусирате кон него и неговите училишни обврски.
Разговорот за училиште со вашето дете ќе му даде чувство дека сте заинтересирани за она што го доживува и за она што се случува во неговиот живот. Тоа, воедно, ќе му помогне да создаде удобно и безбедно место за да разговара за тоа што го прави среќно, како и за работи што прават да му е непријатно и да се чувствува несигурно. На овој начин детето и само вежба да обрнува повеќе внимание и да се фокусира на дадените задачи и да добие чувство за тоа што се очекува од него и за предизвиците со кои се соочува.
Кога ја удира главата поради нешто што не го знае, детето се соочува со некоја емоција и нешто го мачи, па потребна му е помош за да научи како да ја препознае таа емоција и да ја изрази. Децата тешко се справуваат со неуспесите и понекогаш се многу строги кон себе.
– Знам дека се налути што погреши, но ти не смееш да се удираш… удирај во перницата“, „Ова некако потешко ти оди, ајде да видиме каде погреши за да можеш да поправиш.“ Комуницирајте со детето, за него тоа е многу важно. Објаснете му дека е нормално да погреши и да не знае нешто, но дека со вежбање ќе научи. Охрабрувајте го кога ќе успее, а не критикувајте го кога не знае и направете мала пауза кога гледате дека се уморил. Со добра структура во денот и со почитување на рутината на јадење, спиење и одмор, како и поминување време со вас, верувам дека вашето синче ќе се чувствува посигурно и поконцентирано при извршувањето на училишните обврски.
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912