Секое утро иста борба. Почнува со чевлите, а завршува со капата. Облекувањето не е нејзина силна страна. Не сака да се облекува и затоа што секое утро тоа го дава до знаење преку врескање, јас го мразам тоа дури и повеќе од неа.

И кога конечно ќе успееме навреме да ја напуштиме куќата, веќе почнувам да се подготвувам за истата борба попладне. Единствена утеха: не сум сама. Оваа игра со борбата околу капата ја играат сите родители и деца од овој свет. Се прашувам, мора ли да биде така?

Експлозијата наречена капа и длабокото дишење

Некои работи се учат на потешкиот начин. Мораш да го поминеш тоа за да знаеш – да, тоа не ми беше баш паметно. Освен подметнувањето на гумените мечиња и бескрајните предавања, зошто капата баш сега мора да се стави, некогаш завршува и со гласен тон. Но, долгорочен резултат нема. Напротив. Со инсистирањето само ја влошуваме ситуацијата. Барем така е со мојата ќерка.

Се расправаме и викаме. Упорноста со која се бори ја заслужува мојата најголема почит. Ме мачи само тоа што во сè морам да учествувам. Бидејќи многу брзо губам трпение. Чувството на беспомошност и бес ме преплавува и станувам ѕвер. Самата сум изненадена од таа состојба, но така е. Треба да се контролираме – прв чекор, длабоко дишење.

Нема од студот да ѝ паднат ушите

Да, во зима е студено. Мене ми е студено. Прстите брзо ми се смрзнуваат. И ушите. Се разбира, моето дете и понатаму со сите средства се брани од шал, ракавици и споменатата капа додека мене во главата ми се врти воспаление на белите дробови, температура, кашлање и педијатар. Помислувам и на мојот работодавец, кој особено е среќен кога се јавувам на работа дека нема да можам да дојдам заради болест на детето.

Се обидувам да ја рационализирам ситуацијата. Од студот нема да ѝ паднат ушите, барем не во почетокот додека сме надвор. Исто така, студениот воздух нема да ја разболи, туку вирусите и бактериите и падот на имунитетот. И навистина, ни јас не носам секогаш капа, барем не сега додека уште не е навистина зима. Тој заклучок привремено ме смирува и попуштам. Па не мора капата секогаш да се носи. Само се надевам дека ќе ја препознае капата како добар помошник кога надвор ќе застуди.

„Детето ќе облече нешто кога ќе му биде студено“… како што вели Јеспер Јул во својата книга „Вашето компетентно дете“. А тој сигурно знаел бидејќи е алфа и омега кога се работи за воспитувањето деца. Вистина е, никогаш не би помислиле да му ставиме капа на својот партнер или на најдобриот пријател, едноставно затоа што претпоставуваме дека тие се способни да го направат тоа самите. На своите деца им го скратуваме тоа право. Освен тоа, постојат деца на кои секогаш им е ладно и оние на кои секогаш им е топло – дури и во зима. Кога малку ќе размислам, не е тоа нешто што не можев и самата да го сфатам. Но едноставно, немаме секогаш капацитет, особено кога има и борба со дете што вреска.

Автор: Линда Бергер



912

X