По речиси еден месец од почетокот на учебната година наставниците имаат различни искуства, но генерално сметаат дека за реализација на оваа идеја се потребни многу поголеми подготовки

Речиси еден месец учениците од четврто одделение учат од дигитални учебници преку своите компјутери, мобилни, таблети, кој што има – ако има, и кој како се снаоѓа, но согласно новата Концепција за образование. Откако беше презентирана новата Концепција за основно образование, во јавноста се јавија многу реакции, како од родителите така и од наставниците.

Сепак, експертите велат дека од некаде мора да се почне и дека времето ќе покаже колку одредените промени се успешни или не.
Дали новиот модел на дигитализирана настава што почна да се применува ги дава посакуваните ефекти, колку таа е вистинска настава, а колку импровизација и што треба да се менува.
По речиси еден месец од почетокот на училишната година наставниците имаат различни искуства, но генерално сметаат дека за реализација на оваа идеја се потребни многу поголеми подготовки.
За таа цел, прашавме два одделенски наставнички кои оваа година имаат нов предизвик, да се приспособат на новата настава, но и да ги приспособат децата.
Мислењата и кај нив се поделени, едни велат дека елементарните недостатоци ја прават отежнувачка и комплицирана наставата за учениците, а кај други впечаток е дека децата лесно се приспособиле на ваквата настава.

Потребна беше пробна настава

Ана Блажевска-Анчевска, наставничка на четвртоодделенци од скопското Основно училиште „Коле Неделковски“, вели дека како новина, дигитализацијата е исправна, но смета дека претходно требало да се направат многу истражувања, пробни часови со замислената техника која ќе се употребува и дигиталните учебници.
Според неа, за ваков вид настава на наставниците им е потребно повеќе време за да се подготват за час, но сепак смета дека се справуваат и со овој предизвик.

– За еден ваков тип час, потребно е сите деца пред себе да имаат електронски уред за да може да го следат часот. Нашите ученици немаат електронски уред пред себе, ниту, пак, печатени учебници и затоа дополнително им е отежната работата – вели наставничката Ана.


Посочува дека прашањата и задачите им ги пишува на табла, а учениците ги препишуваат во своите тетратки, со што се губи време за кое би можеле да решат повеќе задачи.

– Наставните содржини им ги презентираме преку ЛЦД-проектор, а интерактивните табли треба да стигнат до крајот на овој месец – додава наставничката.
Според неа, печатените учебници ќе им недостигаат особено по предметот македонски јазик кога читаат текстови, кога имаат штафетно читање или драматизација на некој текст.

– За потребите од читање на која било содржина, неопходно е пред секое дете да има печатен учебник бидејќи не може сите деца да читаат од интерактивните табли, поради проблеми со видот или некоја друга состојба – заклучува таа.

Децата брзо се навикнуваат

Соња Трифуновска, одделенски наставник во ООУ „Гоце Делчев“ во Тетово, вели дека секоја новина или реформа во образованието кај наставникот буди многу прашања, а најважното прашање е колку таа реформа ќе придонесе за подобрување на воспитно-образовниот процес и зголемување на квалитетот на образованието. Тоа, според неа, е и целта на секоја реформа.

Соња Трифуновска

Во нејзината паралелка сите деца имаат таблети.

– Поголемиот број од децата ги носат уредите од дома, а децата што немаат добија од МОН како помош за социјално ранливите категории. Во училиштето имаме една интерактивна табла – вели таа.

Според Трифуновска, децата многу брзо се навикнале на промените, умеат да ги користат учебниците и лесно се ориентираат во нив, ги бележат страниците или дел од содржините, самостојно ги решаваат дигиталните задачи и знаат како да добијат повратна информација за сработеното – посочува таа.

– Сè уште ми е малку чудно што немам печатен учебник в рака, особено кога им читам текст на учениците, но полека се навикнувам на промените и применувам нови приоди во наставата за учењето за да им биде поинтересно и помотивирачко и да ги постигнат очекуваните резултати.

Вели дека како наставник се нашла пред предизвик и била загрижена како ќе се справи со задачите и дали учениците ќе го прифатат овој вид настава и учење и каков напредок ќе имаат.

– Во наставата што ја изведувам дигиталните учебници не се единствен извор за учење. За учениците и сама подготвувам наставни материјали, печатени и дигитални: литературни и информативни текстови, презентации, дигитални сликовници, интерактивни листови, наставни листови, образовни игри, квизови. Се чувствувам многу послободна при користењето на ресурсите за учење и повеќе ја користам својата креативност при реализацијата на наставата – објаснува таа.

Како тече еден час во четврто одделение?

Наставничката Соња Трифуновска вели дека на часовите по природни науки, историја и општество и математика во главниот дел на часот најчесто им подготвува презентација, потоа секогаш добиваат задачи по групи за кооперативно учење, се води дискусија и се донесуваат заклучоци кои ги запишуваат во тетратка, се решаваат задачи на табла и во тетратките или дигитално во учебниците, а понекогаш се анализираат илустрации од дигиталните учебници.

– Речиси секогаш овие активности имаат истражувачки карактер и поврзаност со практични активности од секојдневниот живот. Во завршниот дел на часот им задавам наставен лист (печатен) или интерактивен (дигитален), почесто квиз или дигитална образовна игра за проверка на наученото, за што учениците добиваат и повратна информација. На часовите по мајчин јазик при обработка на текст учениците го читаат штафетно од дигиталниот учебник, но другите активности на часот се поврзани со примена на техники од јазична писменост (ленти со реченици, ѕвезда на приказната, вокабулар во 4 агли и слично). Учениците го користат учебникот секогаш кога сакаат да се потсетат на содржината на текстот или да се вклучат во извршување на дигиталните задачи. Но, генерално, учениците не ги користат постојано дигиталните учебници, туку само на мал дел од часот – објаснува таа.



912

X