Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете има 1,5 година и многу ретко се врти кога ќе му се обратам по име, не ме слуша што и да му кажам. Сѐ уште не зборува, понекогаш знае да изусти баба, мама… Ве молам за совет.

ОДГОВОР: Потрудете се да го повикате вашето детето во ситуации и просторија каде што не е толку многу окупирано со различни стимулации околу него. Детето да не е во просторија каде што има многу метеж или различни играчки кои му го одвлекуваат вниманието. Тогаш седнете до него и повикајте го. Ќе забележите дали го врти погледот кон вас, потоа оддалечете се малку и пак повторете го истото, во овој случај доколку детето се сврти, мавнете му рака и насмејте се, приближете се и гушнете го.

Би било добро да играте игри во кои покажувате прво кон вас „тато“ и вашето име, потоа со вашата рака покажете кон него и ставете ја раката на неговите гради изговарајќи го неговото име. Потоа земете ја неговата омилена играчка, ако игра со некоја посебно и има име, покажете кон играчката и повторете го истото како и со вашето детенце.

Користете играчки со звуци, сликовници со допир кои испуштаат звук, понудете две играчки и нека одбере која ја сака.
Доколку сѐ уште се соочувате со овие појави кај вашето дете, би ве посоветувала да се обратите на консултации кај вашиот надлежен педијатар и со логопед за да одредат дали на вашето дете му е потребна дополнителна помош за развој на говорот.
Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација во форма на опширен пишан одговор или онлајн средба на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X