Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Јас сум загрижена мајка на едно 5-годишно машко дете. Беше умно, паметно, соработливо дете, но повеќе не е. Пред еден месец добив и второ дете и никако не дозволивме да се почувствува изолиран или да не му се обрнува внимание, напротив, мислам дека тоа го искористи и сѐ му беше дозволено. Оди во градинка, но и таму една недела правел проблеми, не соработувал, си терал по свое, а на улица знае да удри некое дете. Понекогаш знае да остане на спиење кај моите родители , но и нив не ги слуша, сака сам да оди на продавница или сам да шета со другарите од маало. Треба повеќе пати да викнеш за да дојде да го прашаш нешто или сл. На секој збор знае да додаде нешто, кажува недолични работи. Го прашуваме зошто се однесува така, а неговиот одговор е: Јас сум голем. Кажете совет како да постапиме.

ОДГОВОР: Промените во семејната динамика носат нови искуства, нови емоции, но и нови можности за учење. Вашето дете ја презема улогата на поголем брат и се обидува да се справи со неа на негов својствен начин.

Промените во воспитниот стил во однос на тоа да му се надомести вниманието и да му се задоволат сите барања, како што вие кажавте „сѐ му беше дозволено“, се нов начин несвојствен за него, каде што тој ги тестирал своите способности и пораснала неговата психолошка моќ, а со тоа и непослушноста. Затоа е важно да почнете полека да ги враќате старите навики, рутини, правила и граници во домот, враќајќи го вашиот авторитет. Не пропуштајте ситуација на позитивно однесување и секогаш поткрепувајте го со охрабрувачки глас дека сте му благодарни што ве слуша, што ви помага, што се грижи за вас и за бебето, колку сте горди на него и колку е тоа важно за вас.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X