Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Се работи за 3,5-годишно момче кое пред извесно време почна да си го пипка половиот орган преку алишта и ние, како родители кои се соочуваат со нешто ново, а воедно и плашејќи се да не го збуниме и да не му создадеме некакви фрустрации, се обидовме да не му влијаеме на ниту еден начин, туку да го оставиме со надеж дека тоа е нормален дел и дека од љубопитство си го истражува своето тело. Но како што минува времето, тој и понатаму продолжува, веќе со поголем интензитет и на моменти изгледа како да се самозадоволува. Дури и добивме реакција од учителките во градинка дека им е непријатно со оглед на тоа што го гледаат и другите дечиња не знаејќи што прави. Пробавме да разговараме со него, но иако знае во моментот да престане, потоа повторно продолжува, од што забележуваме дека нема чувство за срам дека прави нешто што не треба. Ве молам за совет како да постапиме.

ОДГОВОР: Нормално е децата, во контекст на истражување и откривање на своето тело, да откријат дека триењето или допирањето на одредени делови од телото предизвикува пријатна сензација.
Ова е здрава и пријатна активност преку која детето го истражува, открива и го запознава своето тело. На децата, освен задоволството што го чувствуваат, им служи за задоволување и на други физиолошки и психолошки потреби како: ослободување на напнатоста, намалување на анксиозноста, намалување на досадата, смирување или кај некои деца – помош при заспивање. Kај детето предизвикува задоволство и природно е да го повторува.
Овој феномен се нарекува физиолошка мастурбација кај децата и има сосема поинакво значење отколку за нас, возрасните, за децата тоа е спонтана љубопитност.

Иако вам како родители веројатно ви е непријатно и срамно, мора да го доживеете како нормална фаза на развојот, која кај децата не е поврзана со сексуалноста како што ние ја доживуваме.

Иако ова однесување е природно и нормално, неопходно е да се постават граници. Користејќи јазик соодветен на неговата возраст, кажете му дека е во ред да биде љубопитен, но дека ова е приватна активност, исто како одењето во тоалет, и дека може да го прави во својата соба или во тоалетот. Дека не е баш соодветно да се прави во градинка, во продавница, надвор итн. Бидете нежни во објаснувањето за детето да развие чувство на приватност и скромност во однос на ова. Многу е важно да не го казнувате и да не се почувствува виновно бидејќи тоа може да има негативно влијание врз начинот на кој подоцна ќе ја доживува својата сексуалност.

Поминувајте повеќе време заедно и бидете полни со љубов и поддршка. Разговарајте со воспитувачките, тие секако знаат дека ова е сосема нормален дел од развојот (можеби за нив непријатно, но за децата сосема нормално) на кој начин да го пренасочат детето кон друга активност кога се случува ова.
Ако забележите дека поминува многу време допирајќи се себеси, обидете се да му го одвлечете вниманието со нешто друго или најдете некој друг начин да се смири доколку почувствувате дека чувствува некоја напнатост.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X