Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мајка сум на 18-месечно дете и сум загрижена што не зборува и не оди само. Разбира кога му зборувам, на пр., „гушни ме“, „дај ѝ на мама“. Го пуштам сам да оди, но многу се плаши и не знае да паѓа, паѓа на глава. Кога седи сам, не може да стане. Се плашам малку зашто гледам како другите дечиња седнуваат, стануваат и паѓаат на газе, но моево е ептен како без сила.
Имам и ќеркичка која го третира како да е кукла, го носи, го крева, го бакнува, но се плашам дека ќе го повреди, веќе неколку пати ѝ има паднато. Сите методи ги пробав, и со убаво и со лошо, за да ѝ објаснам, но не ме слуша. Како да ја натерам да ме слуша? Во странство сме и по цел ден сум сама со нив дома. Ве молам за совет.
ОДГОВОР: Првите чекори, истражувањето на околината, кажувањето на првите зборови кај некои деца почнува многу рано, а кај некои подоцна.
Што се однесува до вашето помало дете, би било добро да го стимулирате, да играте и да работите со него. Придружувајте го во одењето, да се качува, спушта, да удира топка, да скока, дозволете му да почувствува различни материјали под нозете, од плочките до грубоста на тепихот, дозволете му да оди бос по тревникот, по ситни каменчиња. Учете го да станува и да се крева со ваша помош секој ден, да се наведнува, да се истегнува во фаќање работи, охрабрувајте го кога оди вие на едната страна, на другата таткото на помала далечина, а со време ќе ја зголемувате. Играјте оддалечување на омилената играчка за да дојде до неа, редење коцки, туркање, влечење играчка., Кога зборувате гледајте во него, бидете опуштени и насмеани и постојано поттикнувајте и охрабрувајте го.
Што се однесува до поголемата ќерка (не сте навеле колку години има) викањето и удирањето не носат резултат, туку напротив уште повеќе прават децата да протестираат, да бидат лути и да прават онака како што намислиле.
Малите деца се ограничени во нивната способност да ги следат упатствата.
Тие учат со љубов, смиреност, добрина и едноставни команди.
Но, разбирам дека е тешко кога сте сами со две мали деца, понекогаш сте толку исфрустрирани што во тој момент единственото нешто што можете да го направите е да подвикнете. Тогаш единственото што таа го учи од вас е таквото однесување. Би ве посоветувала во тие моменти да изброите до 10 и малку повеќе, да го тргнете помалото дете и смирено да поразговарате во вашата ќерка. Спуштете се на нејзино ниво и повторувајте одново и трпеливо.
Покажете ѝ како „убаво да допира“, не еднаш, туку многу пати. Побарајте да најде друга играчка за нејзиниот брат или за себе, користете приказни или примери објаснувајќи зошто е важно да биде нежнa. Пофалете ја и наградете ја кога прави добро и кога му помага.
Поминете време со неа за да ѝ ја исполните нејзината потреба за внимание и игра. И секако, потребен е поголем надзор, надгледување за да можете да интервенирате во кое било време.
Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашите деца, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.
912