Од лични контакти, комуникација со родители, пријатели имам сознанија дека има одреден број деца со аутистичен спектар на однесување во нашата држава што не се вклучени во образовниот процес. Тоа покажува дека загарантираното право на образование на секое дете во Република Македонија сè уште има селективен карактер, вели Иле Михајловски, наставник во училиштето „Кирил и Методиј“ во Свети Николе

Македонија повеќе од 20 години талка со поимот инклузија. Се копираат одредени инклузивни модели од странство, но конкретен закон за инклузија нема. Не постојат статистички податоци колку деца со аутистичен спектар на однесување се исклучени од образовниот процес. Од друга страна, во многу училишта има деца кои се запишуваат без никаков документ за нивната состојба, напротив, родителите носат документ издаден од матичните лекари кој потврдува дека се со уреден психофизички развој за запишување во училиште. Тоа е контрадикторно, вели Иле Михајловски, наставник во училиштето „Кирил и Методиј“ во Свети Николе. Тој веќе две децении работи со луѓе со посебни потреби, а во последните пет години имаше и ученик кој успешно го спроведе низ првите пет одделенија од основното образование. Со него разговараме за инклузијата, за подготвеноста на наставниците да работат со овие деца во првите години од образовниот процес, за предизвиците со кои се соочуваат училиштата и нашето општество.

Секое дете во Република Македонија има со Устав загарантирано право на образование. Колку ова право важи и за децата со аутизам?

– Правото на образование на децата со аутизам и на сите други деца со попреченост би било еднакво доколку во нашата држава постои јасен закон за инклузивно образование. Нашата држава над дваесет години талка со поимот инклузија, се копираат одредени инклузивни модели од странство, но конкретен закон за инклузија нема. Тоа носи непоправлива штета на сите категории деца со попреченост, вклучувајќи ги и децата со аутистичен спектар на однесување. Токму овој проблем предизвикува селективност на загарантираното право на образование на секое дете.

Имате ли податок колкав е процентот на децата со аутизам кои, поради својата состојба, се исклучени од образовниот процес?

– Вакви статистички податоци немаат ниту релевантните институции, како Министерството за образование и наука и Министерството за здравство. Од лични контакти, комуникација со родители, пријатели имам сознанија дека има одреден број деца со аутистичен спектар на однесување во нашата држава не се вклучени во образовниот процес. Тоа покажува дека загарантираното право на образование на секое дете во Република Македонија сè уште има селективен карактер.

Каде ги гледате главните причини за оваа состојба?

– Главна причина е непостојниот закон за инклузија. Други, еднакво сериозни причини се: неподготвеноста на училиштата да работат со децата со аутистичен спектар на однесување, отсуство на квалитетен и обучен наставен кадар и стручни профили (дефектолози, логопеди, асистенти…) во секое училиште, отсуство на сензорни соби, адаптирани учебници, дидактички материјали, наставни средства. Тука е и менталитетот на нашиот народ, кој укажува на сериозен проблем во еднаквото прифаќање на различните од себе.

Имавте ученик со аутизам кој од септември продолжува во предметна настава. Ученикот тргна во прво одделение една година подоцна. Зошто?

– Затоа што не го поминал класичното тестирање за упис во прво одделение, па била дадена препорака да се запише следната година. Ова веќе укажува на друг проблем: децата со аутистичен спектар на однесување не треба (повеќето од нив ниту можат) да го поминат основното тестирање за упис во прво одделение. Ова води до трет проблем: отсуство на соработка на Институтот за ментално здравје со училиштата. Тимот од стручни лица што ја воспоставува дијагнозата за аутистичен спектар на однесување на документот кој го издава само пишува препорака за инклузивно образование. Самиот поим „аутистичен спектар на однесување“ јасно укажува дека ниту еден случај не е ист, туку носи свој модел на однесување, способности и можности, ограничувања и слабости. Таквата сиромашна препорака, без детален опис на состојбата, не дава никакви јасни насоки кои се слабите, а кои силните страни на детето. Сево ова дополнително ги збунува стручните служби во училиштата и наставниците во врска со тоа на кој начин правилно и адекватно да го прифатат детето во редовниот образовен процес. Претпоставувам дека дел од училиштата ги враќаат овие деца или поради немањето закон за инклузија, не ги запишуваат во училиште.

Многу наставници велат: „Не сме обучени да работиме со деца со аутизам, неопходни се асистенти во наставата…“ Недостига ли можеби и малку повеќе труд и желба да се вклучат овие децa во образовниот процес?

– Tочно е дека многу наставници не се обучени за работа со деца со аутистичен спектар на однесување, како и фактот дека асистенти во наставата се итно потребни. Министерството за образование и наука треба да обезбеди обуки за сите наставници во основните и во средните училишта, со оглед на тоа што бројот на деца со аутистичен спектар на однесување од година на година сериозно се зголемува. Стравот од непознато е реален кај многу наставници, секако и оправдан. Не би сакал да зборувам за штетните последици од неадекватниот пристап и работа на секој наставник со овие деца. Асистенти во наставата во многу европски земји се вклучени многу одамна во училиштата. Кај нас последниве две-три години само се зборува за нив. Некои родители сами плаќаат за придружници на своите деца додека се во училиште, а тие се далеку од улогата на асистент. Асистенти треба да се лица со соодветно образование (дефектолог, логопед) за да можат да одговорат на индивидуалните потреби на ученикот. Во недостиг на финансии (најчест проблем) и на стручни профили, дел од семејствата обезбедуваат какво било лице кое го придружува детето и ги задоволува неговите основни потреби додека е во училиште (храна, физиолошки потреби, носење до училиште и враќање дома). Целокупната образовна работа со ученикот е обврска на наставникот, кој се сретнува со сериозни тешкотии во балансирањето на работата со него и со останатите ученици во одделението. И да, потребни се и труд и најмногу желба на сите релевантни фактори за успешно вклучување на овие дечиња во образовниот процес.

Каква е состојбата во поголемите градови, а каква во помалите места?

– Нашата држава и општество не се имуни на појавата на сè поголем број деца со аутистичен спектар на однесување, без разлика на големината на населеното место. Единствените разлики се што родителите во поголемите градови имаат поголем избор за адекватни активности на нивните деца – пливање, невладини организации со стручен кадар кои успешно работат за подобрување на социјалните и образовните вештини, приватни дефектолози… Во помалите места се чувствува дефицит. Генерално, сево ова е условено и од материјалните можности на семејството бидејќи најчесто ваквата предност значи дополнителни трошоци.

 

Што треба надлежните министерства да преземат за да се надмине оваа состојба?

– Три ресорни министерства треба да ги здружат силите за да се надмине децениската пасивна состојба за инклузивното образование во нашата држава – Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и Министерството за социјална работа и социјална политика. Пред сè, мора да се донесе јасен и конкретен закон за инклузивно образование, а потоа и закон за рана категоризација. Во многу училишта се сретнуваме со деца со аутистичен спектар на однесување и други категории на деца со попречености кои без никаков документ за нивната состојба се запишуваат во основно училиште. Наспроти тоа, родителите носат документ издаден од матичните лекари на детето со кој се потврдува дека е со нормален психофизички развој за запишување во училиште. Тоа е контрадикторно. Овој проблем е покомплексен бидејќи, за жал, сè уште постојат семејства кои не можат да го прифатат фактот за состојбата на своето дете, па се обидуваат да го вклучат во редовното образование по секоја цена. Вака вклученото дете во образовниот процес е само жртва на нефункционирањето на институциите и амбициите на родителите. Образованието кое не е приспособено според можностите и способностите на детето му носи непоправливи штети врз неговиот развој. Материјалната состојба на училиштата во нашата држава е повеќе од скромна, да не речам сиромашна, па не се во состојба да обезбедат услови за непречено образование на овие деца. Државата е таа што треба да издвои средства за да се подготват и обезбедат: адаптирани учебници за децата со аутистичен спектар на однесување и други категории деца со попречености, секое училиште да има барем една сензорна соба, доволно наставни и адаптирани дидактички материјали кои ќе одговорат на потребите на овие деца во образовниот процес, стручни профили во училиштата, асистенти за овие ученици во секое училиште и обучени наставници кои како целина би значеле успешно инклузивно образование.



912

X