Иле Михајловски, наставник од Свети Николе, веќе две децении работи со луѓе со попреченост, а во изминатите пет години во одделението имаше ученик со аутизам. Првиот случај на високо функционален аутизам го сретнал на обука во Литванија пред 17 години. Оттогаш бил сведок на многу драматични ситуации – првичните дијагнози, стравот на родителите, соочувањето со новата ситуација

Македонија не е имуна на зголемувањето на бројот на деца со аутизам. Прифаќање на новата состојба од потесното семејство, страв од средината во која живеат, отвореноста на институциите… Сето ова кај семејствата може да предизвика повлекување од социјалниот живот. Силно влијание има и менталитетот на нашиот народ, кој тешко или резервирано ги прифаќа различните од себе. Особено во помалите градови и во селата, вели Иле Михајловски, кој освен како наставник во Свети Николе, две децении работел со луѓе со попреченост. Во изминатите пет години во одделението имаше и ученик со аутизам.

Првиот случај на високо функционален аутизам го сретнал на обука во Литванија пред 17 години. Оттогаш бил сведок на многу драматични ситуации – првичните дијагнози, стравот на родителите, соочувањето со новата ситуација.
– Многу зависи од карактерот и од интелектот на родителите, правилниот пристап на стручните лица што ја донеле дијагнозата, советите што им ги даваат на родителите, прифаќањето на новата состојба од потесното семејство, стравот од средината каде што живеат, отвореноста на дел од институциите за прифаќање на нивното дете – градинки, училишта, игротеки, однос на вработените кога со детето се оди во продавница, на заболекар, во театар… Сето ова кај дел од семејствата може да предизвика стигматизираност. Силно влијание има и менталитетот на нашиот народ, кој тешко или резервирано ги прифаќа различните од себе. Верувајте, на родителите им е многу тешко – некои долго време не можат да ја прифатат ситуацијата, некои со неверување ѝ пристапуваат на дијагнозата, но има и родители кои отворено, од почеток ја прифаќаат реалноста и се обидуваат да дадат максимум за своето дете – објаснува Михајловски.

 

Менталитетот на нашиот народ убива

И во помалите градови и во селата се зголемува бројот на деца со аутистичен спектар на однесување. Разликата е што во помалите средини има помал избор на активности во кои може да бидат вклучени децата. Михјаловски вели дека во последните години во Скопје се одржуваат трибини, настани на кои се повикани странски стручњаци за оваа област. Тоа за семејствата од помалите средини претставува проблем – некогаш не се информирани или се спречени да присуствуваат, или тоа им претставува финансиски товар.
– Затоа почнав со работата на блогот и веб-страницата, за да биде место за споделување на информации, материјали, прирачници и книги во електронска форма. Се надевам дека може да им биде од корист на родителите, но и на наставниците што работат со овие деца. Сметам дека стигматизираноста на семејствата во помалите градови и села е поголема, иако не се исклучок ниту поголемите градови. Повторно, причина е менталитетот на нашиот народ при прифаќањето на различностите. А тоа најмногу боли – вели Михајловски.
Кога ќе дојде време детето да влезе во образовниот систем, соработката на родителите со наставникот многу зависи од тоа како родителите ја прифатиле состојбата на своето дете. Соработката на релација наставник-родител е пресудна за напредокот на детето.
– Родителите на децата со аутистичен спектар на однесување се библиотека од корисни податоци. Тие се исклучително важни и потребни за наставникот што работи со нивното дете. Му помагаат на наставникот да ги знае силните и слабите страни на детето, состојбата на говор, интерес, внимание, координацијата на телото, специфичните модели на однесување… Сево ова е клучно за тоа успешно да се интегрира меѓу другите ученици во одделението. Соработката со родители што не ја прифатиле реално состојбата на своето дете, ја негираат, е значително пониска или воопшто ја нема, никако не му оди во прилог на нивното дете додека е во училиште. Во тој случај, целиот товар останува на наставникот – објаснува Михајловски.

Карикатура, подарок од ученици

Секое семејство е приказна за себе

Факултети.мк неодамна ја објави приказната за Михајловски и неговото петгодишно искуство со ученикот со аутизам кој од септември ќе оди во шесто одделение. По објавувањето на приказната преку социјалните мрежи му се обратиле десетина родители на деца со аутистичен спектар на однесување. Вели дека како и сите други семејства, секоја приказна е сама за себе.
– Би зборувал општо. Тие се родители како на секое друго дете, но нивните обврски се реално пообемни и потешки. Родителите што тешко ја прифатиле или ја негираат состојбата на своето дете немаат големи очекувања, барем во делот на образовниот процес. Негирањето води кон губење интерес за информирање, размена на искуства, полесно вклучување на нивното дете во средината на живеење. Тоа не значи дека се лоши родители. Но, нивното дете е најчесто дома, без потребни активности кои би ја подобриле социјализацијата, а со тоа и стекнувањето основни животни вештини. Родителите што од почеток реално ја прифатиле состојбата на своето дете се најчесто отворени за соработка и имаат интерес за напредокот на нивното дете на секое поле. Има и амбициозни родители кои се откажале од работата (мајка или татко) за да бидат постојано вклучени во секој аспект од животот на своето дете. Во тој случај може авторитетот на едниот родител да биде интензивно послаб, како компензација на отсуството додека е на работа – објаснува Михајловски.

Внимавајте, има и виртуелни симптоми на аутизам

Тој наведува случаи каде што еден од родителите ја има прифатено состојбата на своето дете, а другиот пасивно ја негира. Тука товарот најмногу паѓа на првиот, особено затоа што вложува дополнителен труд да го разбуди и другиот родител за да се вклучи во борбата за своето дете.
– Има семејства што ја прифатиле состојбата, но ги боли ладниот однос од средината и затвореноста на одредени институции за прифаќање на нивното дете. Полека го губат интересот за социјална интеракција, најчесто како одбранбен механизам од лошите погледи на луѓето упатени кон нивното дете. Најмногу ме боли сознанието дека постојат и разведени родители на деца со аутистичен спектар на однесување, каде што причината за разводот лежи токму во детето и неговата состојба – вели Михајловски.
Тој е дециден дека родителите треба сериозно да ја исклучат долготрајната изложеност пред таблет, компјутер или паметен телефон. Не само кај децата со аутизам, туку и кај другите деца тоа предизвикува виртуелни симптоми на аутизам.
– Значително ја намалува потребата кај детето од социјална интеракција, потребата за комуникација, а најмногу му штети и на развојот на правилен говор кај детето, подобрување на графомоториката, координација на локомоторниот систем. Наместо ова, корисно е кај детето да се развива желба за прошетки, едноставни спортски активности, возење велосипед, пливање, вклучување боенки и книги со илустрации – вели Михајловски.
Кај одреден број деца со аутистичен спектар на однесување се покажало особено корисно чувањето на домашно милениче (куче како најдобар пример). Корисно е детето да се вклучи во секојдневието за да стекне едноставни животни вештини – местење на креветот, средување на облеката, подготвување едноставен оброк, начинот на кој се користат некои апарати во домот. Исклучително е важно уште од почеток да се работи со детето на препознавање и почитување на авторитет од родителите, кој е солиден темел за стекнување на потребните животни вештини во иднина.
– Искрено, родителите на децата со аутистичен спектар на однесување се најголемите борци што ги имам сретнато. И покрај сите сопки и пречки со кои се сретнуваат секојдневно, и покрај непреспиените ноќи, надвор од какви било рамки, се родители за почит. Не ми останува ништо друго освен да им речам: СЕКОЈА ЧЕСТ! – вели Михајловски.



912

X